19/08/2018

Pig Destroyer – Book Burner [Relapse, 2012]

Постирано на 29/10/2012 од во Албуми, Музика

Уште од почетоците на мојата професионална музичко-слушачка кариера, веројатно во ерата на интердимензионалната доминација на Зимско-рекреативната програма, виџеј Тоше и на Мајкл Џексон со Dangerous, ревносно трагам по најпитомата, најсуптилна, најмека звучна форма. Оваа опсесија извесен период зовре до ниво што се граничеше со клиничка дијагноза. Да живеев во САД, ќе инспирирав психолози да премеруваат, проучуваат и да докторираат на ваквата неприродна глад за аудиоизраз чија милина има конкуренција само во бушавоста на неколку кутриња самоједи. Опстојувањето во Македонија на ова поле се покажа како предност. Благодарение на нејзината лидерска позиција во регионот, во параметри како невработеност, сиромаштија и коруптивна алчност на политичарите, се оплемени почвата за одгледување на оваа индивидуална, уникатна, ментална состојба. На раат.

Доказ дека пребарувањево не е вообичаена бркотница на диви гуски се појави во 2007 година кога преку албумот Phantom Limb се навлеков на Pig Destroyer, бенд кој што од основањето во 1997 е во најценетата каста нежни, распекмезени, изведувачи. Тоа што во нивниот луна-парк влегов со задоцнување не го разводени доживувањето. Со моќ за гандиевско спуштање на гардот и поробување на потенцијалните обожаватели преку софистицирани тактики на ненасилство, групата од Александрија, Вирџинија, лесно, како ангел, си обезбеди место во личниот фолдер на одбраните и на омилените. Сè до пред некоја недела, таа папка половина деценија не беше рефреширана со неотворен пакет миризливи и пријатни тонови од овој американски квартет. Кога дојде денот, тој суден миг за повторна средба со блажениот и смирувачки стил, очекувано брзо стана јасно дека и Book Burner е апче за нервите, пилула за гневот, рецепт за неправдите.

Шеесетина месеци се ризично долг период во кој што и продуховени зен-господари како Pig Destroyer попат би можеле да го загубат моџото. Нивната петта плоча, сепак, е илустрација пар екселанс дека тие не само што го зачувале, туку и го изделкале во постегнати, посконцентрирани, техники на галење на слушателот. Објективно, Book Burner, газејќи по истиот макадамски пат скаменет и натапкан од претходниците, не го прикажува составот во којзнае колку поинакво светло. Со оглед на дефинираниот и искусно детализиран стил низ годините, тоа не е слабост. На современата сцена, куса е листата со артисти кои поседуваат слична способност за масажа на духот и на телото. Потпирајќи се на кратки, експлозивни, скици на релаксација, наместо на вообичаено долги или, пак, на епски композиции, бендот ги бомбардира сетилата со убиствени електрични импулси. Тие поттикнуваат исклучително ретка состојба на опуштеност, која помага да подзаборавите на сцилите и харидбите наметнати од секојдневието.

Четворката, на најтазе цедето, најпросто кажано, везе. Шие гоблени. Плете џемпери со волница од Тетекс. Меси кревки, неодоливо вкусни, кифлички со снежно бело брашно тип 500. Сади цвеќиња со кротките раце, декорира шарени соби на неродени бебиња. Сè ова и значително повеќе, составот го манифестира со приказни длабоко втемелени во сочувствителната филозофија на Макијавели, во раскази за балтиморскиот давител, во теми за железниот пијаница и за распламтената дланка. Употребувајќи кородиран, валкан, нож користен од генерации домаќински воспитани луѓе со камиказе срце, тие во музика ја претвораат најусовршената, дури најпосакуваната, состојба на спокојство – таа на трајното погребување. Поради неа, звучната завеса на целината се спушта без ниту најмало чкрипење, квичење или пискање. Најфасцинантна дилема, што на крајот долго лебди над облаците, е како Pig Destroyer ова го изведува на најактуелниот диск, без притоа да прегори засилувач, да запали гитара и да пеплоса сет тапани. Затоа, пак, сите книги, водичи и упатства за креирање ранлив и емпатичен аудиоизраз ги фрла на клада. Од густиот чад што го испуштаат, како феникс, се издига Book Burner, досега нечуен тотем на музичката деликатност. Тој за себе не гради култ со сила, свирепост и суровост, туку со мирна дипломатија. Како што, впрочем, тоа катадневно го прават и чичковците со брендирани одела и сјајни актовки.

Оцена: 90/100

Артист: Pig Destroyer
Албум: Book Burner
Датум на објава: 22 октомври 2012
Продуцент: Скот Хал
Издавач: Relapse

Листа на песни:
1. Sis – 1:16
2. The American’s Head – 0:50
3. The Underground Man – 0:32
4. Eve – 1:17
5. The Diplomat – 3:01
6. All Seeing Eye – 0:43
7. Valley of the Geysers – 2:22
8. Book Burner – 0:41
9. Machiavellian – 1:14
10. Baltimore Strangler – 3:24
11. White Lady – 1:27
12. The Bug – 3:11
13. Iron Drunk – 1:46
14. Burning Palm – 1:55
15. Dirty Knife – 1:15
16. Totaled – 0:43
17. Kamikaze Heart – 1:37
18. King of Clubs – 1:07
19. Permanent Funeral – 4:15

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>