28/06/2017

Скопски џез-фестивал 2012: Славење на слободниот израз

Постирано на 24/10/2012 од во Колумни

Водејќи се од фанатичната потреба за поништување на ограничувањата, менување на правилата и за предизвикување на однапред вкопаните очекувања на публиката, џезот отсекогаш бил мета подеднакво интересна за гаѓање со фасцинација и со отфрлување. Величествен, според леснотијата со која што големите вистини и чувства ги претвора во звук, а истовремено, приземен, оти тоа го прави со грст луѓе од крв и месо на бина, овој правец изминатиов век е слика на светот каков што е, но и огледало на тоа каков би можел и би требало да биде. Разбирливо, оваа способност не може исклучиво нему да му се припише, ниту, пак, сите претставници на жанрот поседуваат талент тоа да го изведат. Џезот отскокнува со тоа што и да не го слушаш, да не те интересира, дури и да не го поднесуваш, на одредено ниво знаеш оти на него можеш да се потпреш доколку сакаш да искусиш поинаков поглед на креативноста. Да слушнеш веродостоен портрет на реалноста. Или, просто, за миг, да отпатуваш подалеку од нејзините зарѓани пранги. По 31-ви пат, Скопскиот џез-фестивал и годинава тоа го овозможи во Македонија.

Од лани, кога прослави три децении постоење, сè што на културен план е променето во главниот град е вртењето кон уште попанаѓурски, турбошундовски, ексјугословенски, игри и (сè уште) непоскапен леб. Проблесоци, кои инаетливо се пробиваат низ густата магла од скараџиски чад, постојат и понатаму, ама нивниот број и клучната поддршка што (не) ја добиваат од публиката, или стагнира или посветено се намалува. За чудо, и годинава, како и во 2011, пристигна повеќе од пристоен контингент нови албуми. Ова е добар сигнал што моментно треба да нè радува, но не и востановен стандард на кој и во следната сезона со 100 отсто сигурност може да се потпреме. Со тоа што го понуди од 19 октомври до синоќа, Skopje Jazz Festival нагласи оти е манифестација – со вредност на културна институција – која што нема намера да се откаже од проширувањето на полето на тивка борба со овдешната закржлавеност. Таква битка можеби и воопшто не постои. Таа веројатно е уште една моја предимензионирана фантазија. Без разлика на тоа, останува фактот оти фестивалот е меѓу ретките собири кои на луѓе како мене им даваат шанса со самото присуство да му покажат симболичен среден прст на ѓубрето што големците секојдневно се обидуваат да ни го натурат в грло.

Со одењето, а со тоа и со поддржувањето панк, хардкор, метал и какви било други “мали” контракултурни настани тоа преносно рачно сигнализирање преоѓа во јасно мафтање. Џезот знае да биде свирепо директен на сличен начин, но негово најостро сечило е што меѓу сите тие редови на често апстрактна аполитичност се крие силна порака за непрекината потрага по што подобра политика на животот. Индивидуален и колективен. Дел што, во каква било констелација на односи, од него е нераскинлив е слободата на изразување – во општествена смисла и во уметнички рамки. Скопскиот џез-фестивал, пак ќе кажам, низ мојата крајно субјективизирана и изолирана призма, годинава како да беше најмногу фокусиран токму на тоа рушење на жанровските, стилските, музичките, па ако сакате и на генерациските, религиските, културните и социо-економските бедеми на поделба. Поради вродената разновидност, овој собир отсекогаш танцувал и во иднина ќе свири по такви ноти, ама годинава ми делуваше истакнато, разлутено дури, слободарски и шаренолик. Причина – програмата.

Почнувајќи со комплексниот, надреален, лавиринт на Anthony Braxton преку Atomic, Hidden Orchestra, Ambrose Akinmusire, The Thing with Joe Mcphee, Tomasz Stanko и завршувајќи со револуционерниот свет на Мајлс Дејвис изведен од ол-стар-проектот Miles Smiles, Skopje Jazz Festival отвори чекмежиња што досега ни беа закатанчени. И останатите изведувачи, несомнено, ги растресоа жанровските фиоки, но тие што ги набројав, ме фасцинираа на поинакво, посуштинско, актуелно, ниво. Во времево на криза, како и многупати претходно во историјата, наместо да се здружуваат, луѓето бараат колку анкетни прашања ги разделуваат. Секој од споменативе бендови беше неверојатно шаренолик. Боја на кожа, пол, нација, образование, потекло, искуство, класа, ниту една од овие графи не изгледаше значајна.

Раководени од идејата да создадат најискрена музика на моментот, тие пеплосуваа стилски ѕидови, често и неподносливо ѕверски за нашите негувани ушни тапанчиња. Нивниот нихилизам кон сè што се квалификува како структура, како правец, можеби е потттикнат од исклучиво уметнички побуди, а можеби е инспириран од светот што одбива да си признае дека се лизга по остра удолнина до неизбежна пропаст. Локално, тоа уште погласно ми резонираше со силните сигнали што во вселената ги испраќаме со лукасизацијата на општеството, а која најживописно се пресликува во културата. За да не исчезне и најмалата надеж дека таа нема целосно да се претвори во неповратна полумента-боранија, клучна е слободата на изразување. Славејќи ја на 31-то издание, Скопскиот џез-фестивал ме потсети оти морам да ја чувам како скапоцен камен. Таму каде што најмногу вреди и каде што никој не може да ја чепне – под черепот.

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>