School of Seven Bells – Ghostory [Full Time Hobby, 2012]

Тажно е како вештината, онаа вековна способност за продирање во тајните на одреден занает, во денешно време ја гази секој што изгледал два-три филма од Ларс Фон Трир или YouTube клип од некоја од недоброените тиради на Славој Жижек. Не дека нема што да се научи од умртвеноста на првиот и шоуменството на вториот, но поради тоа не се префаќа вирус од кој што се станува уметник или филозоф. И тоа е потполно можно. Во нив, а и во останатите творци на таа глобално рекламирана интелектуална линија, многумина секојдневно црпат инспирација и поттик, но тоа не им дава право да газат по сè што е направено повеќе со умеење отколку само со ум. Прешалтувањето од експериментален бучен шугејз-арт на дебито Alpinisms и обновување на 80-тите на следбеникот Disconnect from Desire во речиси чиста електро-поп-техника на Ghostory на School of Seven Bells им го донесе познатиот убод: сте станале многу обични!

Не е ова прободување со тапо сечило. Третиот албум на SVIIB (така го стилизираат) е аранжерски поедноставен, подиректен, комплетно оддалечен од желбата за тиранско покорување на слушателот со премостување на генетскиот код на жанровите. Уште со темата што го отвора дискот, The Night, бендот ја обелоденува новата опседнатост со занаетчиската страна на музиката. Конкретно во оваа песна, таа подразбира умешност за пишување неколкутонски, лесно запаметливи, гитарски и бас-решенија, привлечни и магични женски вокални линии и ритам создаден на машина што удира во стомакот со прост брејкбит-такт. Дуото има мајсторски фат за спојување на сето тоа во компактна целина, што го докажува со флуидноста на самата нумера и со начинот на којшто таа се претопува во следната. Нема спектакл. Огнометите на оригиналност од првиот албум групата ги оставила таму – во минатото.

Албумов сè уште ја носи препознатливата School of Seven Bells магливост која што се слуша и во подинамичната воведна трака, пред да се претвори во голем облак на трип-хоперската Love Play. Претходно, составот отскокнуваше со хармонизациите меѓу двете сестри-пејачки, Клаудија и Алехандра Дехеза. Сега, кога се без првата, можеби се послаби за клучен елемент. Приморани се да ја прифатат судбината на најголемиот број бендови – да имаат еден вокал – но девојката што продолжува со поставата цврсто ја зграпчува шансата и убаво се вклопува во свежата насока. Таа на свој грб носи теми како втората на цедето, кои се помирни, поинтровертни, ама и како третата, Lafaye, чиј диско-ритам е како измислен за понаметливи гласовни одлуки. Алехандра на моменти е најистурен актер на Ghostory, а на други, како на хаус-вкоренетата Low Times повеќе се забележуваат гитарските, ритмички и бас-трикови на Бенџамин Кертис.

Втората третина од оваа композиција го бетонира впечатокот оти двојката појако се потпира на електрониката, а истото продолжува и на синт-беседата Reappear, која го цепи материјалот на две половини. Притисокот минимално се крева на Show Me Love, за потоа да дојде финишот со триото најпулсирачки и најсилни нумери. На Scavenger, басот го води дејствието, кое што, во исто време, е соодветно за ѕенѕање и за думање. Денс-атмосферата експлодира со рифот и ритамот на White Wind. Албумот доаѓа до точка на самозапалување со гласниот, репетитивен, осумминутен, шугејз-мотивиран еп When You Sing. Овие две се убедливо најдобрите траки на цедето, а првата од нив е поп во електроформа каков што мора да има на поп-топ-листите. Нема, таа мисија денес е залудна. Награда за уши е што тоа, сепак, не ги спречува School of Seven Bells на Ghostory да демонстрираат колку се вешти при креирањето такви песни. Поради нив, очите не се ококоруваат како да виделе дух, туку се сосредоточуваат како во мигот на вовлекување во пријатна, сонлива, приказна.

Оцена: 80/100

Артист: School of Seven Bells
Албум: Ghostory
Датум на објава: 28 февруари 2012
Продуцент: Бенџамин Кертис
Издавач: Full Time Hobby

Листа на песни:
1. The Night – 3:48
2. Love Play – 4:11
3. Lafaye – 4:14
4. Low Times – 6:32
5. Reappear – 4:09
6. Show Me Love – 4:44
7. Scavenger – 4:26
8. White Wind – 4:41
9. When You Sing – 8:34

Слични написи

Остави коментар