Sons of Anarchy: Татковци на безредието

Сиот брутален криминал, коњски глави во постела, исконска желба за моќ и превласт, играње рулет со човечки животи, не можат да го сокријат фактот дека капитално дело како “Кум” е, во суштина, семејна драма. Оваа фамилија одвај има “н” од нормално во себе, ама без разлика на сè, таа функционира во добропознат шаблон на највиталната општествена единка. Мајкл и остатокот од кланот Корлеоне отскокнува со земање на тие правила и нивно издигнување до степен на екстремност непознат за најголемиот дел од нас иако семејството ни е секојдневие или рутина. Секако, секако, станува збор за филм. За измислена реалност, и тоа за мафиозите, ама една од водечките причини зошто The Godfather е толку обожуван, е фактот дека неговата семка е засадена во стварноста. Не е важно колку е таа ситна, битно е оти во секоја ќелија од лентата на која што е снимен, се чувствува дека таа регистрирала луѓе од крв и месо. На истите темели е изградена и Sons of Anarchy, серијата на американската кабелска мрежа FX.

Замисла и дејствие: Полека, пред да завземете положба погодна за да ме опсипете со куршуми, да разбистрам – не тврдам дека шоуто го дели рамништето со епохалното остварување на Френсис Форд Копола. За тоа да го постигне ќе мора да јаде уште многу симид-погачи, но и во ваква форма, јасно е дека овој ТВ-проект е замесен од исто тесто како насловот од 1972 година. Во неговото јадро не е проширена фамилија преселена од Сицилија во Америка која се менува паралелно со растежот на нејзината организирана криминална мрежа. Динамото на Sons of Anarchy го движи приказната за истоимениот моторџиски клуб од измислениот град Чарминг во Калифорнија. Повеќе банда од здружение за промоција на спортот и животот на две тркала, ова друштво е сè само не фино, ама и покрај тоа, по сите параметри се однесува како семејство.

За потребите на серијата, авторот Курт Сатер (познат и по сценаријата за The Shield), поминал извесно време во вистински одметнички моторциклистички клуб – како што официјално се класифицирани. Искуството ги исполнило намерите. Веродостојноста, со очекувани подеми и падови, е интегрален дел од течението од дебитантската сезона до годинашнава, петта, чија премиера се случи на 11 септември. Не е “реалистична” до скалилото на кое што се искачуваат The Wire или министеријалите за Втората Светска Војна продуцирани од Стивен Спилберг и Том Хенкс. Постојат моменти кога тоа што се отплеткува на екранот делува испеглано, со свесно намален алкохолен процент за гледачите да не се изгорат. Бројноста на ваквите сцени, сепак, во поголемата слика е прифатлив и затоа “Синови на анархијата” не остава блуткав, комичен, впечаток во обидот за пренесување на вистинскиот бајкерски живот на ТВ-панелите.

Според наброеново, последователно е да се констатира дека Sons of Anarchy е крими-сторија што наликува на многу досега снимени. Површински, веројатно е точно оти најсуштинската разлика е што наместо со интриги во нарко-картели таа се занимава со матниот бизнис на вљубеници во Харли Дејвидсони и специјално дизајнирани чопери. Под оваа забележливо тенка корупка, пак, не може да се одмине комплексниот скелет на охрабрувачки хуманиот портрет на односите во една огромна фамилија, распрсната во голем број земји и на неколку континенти. Како и ваквите групации во реалноста, “Синовите” имаат ограноци насекаде низ светот. Без разлика дали се оддалечени пет, петстотини или пет илјади километри, на сите членови им е најважна истата работа – крпеницата со логото на клубот. Таа ги поврзува како што старите, средновековни, фамилии се обединети околу грбот.

Главни фаци: Во семејството SOA, главата е Клеј Мороу (Рон Хелбој Перлман), очув на Џексон Телер (Чарли Ханам) и втор сопруг на неговата мајка, Џема (Кејти Сегал). Таа била во брак со Џон, кој заедно со сегашниот претседател, е еден од основачите на клубот. Централен лик е токму Џекс, кој е и заменик на Клеј. Тоа што неговата лична, фамилијарна, состојба е извонредно компликувана, на самиот старт отвора прилично широк простор за разгранување на заплетот од драмски, забавен и од морален аспект. Носечката актерска екипа е бабачко. Покрај најубедливиот Перлман и солидниот, но во одредени ситуации неуверлив Ханам, се истакнуваат и Рајан Хрст како Оупи, Вилијам Лакинг како Пајни (и тој е од Првите Деветмина) и Ким Коутс како Тиг. Всушност, во целото досегашно течение глумата не ги изневерува карактеристиките на ликовите и покрај тоа што, носењето чичка нови, неизлитени, кожни јакни и панталони, од страна на возрасни мажи кои се однесуваат емотивно, постои шанса да изгледа неподносливо смешно.

