Deftones – Koi No Yokan [Reprise, 2012]

Спотот за Bored, од нивниот деби-албум Adrenaline, го открив неколку години откако дебело се навлеков на Deftones, но тој само ми го потврди тоа што го насетував од сите претходно прочитани интервјуа, биографии, изјави – дека тие се маалски бенд. Уште поточно – другарски. Нема занесување, јасно е оти од режиран, снимен и продуциран четириминутен видеоклип не може да се добие вистинска слика за крвотокот на една рок-група. Доказ за тоа се пронаоѓа во постапки и во реакции поврзани со настани од реалниот живот. Со таква страшна ситуација составот се соочи во 2008 година кога басистот Чи Ченг за влакно избегна смрт во сообраќајна несреќа и падна во кома. Во тој период, четворката посветено работеше на шестиот студиски диск, го доведе до финална фаза, го нарече Eros и го откажа издавањето. Тогаш нагласија дека одлуката не е резултат на тешката здравствена состојба на сега 42-годишниот музичар, но меѓу редови се читаше оти таа силно, ако не и пресудно, влијаела.

Не сум сигурен, ама некој веројатно одамна запишал дека најверодостојната уметност се раѓа во сенката на болката и тагата. По исцрпувачкиот колективен и индивидуален пад како резултат на незгодата на нивниот пријател од детството, Deftones успеа да се издигне во можеби уште посилен, поповрзан, бенд. Тоа се чувствуваше на одличниот Diamond Eyes и пара очи на феноменалниот следбеник, Koi No Yokan. Седмото цеде го прикажува квартетот како цврста и компактна формација чии членови функционираат како подмачкани минијатурни делчиња на габаритен часовник. Групата, чии почетоци датираат уште во 1988 година во Сакраменто, кога скејтерството и средното училиште ги споило на иста фреквенција, отсекогаш билa неверојатно флуидна. Изненадува како нејзините основачи, Чино Морено, Стивен Карпентер и Ејб Канингем, и со по четири и кусур децении во задникот, од кои над половина минале заедно, не делуваат воопшто отуѓено. Таа взаемна, природна, меѓузависност е пресликана и на новиот материјал.

Најтазе алката, басистот на Quicksand, Серхио Вега, кој ги поддржува на последните два диска, на овој ланец се закачува скоро незабележително. Неговиот придонес – дисторзираните линии отсвирени со трзалица – не само што се наметнува, туку го бои звукот на поразличен начин од оној на Ченг, кој со прсти ги малтретираше жиците. Ниските тонови, кои во препознатливо дефтонски стил пак раскопуваат од дното кон врвот, сега се извитоперени, крчат, но и понатаму ја диктираат атмосферата на речиси секоја од нумерите. А овој испит, чии што прашања ги обработуваат постулатите и нијансите на компонирањето популарна музика од која било форма, групата на Koi No Yokan го полага со речиси сите фанфари и благороднички почести. Бистро, стегнато и сконцентрирано, авторството на остварувањето е, истовремено, минималистичко и грандиозно. Уште од гневното првенче, Deftones бучно подвлече оти е состав кој сака да продре и да ги поттикне најсуштинските емоции со што помалку инстру-спектакл.

Секој музички материјал што, како овој, што ја надминува границата на траење од 50 минути, игра на екстремно ризичната карта за потенцијална здодевност. Такво нешто, од рапидното, скоро хардкорски директно, отворање со Swerve City до релаксираното, како во лулашка, затворање со What Happened to You?, не покажува канџи на плочата. Тоа што, пак, распорува на сите траки е гигантскиот грув кој има конкуренција, но во контра-насока, само со широкоекранските мелодии. Оваа контрадикторност почнува попитомо, како на хипнотизирачката Romantic Dreams, станува сè погруба, како на вриштечката Leathers и еволуира во немилосрдна машина за мелење ала Meshuggah на Poltergeist. Шведските џага-опсесивци, за кои Карпентер никогаш не криел дека му се меѓу најсилните инспирации, се можеби најприсутни на цедево, а нивната механичка суровост е врамнотежена со фанатизмот по The Cure на Морено.

Благодарение на тоа, албумот фрла перфектно динамична, безболска, крива топка со тројството Entombed – Graphic Nature – Tempest. Плачливоста на Роберт Смит тука е скалесто зајакната со семплови, клавијатури и поприбрана, а сепак, ударна гитарска риф-армада. Со Gauze се враќа кокетирањето со свирепоста, додека на рефренот му се препушта да ги отвори чакрите на стадионските запалки. Шестте жици набилдани со ехо и реверб ја најавуваат Rosemary, која набргу се претвора во квазислаџерски, поп-издрогиран, епско-полжавски психотроп што тера на нишање глава. Така загреана, таа на Goon Squad, најхеви парчето на дискот, добива простор за препотувачки тренинг по хедбенгинг. Ако ова е разжестеното лице, збирката завршува со смирена опачина, но тоа ниту најмалку не значи дека Koi No Yokan е чист баланс на плусот и минусот. Со изненадувачка леснотија се пристигнува до заклучокот дека најпресната колекција на Deftones е послоевита и поразнобојна од крутата поделба на стварноста на црна и бела графа. Јаката поп-нишка, веројатно и најсилна во досегашната кариера на составот, осигурува вљубување во плочата безмалку на прво слушање. Можноста за претурање по ковчегот со нејзиното азно, пак, гарантира оти таа романса ќе трае многу подолго од еден, единствен, поглед.

Оцена: 95/100

Артист: Deftones
Албум: Koi No Yokan
Датум на објава: 12 ноември 2012
Продуцент: Ник Раскулинеч
Издавач: Reprise

Листа на песни:
1. Swerve City – 2:44
2. Romantic Dreams – 4:38
3. Leathers – 4:08
4. Poltergeist – 3:31
5. Entombed – 4:59
6. Graphic Nature – 4:31
7. Tempest – 6:05
8. Gauze – 4:41
9. Rosemary – 6:53
10. Goon Squad – 5:40
11. What Happened to You? – 3:53

Слични написи

Остави коментар