22/10/2017

Skopje Jazz Fest 2012: Задолжителни пет концерти

Постирано на 19/10/2012 од во Настани

Да расчистиме од старт, “Скопски џез-фестивал” или која било од две-трите слични манифестации во Македонија на кои се собираат низа еминентни изведувачи од еден или повеќе жанрови, се гледа цела, од почеток до крај. Од секундата кога ќе одлучиш да си правиш сендвичи дома, наместо да се арчиш по седмици и вилија за да купиш влезници, до ноќта по финишот, кога ќе се фрлиш в кревет исцеден, ова искуство е помалку аскетско. Без кондиција, волја и дисциплина, а со раноутрински обврски, ретки се тие што издржуваат. Затоа, изборот однапред и откопувањето препораки, најефикасно брка работа. Како главен, а и како план Б, во случај ако, сепак, решите да се подложите на овој тест на издржливост и кога неодоливиот сон за плаќање сметки тоа не го дозволува. Годинава, лично, сум убеден дека следниве пет концерти не смеат да се пропуштат. Првиот е уште вечерва, на отворањето во Салонот на Македонската опера и балет.

Anthony Braxton Diamond Curtain Wall Quartet

Датум: 19 октомври 2012
Локација: Македонска опера и балет
Почеток: 20.00

Доколку кажам дека 31-ото издание на Skopje Jazz Festival почнува со експлозија на интерконтинентална балистичка ракета ќе биде омаловажување. Вечерва во Салонот на Македонската опера и балет ќе удрат плотуни од фејзери и фотонски торпеда. Секако, во форма на музика. Ентони Брекстон, според зборовите на критичарот Крис Келси, е можеби последниот вистински генијалец на џезот. Овој мултиинструменталист и композитор, сепак, за себе вели: “Знам дека сум Афроамериканец и знам дека свирам саксофон, но не сум џез-музичар. Ниту сум класичен музичар. Мојата музика е како мојот живот – се наоѓа помеѓу овие области”. На изјавава додадете ги уметничките, научните, филозофските и поетските написи и се формира извесна слика каков тип на изведба ќе има на отворањето на SJF. Таа сигурно нема да биде за сечии, нежни, уши, но од неа гарантирано ќе се отворат врати за кои не сме свесни дека постојат.

Atomic

Датум: 21 октомври 2012
Локација: Македонска опера и балет
Почеток: 20.00

Секој што изминатава деценија и нешто не го пропушта или инцидентно го посетува Скопскиот џез-фестивал, најмалку еднаш присуствувал на “норвешката вечер”, како што галовно го нарекувам денот кога на манифестацијата гостуваат изведувачи од европскиот север. Фактички, таа е скандинавска, оти нејзин дел биле безмалку сите земји од овој регион. Замислете, тој нивен галовен, живописен, секогаш необичен звук им бил игла во уво на членовите на Atomic. Со бунт кон него во умот и во срцето, тие го основале бендот и резултатот е токму таков – непослушнички. “Индепендент он сандеј” за нив напиша: “Како The Lounge Lizards во 80-тите, само подобро, шведско-норвешкиот бенд ги преработува вриштењата, пиштењата и чкрипењата на класичниот фри-џез за да создаде остроумна, кул, современа музика”. Притоа, тие свират, вешто и восхитувачки, ама не од чатал, туку за да танцуваат хаотично со карневалска енергија.

Ambrose Akinmusire Quintet

Датум: 22 октомври 2012
Локација: Универзална сала
Почеток: 20.00

Скролајќи по неговиот официјален пејџ на Facebook што, патем, очигледно е оти сам си го управува, налетав на пост во кој Емброуз Акинмусири (барав, таков изговор на името најдов) споделува песна и се радува на новиот албум од Flying Lotus. Со тоа овој 30-годишен музичар кај мене си го заработи десеттиот плус. Првите девет му ги осигура трубата, односно начинот на којшто ја користи за да цеди емотивни и филозофски сокови од сопственото битие. На оваа линија размислува и еден прилично писмен интернет-егоист кој истакнува: “Емотивната вклученост на Акинмусири и на снимка и на живите настани се израмнува само со неговата врвна способност на трубата”. За себе, тој открива: “Да се биде музичар е како честичка прав во споредба со другите ролји кои ги имам во животот – син, партнер или едноставно маж и човечко суштество”. Оваа хуманост зрачи од албумите на Емброуз, а истата очекувам дека ќе сјае од бина.

The Thing with Joe Mcphee

Датум: 22 октомври 2012
Локација: Сити хол центар (бивш “Хардрок”)
Почеток: 24.00

Скопскиот џез-фестивал пред 12 месеци прослави три децении постоење и иако тоа беше извонредно одбележан јубилеј (не само со Вејн Шортер, туку и со Пет Метини), мене лани ме израдува што манифестацијата вклучи и проблесоци на панк и на метал во програмата. Во првата колона влегоа The Ex, а во втората Fire! и Zu. Разбирливо, секој од овие изведувачи повеќе е далеку отколку блиску до препознатливото сфаќање на двата жанра, ама преку нив SJF разрока како никогаш претходно. Благодарение на Матс Густафсон и на Паал Нилсен-Лове (бомбардира и во Atomic), сличен хеви-тон пристигнува и годинава. Несомнено, The Thing со легендарниот Џо Мекфи се сосема поинаков ѕвер, ама тоа не го менува фактот дека се: ѕ-в-е-р. Магазинот Mojo тоа вака го опиша: “Бенд што црпи од најпрвобитните сили на рокот и ги врзува со оган и фурија од кои што треба да се внимава”. Ова ми наликува на предизвик. А Барни како вика: Challenge Accepted.

Miles Smiles

Датум: 23 октомври 2012
Локација: Универзална сала
Почеток: 20.00

Во светот на музиката, Мајлс Дејвис е своевиден Исус. Или Мухамед. Или Буда. Или кој било друг пророк што ги магнетизира масите. За титанскиот џез-трубач, кој не е со нас од 1991 година, публиката со децении не кубела коса, ама генерациите автори и изведувачи, и денес сè уште му се поклонуваат. Употребата на религиозни паралели за да се означи нечија музичка величина е троа лејм, признавам, ама кај Дејвис воопшто не е далеку од вистината. На крајот на краиштата, тој е човекот што на Ненси Реган ѝ рече: “Досега сум го променил текот на музиката пет или шестпати. Што направи ти освен што се ебеше со претседателот”. А прашањето од госпоѓата било со што Мајлс ја заслужил поканата од лидерот на САД. Таа острина, инвентивност и сурова човечност може да се очекува и од концертот на Валас Руни, кој му бил штитеник на Дејвис, а во Скопје доаѓа со ол-стар-постава инструменталисти. Сите тие, заедно со присутните во Универзална сала, ќе му принесуваат жртви на Принцот на темнината.

Тагови: ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>