Muse – The 2nd Law [Warner, 2012]

Во интердимензионалниот свет на музичкиот претеризам, Muse денес веројатно е тело со најсилна гравитација. Таа влече милиони фанови кон бендот и куп контрадикторни стилови кон членовите додека ги создаваат албумите. Објективно, треба да ги одбива. Гледано со студени, кристално разумски, очи, никогаш нема да има доволна причина за пржење летна манџа со масло за подмачкување. Заинтересирани, сосема логично ќе си рече човек, за такво нешто не би постоеле ниту во фантастичен расказ на Филип К. Дик. Контра разбирливите очекувања, барем кога е во прашање космосот на песните, англиското трио од 1994 наваму спектакуларно спојува супермасивни црни дупки со ексогенеза, а мускулни музеи со вселенска шизофренија. И покрај апсурдноста на сè напишано во воведов и сè претходно објавено од составот, тој натрупа обожаватели соодветен за опсежна колонизација на Марс. Саундтрак може да биде The 2nd Law.

Кога лани почна да се крчка, фронтменот, вокалист и гитарист Мат Белами го опиша новиот материјал како “христијанска генгста рап џез-одисеја со бунтовнички дабстеп примеси и метал фламенко каубојска психоделија од која што се топи лицето”. Тешко е да се промаши шегата во изјавата, ама кога е Muse во прашање, ниту ваквата, бизарна, класификација не е невозможна. На The 2nd Law нема псалми од Исус, опевање банди од Оукленд, шпански акустични гитари и терање говеда низ Тексас. Тоа што го има се непослушност, експерименталност, хеви-трескање, модерна електроника и поттик за трипување. Следејќи ја траекторијата од Black Holes and Revelations до сега, убеден бев дека на шестото издание дигиталното ќе биде уште понагласено. Згрешив. Компјутери има повеќе, ама и дисторзијата пак добила широк простор за маневар. Чудовишта од рифови, како на Citizen Erased и Stockholm Syndrome, нема, но се рока јако.

Гитарата, а можеби е и бас, тоа го потврдува веднаш, во првите секунди од Supremacy, кога развозува груверски и особено на опашката, кога оркестрациите ги надгласува со панк-дивеење. Питомата електроника ја отвора Madness, која трпеливо се инфилтрира под кожа со романтичната мелодија и со простото, но прекрасно, квазиблуз-соло. Со подиумската Panic Station ритамот и расположението станува суперфанкерско, а на сè најприродно се надоврзува пискавиот глас на Белами и веселата дувачка секција. По чисто класичниот Prelude, на ред доаѓа Survival, метал-инспирираната бомба со која што бендот гарантирано ќе гранатира стадиони. Хорските придружни вокали и целата бомбастичност од неа прават најквиновска нумера на албум од којшто вришти Queen. Солидниот старт сериозно се закашлува на Follow Me, соработката со дабстеперите Nero, што остава впечаток на ремикс, а не на заедничка композиција.

Таков проблем нема Animals, релативно стрејт алтернатив рок-парчето што почнува прибрано, скоро потиштено, цело време скокотка со лирското гитарче, повикува на потпевнување и финишира со повик за хедбенгинг. Воопшто не ми пречи што триото е нагласено електронско на последните три остварувања, но на последното, веројатно најдобра песна е токму оваа, а на неа има најмалку EDM. Ако таа е плус, нејзин минус е Explorers, карактеристично мјузерската балада која што, сместена тука, му го одзема здивот на дискот и го претвора во лузерска лимунада. Меркјурискиот електропоп-рок ја нормализира ситуацијата на Big Freeze, симпатично полухитче наложено со фанк. Басистот Кристофер Волстенхолм самоуверено и впечатливо го презема микрофонот и авторската палка на убавата, нежно-интроспективна Save Me и на Queens of the Stone Age нафураната трескачина Liquid State. По ова, бендот не си пука во колено, туку си го разнесува телото од појасот надолу со Skrillex-инјектираната претпоследна трака Unsustainable. Дебаклов е разблажен со течниот, оркестарски, даб-хаус на Isolated System, ама сепак, не го спречува материјалот да заврши на кисела нота.

Тематски, изданието ротира околу грандиозен, научен, концепт, низ којшто плутаат и лични искуства на полето на љубовта и останатите зависности. Централната порака, условно кажано, бидејќи нема проповедање, е длабоко вкопана во вториот закон на термодинамиката. Алузијата со актуелниот свет е видлива затоа што суштината на овој постулат гласи – економија базирана на бескраен раст е неодржлива. На најтазе цедето на триото, слично како и на претходниците, великите општествени прашања играат значајна ролја, ама носечките повторно се препуштени на музиката и на занаетот на пишување песни. Како и досега, групата во областиве и на The 2nd Law во мнозински дел успеваат на својот препознатливо апсурден начин. Загрижува што малцинскиот пакет, оној што секогаш ги турка на напредок, на растеж, се приближува до точката по која што ќе добие формална обврска да преземе комплетна контрола врз АД “Белами, Волстенхолм и Хауард”. А тоа, како што и самите Muse се свесни, ќе биде погубно за нивната желба за долготрајно одржување на врвот.

Оцена: 77/100

Артист: Muse
Албум: The 2nd Law
Датум на објава: 28 септември 2012
Продуцент: Muse
Издавач: Warner

Листа на песни:
1. Supremacy – 4:55
2. Madness – 4:39
3. Panic Station – 3:03
4. Prelude – 0:57
5. Survival – 4:17
6. Follow Me – 3:51
7. Animals – 4:23
8. Explorers – 5:48
9. Big Freeze – 4:41
10. Save Me – 5:09
11. Liquid State – 3:03
12. The 2nd Law: Unsustainable – 3:47
13. The 2nd Law: Isolated System – 4:59

Слични написи

1 коментар

NaumN 06/10/2012 - 12:47

Хммм…77…кај мене нешто подоле ќе иде, повише накај 67. Најслабо до сега од Muse, некако скроз избегано од претходниот материјал. А можда и фанот на старите Muse у мене го збори тоа, шознам, некако тешко легнуе албумов. A Unsustainable рока јако 🙂

Reply

Остави коментар