Louie: Свиреп шегобиец

Комедијата, не само, ама особено денес, се вбројува меѓу наједноставните и во исто време, најефикасни, издувни вентили. Стрес, проблеми, разочарувања, насобран гнев и што уште не, поттикнуваат многумина на пентарење планини, трчање ултрамаратони, кревање тегови, прпелкање на пилатес. Алкохолот и дрогата унапредуваат формули и пакување, ама за навек ќе останат резервен (или примарен) раствор на којшто можеш да се потпреш ако сакаш привремено да ги отруеш сите нервози што капитализмот ти ги плеска во лице. Секое од инстант-решенијава си има предности и слабости, но кога врз нив ќе се додаде газење од смеење или засебно ќе се применува (само) исмевање, ниту масажата не делува како доволно ефективна тактика за прилепување искинати живци. Токму таква, прочистувачка, е серијата Louie – и за авторот и за гледачите.

Замисла и дејствие: Според ситуациите во кои запаѓа главниот лик и по траењето на епизодите, Louie крајно лабаво наликува на ситком. Одвнатре, ова е човечка драма со нехумано сурова, но и невозможно забавна, црна комедија. Креаторот, Луи Си Кеј, кој ја игра централната ројла, го пишува сценариото, продуцира и режира, го конципирал шоуто со степен на хаос карактеристичен само за животот. Темелите на заплетот се дека тој е комедијант и разведен татко на две деца. Ако носечките карактери во апла меинстрим-ситкомите се фрлени во сплет на околности што цело течение е основа за смешните случувања, тука Луи и само Луи е повод за секоја шега. Недостатокот од класично дејствие од FX, мрежата што ја емитува серијата, е опишано како колекција од проширени вињети.

Во право се, сторијата во Louie се развива фрагментирано иако тоа градење е под знак прашалник бидејќи сè често делува како нафрлување, престројување и вклучување и исклучување во настаните од страна на публиката. Предвидливост речиси и да нема, освен во двете константи во животот на херојот – љубовта кон ќерките и сопствената предимензионирана несигурност. Остатокот нелинеарно се движи насекаде и никаде. Временска рамка не постои, нема јасно движење од точка А до точка Ш, туку тие што се од надворешната страна на екранот се сведоци на парчиња од животот на Луи без можност за каква било претпоставка за евентуалната негова еволуција. Елементот на шок (изненадување не е доволно силен збор) затоа е најголем сојузник на авторот и актер кога тој врши позитивна агресија со армијата шеги во секоја од епизодите.

Сценарио, изведба и ликови: Како и секој врвен комичар кој сака да се издвои од стадото што прераскажува вицеви за Трпе и Трпана, Луи со џиновска лажица црпи од искуствата во својот живот, ги дестилира и од нив произведува комедиска ракија. Таа лути, а тој без премногу размислување, ја сервира на голо, без салата и газирана минерална вода. На тој начин, потресите со неочекуваните кривини на дејствието значајно се нагласени со елементот на попарување кога јунакот, најфреквентно врз себе, а и на опкружувањето, истура шеги врели како катран од сортната резерва на скопскиот градоначалник. Брзи и психотично смешни, тие се напишани безмалку генијално. Понекогаш освојуваат со ироничната баналност, а во мнозинството од случаите со искреноста, директноста и со смртоносната проникливост.

Телевизијата на која што се прикажува е кабелска, а тоа во САД значи оти од цензура нема ниту трага. Шефот на шоуто оваа предност, сепак, не ја злоупотребува до точка на вулгаризација. Да, има пцуење. Несомнено, користи погрдни зборови. И најважно, не му фуфка да биде политички некоректен кон раса, пол, сексуална ориентација, класа и сè од што бегаат дури и најхардкор-заштитниците на слободата на говорот. Некому, на пример на постмилениумски просветлените, тоа веројатно ќе им биде одвратно и одбивно. Тоа би била чисто протоколарна реакција, небазирана во реалноста, зашто таму, кога Луи пердаши без Бадинтеров принцип, тоа е интелигентно, ненавредливо и покорувачки отворено. Вредноста на ова се зголемува четирикратно со фактот дека со истата, ако не и побескомпромисна, невоздржаност, тој си се исмева себеси.

