21/08/2017

Скопје, 90-ти у 2012: Нирвана у пропаста

Постирано на 09/10/2012 од во Колумни

Со копнежот по минатото не сум во судир опасен по животот. Верувам, неоспорно, на личен начин, без емпириски доказ, дека инцидентната носталгија е како повторување лекции од историска читанка. Ако знаеме оти светот не почнува и не завршува со нас, секој што со цело срце ужива во сегашноста, за оваа исполнетост да не ја расипе, подеднакво ќе се потсетува и на добрите и на лошите поглавја од својата траекторија на опстојувањето. Или така некако. Решавачки е ова да биде повремено. Во моментот кога дозите носталгија ќе станат заканувачки по здравјето, време е за конфликт што почнува со мрштење, се трансформира во мрморење и завршува со мрчење. Терените на коишто тој најчесто се разбеснува се насадени со уметност, култура и со нивниот подвид што најмногу жари и пали – музика. Во овие три области, Скопје изминатиов викенд се транспортира назад во времето, отпатува во неколку различни децении, а таа што најсилно ме скокотна, разбирливо, беше “мојата” – деведесеттите.

Да се разбереме, со “Скопје у 90-ти” не се впуштив во внатрешна, естетска, морална и филозофска тепачка. Се изненадив колку бев рамнодушен на најавата, а потоа и колку слабо ме потресе во прво лице. Симпатичен настан, нема дилема, ама овие концепти, без разлика колку издржано се смислени (а во саботата беа), никогаш не можат да се ослободат од предзнакот: ретро-забава. Убавата страна на секој ваков жур е како и на годишниците од матура. Ќе се видиш со луѓе на кои си им заборавил фаца, ќе падне сеир за обемот на стомакот и пофалби за тие што киднале од МК-депресијава. Грдата е што овие собири многумина ги сфаќаат како потврда дека “у наше време беше боље”. Повиците за средба со луѓето и со сеќавањата од 90-тите воопшто немаа таков тон, но восхитот и дискусиите ми наликуваа на доделување на замислени тапии со титулата “Ја бев таму”. Искрено, таквото мавање по гради отсекогаш ми било туѓо. За тоа има баеги проста причина – за среќа, сè уште сум тука. А тоа, во сите паралелни светови и димензии, има недостижна предност.

Кај “Скопје у 90-ти” ме изненади масовниот одзив од помладата популација. Платото пред МКЦ, да се изразам како дневните весници, “вриеше како во кошница”. Тука се збунив. Изгледав како за време на проекцијата на “Меланхолија”. Тогаш беше темно и за влакно се спасив од пресуда од локал-интелектуалната инквизиција. Овој пат, под рефлектори, левата веѓа и десното око напрегнато се прашуваа: “Каде, по ѓаволите и морските длабочини, се овие клинци и младинки на малите свирки со авторски групи од денешницата што последниве десетина години се случуваат во главниот град?”. Не ги има секој втор ден, не станува збор за домашни или за странски суперстар-бендови, ама повеќето од нив се суперталентирани и најзначајно – создаваат дела вкоренети во сегашноста. И покрај тоа, на овие концерти, кворум сè уште обезбедуваат мал дел од преживеаните (физички и културолошки) од 90-тите, 80-тите, па и од 70-тите години. Ова, во иста секунда, разочарува, ама и радува. Одговорот за отсуството на поновите генерации го најдов во прашањето.

Глобално, чезнеењето по скоро сè што е мртво и закопано, најчесто на потегот 60-ти – 80-ти, по стартот на новиот милениум, од пуста желба на малкумина се унапреди во задолжителен ИСО-стандард на меинстримот. Локално, патуваме од раниот 20-ти век, преку барок до антика, а некогаш и поназад, до Големата Експлозија. Во Македонија, тоа значи дека фотокопирањето, празното репродуцирање, на ера што не е наша, која не ни припаѓа нам бидејќи не егзистираме во никулецот на нејзиното креирање, сега е општоприфатена, дури и воздигнувана, вредност. Трагикомично, таа се продава како оригинал, а всушност, не е ништо повеќе од извитоперен клон на минатото. Некој ќе каже дека стрелам екстремно далеку од метата, ама за мене, сето ова гради атмосфера на славење со преџвакани репродукции, наместо на хранење со автохтони творештва.

Од таа причина, денес, во периодот кога во нашава метропола има бум на “живите свирки” (така галовно се викаат изведбите на кавер-составите), на половина рака се бројат клубовите кои во својата “програма” примаат артисти што сами си пишуваат песни, а неретко и си ги објавуваат албумите. Причината? Нивната преплашеност од преземање каков било промоторски ризик и ставањето знак еднакво меѓу хитовското тезгарење и концертите на ѕвездите-автори на истите тие популарни парчиња. Во саботата, до рано наутро се слушаа фини обработки на парчиња од Massive Attack, Depeche Mode, Faith No More, The Young Gods, Nirvana, “Санс”, “Д Далтонс”, “Чиста околина” и многу други. Се забавував (за тоа и отидов) кога беа реинтерпретирани, меѓутоа, во глава ме малтретираше мислата дека доколку и Курт Кобејн воскресне и случајно се нацрта во градов, ќе биде исполнета одвај третина од денсинг-салата во МКЦ. Остатокот, додека трае уникатното гостување, најверојатно ќе откачува на потпросечен препев на Smells Like Teen Spirit во третата смена на кафуле-фабриките. Враќајќи се во Скопје у 90-тите, се потсетив дека во 2012, а и некое време претходно, доживуваме нирвана у пропаста.

Тагови: , , , , , , ,

One Response to “Скопје, 90-ти у 2012: Нирвана у пропаста”

  1. raindog 9 октомври 2012 at 14:54 #

    Убав текст, несомнено…но иако напишаното е по повод настанот во саботата, многу малце е критикувано од музички аспект и многу повеќе гледам дека се однесува на целокупната ситуација во Скопје (Македонија)во однос на свирки (било тезги, било автохтони, како што ги нарекуваш, творештва. Како и да е, сите изведувачи (без исклучок) кои беа во МКЦ во саботата, постојано работат на нови проекти и постојано творат и остануваат со по 20 луѓе во публика :( (за причините ќе треба малку повеќе блогови и прашалници да изникнат за да пробаме да дадеме одговор). Нејсе, на сцената во саботата беа поголем дел од автохтоните творци на таа музика што се свиреше (зборувам за македонските бендови) музика создадена од нив самите пред 15тина години, а за останатите MTV хитови може да стои епитетот ретро забава, но пред се квалитетно реализирана, барем според мене… А на тема млади и нивна посветеност на музика создадена од авторски групи коишто творат во моментот, е широка и поглобална тема за разматрање…али ме мрзи :)

    Поздрав!


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>