28/06/2017

Muse – The Resistance [Warner, 2009]

Постирано на 05/10/2012 од во Репост

До денеска, 14 септември, датумот кога официјално излегува The Resistance, атмосферата околу Muse беше како и пред објавата на првите четири албума на групата. Сè наликуваше на снимка од стада накострешени пит-були затворени во челични кафези. Без разлика дали се остреа да го растргнат англиското трио или, пак, да му се пекмезат под колена, сите беа концентрирани на една работа – што побрзо да се ослободат од прангите. Првите за одново да го глодаат костурот на бендот од Тенмаут, а вторите да се хранат од свежите чудесии излезени од кујната на Метју Белами, Кристофер Волстенхолм и Доминик Хауард. Тоа само укажува оти Muse се од оние состави што или ги мразите или ги обожавате. Петтото цеде, со својот распали-со-сите-идеи-пристап, од релативно нормалниот јаз на поларизација ќе направи корито ала Големиот Кањон.

На The Resistance тројката одлучила да не се воздржува и да ги услиши повеќето лични музички желби. А тоа кажува нешто, ако се знае колку драматични и “претерани” беа претходните изданија. Muse отсекогаш жонглира со жанровите или ги спојува, без разлика колку тие, логично, не си одговараат едни со други. Метал и аренби, класика и електроника, оркестрации и глам-рок. Сè ова, во разумно прифатливи дози, можеше да се чуе и на Showbiz, Origin of Symmetry, Absolution и Black Holes and Revelations. Новото поглавје се разликува по бескомпромисноста со која бендот свесно одлучил да ги комбинира овие “гревови” (за секој инди-фраер или хип-цурица). Резултатот? Масивно парче едночасовна музика со епски димензии. Полно со искрено задоволување на љупобитноста типична за децата, а не за “созреани” мажи и жени. А може да се опише и како педесет-педесет смеса од делата режирани од Џејн Кемпион и филмовите и сериите продуцирани од Џери Брукхајмер – емоции и идеи во брак со гламур и техника.

Не е совршено. Како би можело да биде. Баби и жаби не се мешаат, ама алал им на храброста на Muse што 15 години се обидуваат. И што е најбитно – во најголема мера успеваат. Последен бенд на кој му појде од рака да го смикса Фредерик Шопен со мрсни рифови беше Queen. The Resistance е најблиското нешто до поклонение на оваа група што Muse смее (и треба) да си го дозволи. Триото, предводено од пејачот, гитарист и пијанист, Мет Белами, не е ефтина копија на ѕверот што маршираше под британското знаме на Фреди Меркјури. Петтиот диск на составот, сепак, многу и должи на споменатата четворка, ако ништо друго, зашто го отвори патот за бендовите како Muse, што обожаваат драма, опера и фалсето-пеење. Згора на тоа, знаат да свират, во живо се монструозно моќни, а и студискиот занает одлично со испекле.

Екстремот во кој групата сега забегала се оркестрациите и нагонот кон класичната музика. Uprising, Resistance и особено Undisclosed Desires, ја креваат рампата со современата аренби-опсесија во духот на Тимбаленд, која членовите воопшто и не ја кријат. На United States of Eurasia (поздрав до Збигњев Бжежински и Џорџ Орвел), со средноисточните жичани мелодии, на голема врата влегува класичарскиот карактер на албумот. Collateral Damage е малку променета верзија на Ноктурно 9/2 од Шопен. Guiding Light е фина балада, а Unnatural Selection и MK Ultra рокаат како што Muse знае да го прави тоа во своите најдобри денови и секако – на концертите. I Belong to You е уште еден аренби-момент, овој пат, со француска шансонерска страст што води до 12-минутниот финиш (поделен на три песни), Exogenesis.

Токму ова е најпомпезниот сегмент од изданието. Снимена со оркестар од над 40 луѓе, песната за едни ќе биде последниот доказ оти Muse се лигави слабаци што пишуваат СФ-текстови, а за други симбол на брилијантниот талент за компонирање. Вистината веројатно е некаде помеѓу. Композицијата е супер, но не е ремек-делото поради кое дел од британските новинари скокаа од пубертетска радост. Можеби подобро е да се каже дека е беспрекорно осмислен крај на исто толку фасцинантен албум чија длабочина и суптилности може да се испитуваат со години. А сето тоа исклучиво зашто Muse го слуша сопствениот инстинкт и дава отпор на цинизмот, сеирот и моронизмот насочен кон нивниот стил. Поарно да бидеш свој и да те ругаат, отколку клон и да те прифаќаат, нели?

Оцена: 8/10

Артист: Muse
Албум: The Resistance
Датум на објава: 14 септември 2009
Продуцент: Muse
Издавач: Warner

Track listing:
1. Uprising – 5:04
2. Resistance – 5:46
3. Undisclosed Desires – 3:55
4. United States of Eurasia (+Collateral Damage) – 5:47
5. Guiding Light – 4:13
6. Unnatural Selection – 6:54
7. MK Ultra – 4:06
8. I Belong to You (+Mon Cœur S’ouvre à Ta Voix) – 5:38
9. Exogenesis: Symphony Part 1 (Overture) – 4:18
10. Exogenesis: Symphony Part 2 (Cross Pollination) – 3:56
11. Exogenesis: Symphony Part 3 (Redemption) – 4:36

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 14.09.2009]

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>