22/07/2018

Godspeed You! Black Emperor – ‘Allelujah! Don’t Bend! Ascend! [Constellation, 2012]

Постирано на 25/10/2012 од во Албуми, Музика

Зборовите и гитарите отсекогаш имале симбиотска врска. Не секогаш одлучувачки за покорувачките походи на бендовите и на кантаворите, а сепак, тие се последниот грам креативна тежина која пресудува дали артистот биде натпросечен или генијален. За да се сместат високо над линијата на медиокритетот, на групите им се доволни солидни стихови и феноменален звучен пристап. Кога тој е извонреден, а жонглирањето со букви е за на циркуска олимпијада, ремек-делата се на дофат. Нивното сфаќање или уште побитно, искусување, во тие ситуации е насочувано од текстовите, а шесте жици и сè останато што ги придружува, го заокружуваат патешествието. Инструменталните изведувачи, од друга страна, не може да сметаат на таа меѓузависност. Колку и тие да се решени да им пренесат конкретна порака, крајната перцепција на нивните дела е во ушите и умот на слушателите. Освен во случаи како на ‘Allelujah! Don’t Bend! Ascend!, новиот албум на Godspeed You! Black Emperor, каде составот не користи поезија, ама исклучително јасно, гласно и писмено искажува специфични мисли и чувства.

Не сум буквалист, не верувам ниту дека такви се членовите на канадскиот колектив, меѓутоа, во првата авторска колекција што тие ја објавуваат по пауза од десет години првооделенски лесно може да се препозне саундтрак на гниењето кое ни се случува на глобално, локално и на внатрешно, индивидуално, ниво. Бендот и пред цела деценија го сликаше распаѓањето на цивилизацијата со пирамидски аудиопејсажи. Ја оставија, се фокусираа на други проекти и кога се вратија, таа е уште поразјадена, што ја прави совршен модел за експанзивни звучни цунамија. За нив, ако некој е несомнен мајстор, тоа е Godspeed You! Black Emperor. Во материјалот создаден за ‘Allelujah! Don’t Bend! Ascend!, знаејќи дека нема стихови и гледано површински, нема политика. Нема ниту општество, ниту забава, ниту наука. Едноставно, анализирајќи со арктички студен, разумски, слух, нема ништо. Има само аудиѕид. Чкртаниците со кои што е прекриен слободно пливаат во океанот на интерпретациите. Нурнувањето, нека е и минимално, без маска, со очи широко отворени веднаш под површината, тоа драстично го менува.

Тоа заронување, по кое вообичаено следи и препуштање, разоткрива дека ‘Allelujah! Don’t Bend! Ascend! е политичко животно како што и Godspeed You! Black Emperor е zoon politikon. Тие не се пропагандисти. Како би можеле да бидат кога не пишуваат стихови. Не се ниту надуени анархистички снобови. Луѓе се, како мене и тебе, и баш тоа чувство, како е да се живее како човек денес, а не како богаташ, како влада, како службеник на моќниците, го илустрираат на четвртиот студиски албум. Додуша, тоа на ваков или онаков начин беше суштината и на претходниците. Со сè што се отплетка и потоа покомплексно се замрси од 2002 година до денес, по војните во Авганистан и во Ирак (кои уште траат) и особено по финансискиот крах предизвикан од алчноста на банките (која никако да се намали), новата збирка и тоа како громогласно резонира со битисувањето под глазираниот праг на милионерите. Значително посилно од порано, овој пат се насетува мачнината во која што планетата извесно време е заглавена. Не се работи за затишје пред бура, туку горлива тегоба од состојбата на статус-кво.

Оваа накострешеност на нерви, коски, жили, мускули, крвни садови, мозочни ќелии, на духот, поприсутна е кај тие што паѓаат сè пониско отколку кај оние кои натрупуваат сè повисоко. Тешко ми оди да проценам дали пронаоѓаат надеж, но убеден сум дека на најтазе плочата ископуваат убавина во оваа непријатност. Во неа се собрани буквално сите фекалии – тврди, течни и етерични – што катадневно се исфрлаат по заборавените ќошиња и по рекламираните мегацентри на светов, а со кои без отпор се помиривме да опстојуваме. Дружината од Монтреал, користејќи планина инструменти од гитари до  ксилофон, оваа севкупна општествена, филозофска, политичка и емотивна состојба ја оживува во две титански 20-минутни композиции и две трипати покуси левитации. Опширни, а фокусирани, приземни, а величенствени, возвишени, а скромни, тие ја лоцираат грациозноста во гневот и бесот во пристојноста. Притоа, уста не отвораат, а отворено изјавуваат оти сето ова прави да чувствуваме дека сè што сакаме, што и да е тоа, едноставно ќе биде распарчено. На тој начин, Godspeed You! Black Emperor како да го претвора ‘Allelujah! Don’t Bend! Ascend! во сјаен потсетник дека секој од нас е идејно и физичко оружје за пресврт на вековното галопирање кон дното. Само треба да не виткаме кичма, да ги надминеме баналните линии на поделба и да се воздигнеме. Алелуја!

Оцена: 96/100

Артист: Godspeed You! Black Emperor
Албум: ‘Allelujah! Don’t Bend! Ascend!
Датум на објава: 1 октомври 2012
Продуцент: Тери Амар, Ефрим Менук и други
Издавач: Constellation

Листа на песни:
1. Mladic – 20:00
2. Their Helicopters Sing – 6:30
3. We Drift Like Worried Fire – 20:07
4. Strung Like Lights at Thee Printemps Erable – 6:32

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>