Enabler – All Hail the Void [Southern Lord, 2012]

Морничаво сликовитата, живописна, а во исто време, јагленосано црно-бела обвивка на All Hail the Void, вториот албум на Enabler, ме врати во времето кога читав фанзини. Нарачани по пошта, платени со пари завиткани во индиго-хартија за да не ги фатат при скенирање во царина (никогаш не открив дали е трик или помага), тие беа примитивен, но искрено ефективен начин на информирање. Некои беа крајно обожавателски, често и претерано неписмени, ама пак успешно продираа во суштината. Се среќаваа и профи-испечатени, на факултетски јазик напишани, меѓутоа и кај нив, каузата не беше да се обраќаат од облаци, туку да споделат пресни, непознати, артисти и албуми. И едните и другите на подземните маргини постојат и денес. Извесно ниво над нив, блоговите и про-боно сајтовите го презедоа приматот, но за доминантен број од нив, срцевината остана непроменета. Тие живот даваат да откопуваат групи како оваа од Милвоки.

Такво чувство – на радост од откривањето – доживеав при првото вртење на All Hail the Void. Безмалку две недели подоцна, уште ми трае. Причина за тоа е веродостојноста и суровоста со која што Enabler го искомпонирал и отсвирел својот видик врз миксот од метал, хардкор и панк. Анализиран на основно, примално, ниво, тој вирее во познато мочуриште, меѓутоа, гази, плива и нурка низ него со уверлива вештина каква што е сè помалку присутна на металкор-сцената. Ако го дефинирам за да му ставам лепенка со опис за на полица во цедетека, дисков би влегол во оваа категорија. Мала цепеница од него, пак, не мора целиот, како лебарка ги гмечи најголем од тие објавени од нивните современици. За разлика од споменативе, на кои им фуфка да избегаат од 10 години здодеаните правила за предизвикување шутка и само шутка, квартетот предводен од Џеф Лорбер опустошува со набилдана верзија на старошколската формула.

Како комплетен автор на материјалот, овој вокалист и нинџа-гитарист, зел хардкор и му доделил преовладувачки статус во мешавината. Со метал, зовриен како ѕвер и со техника на винг-чун мајстор, го зајакнал. Панкот, оној недоделкан, дивјачки, внесува хаос. Поради проблесоците на грајндкор и дет, тој на моменти сè сотрува, дотолчува. Ди-битот на севкупната комбинација ѝ дава тежина еднаква на хулковата тупаница. Не е тешко да се констатира оти All Hail the Void е разурнувачки настроен, деструктивен, булдожерски материјал, ама оваа нападност изобилува со интелигентни аранжерски решенија. Штом веќе решиле да свират металкор, Enabler не морале до тој степен да си ги напрегаат мозочните ќелии. Можеле, едноставно, гитарите да ги употребуваат како мотокултиватор и да ораат во милион пати поминати бразди. Одлуката, сепак, да не го трошат непобитниот талент резултирала со полнокрвен спој на хеви-правци којшто го освежува жанровскиот концепт и го издвојува од фабричката лента.

Или опишано со непсиходелични флоскули, составот креирал метал, хардкор и панк фузија која што е целосно нивна, а во исто време, ги зачувува најсилните предности на споменативе правци. Пресудни, секако, во ова се – убиствените рифови. Знаејќи дека хипердисторзираната гитара кај трите е реакторот, бендот применил дел од засебните пристапи кон неа, но жиците, сепак, најмногу мегавати произведуваат користејќи од најхеви-горивото. Инспирација за акање од патос има од моментот кога воспитаното интро на F.A.T.H. ќе се трансформира во дивјак невозможен за припитомување сè до смртоносната испратница Funeral Dirge. Помеѓу, квартетот се однесува потполно исто како во кусата реченица со која што ја отсликува колекцијата: “Светот е сјебан, а ова е саундтракот на неговата пропаст”. Можеби затоа што потсвесно ми е јасно дека токму тоа нè чека, и тоа не така далеку, толку лесно се навраќам на повикот што Enabler го испраќа со All Hail the Void – сите да ја поздравиме Празнината.

Оцена: 87/100

Артист: Enabler
Албум: All Hail The Void
Датум на објава: 17 јули 2012
Продуцент: Грег Томас
Издавач: Southern Lord

Листа на песни:
1. F.A.T.H. – 2:18
2. The Heathens – 2:16
3. Speechless – 3:21
4. Fuck Today – 3:34
5. False Profit – 1:37
6. All Hail the Void – 3:36
7. True Love – 3:00
8. They Live, We Sleep – 4:38
9. No Deliverance – 2:14
10. Save Yourself – 2:51
11. Trust – 2:37
12. Funeral Dirge – 2:30

Слични написи

Остави коментар