Bat for Lashes – The Haunted Man [Parlophone, 2012]

Талентот за пишување убави мелодии и надареноста со прекрасен глас не се спој што секојдневно се среќава меѓу музичките изведувачи. Најидеално би било таквиот микс да е претерано присутен, да е со декрет обврзувачки стандард, ама така веројатно би имале мака да ја разликуваме посебноста од просечноста. Ако сите се раѓаат со вокал од којшто влакната на кожата се исправуваат како топола и згора на тоа се способни да компонираат како поп-рок-верзии на Моцарт, пронаоѓањето уникатност ќе биде како потрага по Светиот Грал на планета затрупана од чаши во секакви форми. За среќа – или за жал – Земјата е рај на несовршеноста. Откривањето имиња кои се истовремено потковани автори и сопственици на златни жици во грлото денес е како прошетка во простран, елегантно уреден, незадушен од споменици – парк. Поседувањето ваков баланс Bat for Lashes го илустрира на дебито Fur and Gold, значително го усоврши на Two Suns и речиси на исто ниво го одржа на неодамна објавениот The Haunted Man.

Симпатиите на Наташа Кан отсекогаш биле посилно вперени кон мракот отколку кон светлината. На дискот од 2009 година се интересираше за сонцата, но со дурбинот ја истражување и нивната подзаборавена, темна, страна. Последното издание, токму по тоа, отскокнува од претходното. Обвивката, која на Two Suns е со јаки, нагласени бои, а на The Haunted Man е соголена, во нијанси на сиво, ова првенствено го потенцира. Следното најзабележливо одвојување е кај звукот. Ако на плочата од пред две сезони беше пулсирачки, делумно електро, скоро и диско, овој пат тој е ритмички поспокоен, хармониски поприбран и инструментално, оркестарски, проширен. Лондончанката не е редок вокален вид како Арета Френклин, ама нејзиното пеење, сепак, си подигрува со правилата на просторно-временскиот континуум. На ова, иако намерата ѝ е поинаква, перфектно се надоврзуваат стиховите што ја отвораат Lilies, а со тоа и цедето: “Ноќва пак пеев песна, молитва, ако милувате. Паднав на подот на зацрнетите колена и сите дрва застанаа, неподвижни”.

Таа дарба, за смрзнување на слушателите со обемен распон изведувачко-аранжерски решенија, Кан ја демонстрира уште на првенчето. Смирувачки е да се чуе дека од неа загубила минимален, разумно прифатлив, дел на третата плоча, откако на втората ја издигна до позиција на референца во нејзината досегашна кариера. Пад, најусловно кажано, има кај рафинираноста на композициите, која што на Two Suns маестрално ги подвлече силните и во своја полза ги сврте слабите страни на авторката. Лизгањето на The Haunted Man е во сивата зона на очекувани статистички грешки. Албумот, инаку, лебди во мислите поради леснотијата со која што се восприема и цврсто се вкопува во сеќавањето како резултат на поетско-емотивната длабочина што ја поседува. Инди, дрим, барок, синт, употребете која било од категориите што обично се припишуваат на Bat for Lashes (или сите одеднаш) но заклучокот секогаш ќе биде ист – ова е поп-звук. Современ, музички писмен, издржан, а сепак, магнетизирачки, слушлив, разбирлив.

Последново не се однесува само на вештината со која што 32-годишната кантавторка и мултиинструменталистка ги обработува пластовите идеи, тонови и зборови за, откако ќе се поврзат, тие да делуваат како неверојатно проста целина. На неа ѝ поаѓа од рака и зборовите, како и доживувањата што преносно или автобиографски ги пренесуваат, да ги приближи со соголена едноставност карактеристична за големи песнописци. Бонус на остварувањето, елемент што интелигентно, ненаметливо, а продорно, болдира сè што потписничката сака да каже, се оркестрациите. Применета со умешност и во дози кои не ја крадат молскавичноста на гласот или, пак, непотребно не ја дујат нежноста на мелодиите, лепезата од жичани инструменти фрла снопови светлина врз потишеноста и ја зајакнува морничавоста на емотивниот мрак. И покрај оваа јасна меланхоличност, The Haunted Man не остава горчлив, депресивен, одбивен вкус во устата, туку успева да лоцира каде, поточно, во пештерата на неизбежната болка е скриена веселоста. За тоа, без прашинка сомнеж, е одговорно шестото сетило со кое Bat for Lashes продира во срцевината на хуманоста прогонета од духови на минатото, сеништа на сегашноста и од сновиденија на иднината. Достигнување за восхит, ако се знае дека Наташа Кан ја нема супермоќта на Саше Фактор Икс.

Оцена: 86/100

Артист: Bat for Lashes
Албум: The Haunted Man
Датум на објава: 12 октомври 2012
Продуцент: Наташа Кан
Издавач: Parlophone

Листа на песни:
1. Lilies – 4:45
2. All Your Gold – 4:31
3. Horses of the Sun – 4:59
4. Oh Yeah – 4:54
5. Laura – 4:25
6. Winter Fields – 3:41
7. The Haunted Man – 5:16
8. Marilyn – 4:35
9. A Wall – 4:00
10. Rest Your Head – 4:03
11. Deep Sea Diver – 6:19

Слични написи

Остави коментар