Морална вртелешка: Како интелигентна сторија за антихерои, Sons of Anarchy уште од првото продолжение нагласува дека ќе се издигнува на исклучително нестабилна и дискутабилна морално-етичка основа. Членовите на клубот се јунаци, но такви кои се занимаваат со шверц на автоматско оружје, кои означуваат и контролираат територија како животни без разум, кои, на крајот на краиштата, убиваат. Дел од нив ладнокрвно, а некои со кус или малку подолг процес на внатрешно измачување. Амблемот, сепак, во 99 отсто од случаите е најбитен, што значи, опстојувањето, особено на директната конкуренција, е минлив фактор. Како и во повеќето кино-приказни со “добродушни” криминалци, “Синовите” се однесуваат и робинхудовски кон Чарминг, нормално, сè додека тоа не го загрози функционирањето на групацијата. Ако беше исклучиво на овие столбови поставена, серијата одамна ќе станеше предвидлива, но со тоа што во неа умираат и целосно невини лица или главните фаци повремено добиваат нож во грб очекувањето е претворено во – исчекување на следната вртелешка.

Сценарио и продукција: Поради искуството со The Shield, а сигурно и како резултат на забележливиот талент, Курт Сатер во текот на досегашните пет сезони се покажува како вешт, начитан, адреналински зависен, но и хуманистички сценарист. Во еден миг Sons of Anarchy ја опиша како “Сопранови од Западниот брег”. Подоцна се повлече, но можеби и самиот е свесен дека тој паметен ПР-потег тешко ќе ја скрие вистината оти шоуто, како и тоа со Џејмс Гандолфини, во фокусот го има чувството за припадност и должноста на зачувување на семејството по секоја цена. А тука е и шекспировскиот призвук. Освен преку хамлетовското присуство на таткото на Џекс како “дух”, тоа се забележува и во честите предавства, заплетканите внатрешни и надворешни интриги, непрестајната борба за превласт, прељубите и речиси сè останато што се среќава во драмите на Бардот од Ејвон. Надвор од оваа рамка, а сепак, присутна, е корупцијата на институциите и подмитливоста на службениците кои во серијата носат ненаметлива општествена боја, но не со цел да коментира или да завземе страна. На сето ова мазно се надоврзуваат сценографијата, костимографијата, целосната продукција, која што незабележливо, на природен и на флуиден начин, го носи гледачот во светот на SOA. Музиката, пак, најчесто јужњачкиот рокенрол или некоја варијанта на кантри-фолк, елегантно, живописно и запаметливо ја обвиткува целината.

Севкупно: Во замислата, концептот, идејата за креирање серија за моторџии и згора на сè, таа да биде драма, има премногу стапици за да се добројат, меѓутоа, Курт Сатер со својата сценаристичка, продукциска и актерска екипа пет сезони успева неочекувано лесно да ги избегне. Овој проект не влегува во графата современи телевизиски ремек-дела. Успева, сепак, да им се приближи како што Косачот на смртта, кој е злобно распослан на логото на клубот, речиси секоја епизода е на чекор, а неретко и помалку, зад неговите членови. Најдлабоката уништувачка јама која што Sons of Anarchy ја прескокнува е лесната опција да биде банална, црно-бела, дури и еднострана приказна за бајкерите како празноглави, антисоцијални, криминални индивидуи. Избегнувајќи го овој стереотип, шоуто се наметнува како забавен, ама и досега најверодостоен документ – во играна форма – за егзистенцијата на оваа интригантна општествена група. Преку овие епизоди, гледаме како “Синовите на анархијата” полека стануваат “Татковци на безредието”. Попат, со реални шанси или залудно, се обидуваат да ја зачуваат, да ја спасат или да ја воскреснат човештината во себе.

Оцена: 85/100

Серија: Sons of Anarchy (“Синови на анархијата”, слободен превод)
Продукција: FX
Премиера во САД: 3 септември 2008
Автор: Курт Сатер
Улоги: Чарли Ханам, Кејти Сакал, Марк Бун Џуниор, Меги Сиф, Рон Перлман
Извршни продуценти: Курт Сатер, Џон Линсон, Арт Линсон

Слични написи

Остави коментар