Ова самоомаловажување Си Кеј го изведува со екстремно рудиментарна глума. Не е непостоечка, ама ниту трошка академска. Ваквата поставеност перфектно се вклопува во примитивниот пристап на снимање со една камера што прави сè да изгледа како да е откинато од реалноста. Потполно ист принцип применуваат и споредните ликови иако и тие не си ја заслужуваат титулата зашто никнуваат повремено и исчезнуваат со уште поголема брзина. Специјалните гости, како Рики Џервејс, Џоан Риверс или Крис Рок, се тие што го подигнуваат нивото на смеа до точка на хистерија. Некои од нив играат измислени луѓе, а други портретираат модификувана верзија на себеси. Интеракцијата што секој од нив ја има со Луи е освежувачки природна. Взаемните спуштања и ниски удари се мерак за следење, а егото и величината никогаш не делуваат како пречка.

Теми: Токму последново – суетата – или поточно, нејзиното непостоење бидејќи Луи ја уништил со умствено-емотивна нуклеарка, е меѓу клучните причини за успешноста на серијата. Отсуството на самобендисаност кај комичарот широко ги отвора неговите креативни чакри и го предизвикува сценаријата да ги создава без ракавици. Нормално, Си Кеј го прифаќа повикот и возвраќа со понижување на сè што мрази и на по нешто што му е мило кај себе и во сопствениот живот. Освен разводот и односот со бившата сопруга, 45-годишникот се осврнува и на прашања како депресијата, одгледувањето деца, католичката вина, сексот и сексуалната ориентација и долга низа разновидни и најчесто целосно неповрзани теми. Елементот со којшто јунакот ги конвергира сите овие поглавја од својот живот е острината. Без разлика кое го обработува, тој сече со шеги убиствени како ножот на Рамбо.

Севкупно: По сите параметри, ова што зафркантот од Менхетен го осмислил и толку успешно го реализирал не е само посебна серија, туку телевизиски уникат. Најпросто кажано, на американските традиционални големи мрежи, но и на кабелските канали не постои проект што барем делумно му се приближува. Допирните точки со типичниот меинстрим ентертејнмент се бројат на прсти, но ова е програма чија примарна цел и понатаму е да забавува. И популарните лимунатки од 20-ина минути, кои речиси секој ден ме кезат мене и милиони други, се тамам. Тие си завземаат место во хиерархијата на поттикнувачи на насмевки, но оние изродени од нив се пристојни, благи и лесни за џвакање. Овие на Си Кеј, од друга страна, се недоветни, горчливи, тешки за голтање, ама и ѓаволски, ѓаволски, смешни. Од нив испливува потврдата дека Louie е свирепо комично шоу, а Луи моментно најбрутално искрениот шегобиец.

Оцена: 93/100

Серија: Louie (“Луи”)
Продукција: FX
Премиера во САД: 29 јуни 2010
Автор: Луи Си Кеј
Улоги: Луи Си Кеј, Хедли Дилејни, Урсула Паркер, Роберт Кели, Памела Адлон
Специјални гости: Рики Џервејс, Мелиса Лео, Џоан Риверс, Крис Рок, Џеј Лено
Извршни продуценти: Луи Си Кеј, Дејв Беки, М. Блер Брирд

Слични написи

1 коментар

Данаил 09/10/2012 - 14:27

Одлична веб страна. Конечно нешто што недостигаше во македонскиот интернет простор. Се надевам дека ќе го проширите ова ТВ катче со осврти кон други серии.

Поздрав!

Reply

Остави коментар