Звучни резови #5: Burning Love, Frank Ocean, Passion Pit, Swans, Eagle Twin

Не треба да сте нуклеарни физичари за да заклучите дека Southern Lord изминатиов период ми е омилена етикета. За тоа доказ беше претходното поглавје од Звучните резови, а сегашново, со уште две изданија со нивната налепница, само го запечатува тој заклучок. Покрај хардкорот и стоунер-металот од американскиот независен лејбл, дел од оваа плејлиста се и најсвежото откровение на модерната соул-сцена, инди-поп-милениците опседнати со синтисајзери и вториот албум на швркнатите старци кои што го измислија растегнатото мантрање во хеви-универзумот. Нервоза, романса, журка, параноја и гмечење се зборовите што веројатно најфино ги скицираат петте плочи кои последниве недели не ги вртам нон-стоп, ама доволно често им се навраќам.

Burning Love – Rotten Thing To Say [Southern Lord]

Оцена: 80/100
Датум на објава: 19 јуни 2012

На хардкорот и на панкот не им е потребно дополнително вбризгување адреналин за да уште пожестоко да гризат. Без разлика, доколку се најдат будали доволно кадарни тоа да го изведат, а притоа да го направат веродостојно, лутиот рокенрол е течноста со која што треба да се наполни шприцот. Таква инјекција ставаат Канаѓаните Burning Love на вториот студиски албум, Rotten Thing to Say. Јасно, гласно, се слуша, но и на основно, примално, ниво се чувствува дека членовите на бендот од Торонто се воспитувани и образувани на хардкор-панк-сцената.

Ударите на тапаните имаат таква разорност, дисторзијата пржи со тој гнев, а вокалот низ заби плука зборови со таа детерминираност. Составот сè ова собира на купче, го стега во тупаница и става боксерска ракавица. Во неа, наместо тврд сунѓер, има куп железни шрапнели во кои што е компресирана пргавоста на лик како Џери Ли Луис. Со тој потентен микс групата мава крошиња со мелодија, а конечниот аперкат, по кој што следува класичен нокаут, доаѓа со рефрени што делуваат како да излегле од грло кое не е зарипнато, туку зар’ѓано. Burning Love навистина имале што (гнило) да кажат.

Frank Oceanchannel ORANGE [Def Jam]

Оцена: 84/100
Датум на објава: 10 јули 2012

Звучно-емотивниот спој на ритамот со блузот своевремено беше една од најубавите музички форми што можат да ја слушаат милиони луѓе без грижа на совест дека критичарите (и со тапија и во филм) ќе ги гледаат под нос. Денес, секако, аренбито, во најголем процент, е сведено на додаток во еуро-Гета-трансот што суверено владее на топ-листите. Со дебито channel ORANGE, кантавторот Френк Оушн во голема мера ја враќа довербата во жанрот иако заслужените пофалби, мнозинството од рецензентите непотребно ги воздигнуваат до степен на навивање.

Музичарот од Лос Анџелес, кој е дел од колективот Odd Future, првенчето го слика со широк спектар од чувства, размислувања и референци благодарение на способноста за мултитаскинг и веројатно клучно – феноменалниот глас. Кршливоста, очекувано, е во преден план, а тоа резултира со материјал поисполнет со преиспитувања и прашања, наместо со крутост и конечност. Имајќи предвид дека е концептуална приказна, која Френк Оушн ја раскажува последователно низ нумерите, channel ORANGE е замрсено, повеќеслојно, издание чија величина се забележува со аналитичен пристап. Чудно, ама во исто време, албумот незабележливо, просто, се впива како Шанел во кожа.

Passion Pit – Gossamer [Columbia]

Оцена: 76/100
Датум на објава: 24 јули 2012

Синтисајзерот отсекогаш ми бил повеќе комичен, отколку корисен инструмент кога во прашање се рокерските, гитарски, бендови. Причина – 80-тите, кога тапирањето беше погласна музичка изјава од пишувањето песни. Со тек на годините, сепак, се појавија нови, а открив и стари, групи кои знаат како пластично да ги искористат клавишите што аудиочуда прават. Последниве деценија и кусур изникна плејада изведувачи чиј поп-рокенрол е нераздвоив од електро-клавијатурите, а дека е еден од посолидните, Passion Pit пак потврдува на годинашниот Gossamer.

Сигурно користат некои ѕверски фенси-машини, ама мене ми се чини како да свират на детски Casio и токму затоа ми се допаѓа спојот на сајзерот со рок-ритмиката и пулсот. Тоа во материјалот внесува привлечен адолесцентски карактер иако аранжирањето и сè што се брои како креативен влог е изработено од раце и ум со интуиција и искуство на возрасни луѓе. Членовите на Passion Pit веројатно се релативно млади, во поп-звукот што го потпишуваат таа веселост доминира. Самиот наслов, пак, Gossamer, нагласува дека во него се крие зрела разновидност, ама мене и понатаму ќе ми биде поинтересно да верувам оти зад сето тоа се крие црвеното чудовиште на Луни Тунс.

Swans – The Seer [Young God]

Оцена: 87/100
Датум на објава: 28 август 2012

Кога во 2010, по пауза од 14 години, Мајкл Жира ја обедини групата со која што си наслика икона во храмот на музичките генијалци, очекував, конечно, оти ќе потфрли. Со лудачки долго насловената камбек-плоча Swans ме вразумија, а со следбеникот, со разредувач ги избришаа и последните капки сомнеж во потребата и во релевантноста на составот во денешнава ера. По сите параметри, група со толку его на квадратен милиметар не би требало веќе да постои, а камо ли да создава, но The Seer потенцира дека не им треба апарат за реанимација или пумпа за хранење со креативни сокови.

Родоначалниците на сè бавно, развлечено, репетитивно, космички широко и ѓаволски мрачно, формулата што ја измислиле неподносливо веродостојно ја применуваат и на 12-тото студиско остварување во кариерата. Во период кога помлади групи одредено време творат со извонредно успешно надградена верзија на тие постулати, Swans си остануваат свои, а The Seer без мака звучи интимно сврзан со актуелноста во која што е роден. Ова е албум што се вари во силен желудник или, пак, во таков што барем некое време бил подложен на интензивни подготовки. А резултатите? Убиваат чиреви.

Eagle Twin – The Feather Tipped the Serpent’s Scale [Southern Lord]

Оцена: 78/100
Датум на објава: 28 август 2012

Нискотонското завивање што дава вовед во The Ballad of Job Cain pt. 1, а кое набргу е надополнето од багерски риф и камионски (ама вакви) ритам, веднаш ги расчистува евентуалните дилеми за тоа каков албум е The Feather Tipped the Serpent’s Scale. Не е интелектуален (ниту е глупав), туку е животински. Напишан, снимен и отсвирен од двајца – гитарист и тапанар – материјалот наликува на џиновска гасеница со челуст на ајкула која се поместува милиметар по милиметар и во процесот откинува огромни парчиња од праисконската природа на човекот.

Киселината што сето тоа го вари е 50 проценти рифови, 50 отсто ритам и вокал. Севкупниот раствор, на моменти што и не се така малку, е гнасно анимален, нагризува таму каде што инстинктот за преживување царува, а разумот има споредна улога. Разбирливо, ништо од ова немаше да биде толку привлечно за уво и стомак ако Eagle Twin не покажеа докторски способности во областа на грувот. Без разлика што за неколку степени е побавен отколку што нашите денешни карактери имаат потенцијал за трпение, тој на The Feather Tipped the Serpent’s Scale е пердувот што ја поместува вагата во суперпозитивна насока.

Слични написи

Остави коментар