19/08/2018

Gaza – No Absolutes In Human Suffering [Black Market Activities, 2012]

Постирано на 03/10/2012 од во Албуми, Музика

Создавањето чувство што се движи помеѓу крајностите на суровите емоции е мотивот на Gaza, неодамна напиша тапанарот на четворката, Кејси Хенсен, во онлајн-текст за магазинот Modern Drummer. За мрзеливо, неавантуристичко, полно со предрасуди, уво, изјавава веројатно е чиста глупост. Слушано од тој агол, групата од Солт Лејк Сити е уште една од оние малоумните, кои рикаат животински и силуваат инструменти, без да кажат нешто со суштина. Разбирливо, како и сите кои мислењата ги градат врз основа на лични и колективни стереотипи, а не од искуство, од ангажирано доживување во прво лице, ова е аматерска грешка. Квартетот од Јута е ѕверски, но и интелигентен. На третиот студиски албум, No Absolutes In Human Suffering, тие во звук ги претвораат и ги премостуваат двете екстремности на необработената човечка емотивност.

Многумина би рекле оти овој аспект на хуманоста треба стопроцентно да се игнорира. Следејќи ја истата “филозофска” школа, разумот ни е единствениот избор ако сакаме и да се надеваме на преживување во универзумот којшто веѓа не мрда за нашите суетни сфаќања за постоењето. Свесни за оваа самобендисаност, Gaza на најсвежата плоча ја раскинува како волк мутиран од радијација, кој во остра зима скитал низ планини и конечно нашол со што (или со кого) да го наполни празниот желудник. Дали оброкот имал спротивно поставени палци е помалку важно, клучно е оти бендот го опева како суштество што физички еволуирало од проста каша до ултракомплексен организам, ама духовно, не ја научило лекцијата за взаемна почит и сочувство. Отсликувајќи го отсуството на двете особини, материјалот е груб, исцрпувачки, скоро инквизициски.

Во исто време, тој е и прочистувачки. И за бендот и за слушателот. Кога е во прашање музика како оваа, агресивна и нагризувачка, катарзата е неизбежна. Осврнувајќи се, со жар поттикнувајќи дискусија и отворено предизвикувајќи ги религијата, политиката и моќта, Gaza се мие себеси од токсичната мешавина што на дневна база се произведува во фабриката на модерниот капитализам. Потпирајќи се најмногу на грајндкорот, врз којшто редат бетонски блокови од хардкор, панк, метал и слаџ за потоа да фрлат дози малтер од џез и слични суптилности, тие ја подвлекуваат вистината што сите, во себе или јавно, одамна ја знаеме – дека едни кон други, луѓето се пекол. Инспирирана од Кормак Мекарти и од неговите пусти, пост-апокалиптични, светови, групата свири, се дере и пишува со истиот, мрачен, степен на гнев и раздразнетост.

Како и секој состав што ја сфаќа есенцијата на аудиомелењето, квартетот не заборава да се шегува на сопствена сметка. Дефинирајќи го својот стил како прогресивен краст / математичка мочка и нарекувајќи се себеси “некои од најфините кретени што некогаш ќе ги сретнете”, тие прикажуваат охрабрувачка приземност. На ваквата комедија може да се додаде и вицот дека се “пропаднати емо-музичари” и животната иронија дека се основани како инди-бенд што “траел половина проба”. Со овие потези, тие внесуваат уште поголема тежина на сериозноста со која што како моќен циркулар на резанки ја сечат современата (не)хуманост. Најчесто, No Absolutes In Human Suffering нема ниту трошка грижа на совест за бескомпромисноста со која што ги напаѓа ушните школки. Во миговите кога материјалот елегантно поздапира, кога се отвора простор за појасно да се види одразот во огледалото, Gaza поентира – дека нема апсолутни вредности на човечкото страдање. Неговиот врв, којшто кога почнавте да го читате текстов беше на една, прилично висока, точка, додека завршивте, некој сигурно го надминал.

Оцена: 87/100

Артист: Gaza
Албум: No Absolutes In Human Suffering
Датум на објава: 28 август 2012
Тон-мајстор: Курт Балоу
Издавач: Black Market Activities

Листа на песни:
1. Mostly Hair and Bones Now – 2:34
2. This We Celebrate – 4:42
3. The Truth Weighs Nothing – 1:43
4. Not With All the Hope in the World – 6:22
5. The Vipers – 3:51
6. No Absolutes in Human Suffering – 3:39
7. The Crown – 3:03
8. When They Beg – 3:48
9. Winter in Her Blood – 3:57
10. Skull Trophy – 3:34
11. Routine and Then Death – 6:01

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>