21/08/2017

Propagandhi – Supporting Caste [Smallman, 2009]

Постирано на 17/09/2012 од во Репост

Баталете интелекутализации, барање значења, суштини, дешифрирање пораки, разбивање скриени кодови или читање меѓу редови, кога доаѓате до заклучок оти некое дело е ептен добро, ама, онака, навистина успева да ги надмине сите критериуми за висок квалитет, просто е: зборовите се излишни. Не е воопшто важно дали станува збор за албум, книга, филм, поезија, слика, фотографија или било која друга форма на уметност, ако тој изблик на креативност ве фрапира од секој аспект, веројатно најчестата реакција е зачепување на устата. А тоа е и можеби најчесниот чекор што човек треба да го направи во таква ситуација – да молчи и да го вдишува тоа што го има пред себе. Сè друго е вишок, празно, недоволно, не ја опишува возбудата и фасцинацијата од авторскиот вулкан “зипуван” на парче пластика, хартија, платно или целулоид. Без разлика што извесни самопрогласени инди-месии и хипстер-шупаци ќе кажат дека се работи за “дебилен метализиран панк”, петтиот студиски албум на Propagandhi, Supporting Caste, е ремек-дело чии квалитети ниедна пофална рецензија не може праведно да ги опише со зборови.

Тоа што го отпочна на Today’s Empires, Tomorrow’s Ashes од 2001 година, го надгради на Potemkin City Limits од 2005, канадската четворка жестоко го финализира на годинашново издание. Квартетот и во 90-тите отскокна од лесната калифорниска форма на мелодичен панк, но откако во новиот милениум реши да свири како набилдан метал-бенд, а да поентира како бестијално напизден панк-состав, на сите им стана јасно оти составот го најде сопствениот, специфичен и препознатлив, начин на израз. Уште со бучавата што трпеливо се крева на Night Letters, а потоа експлодира како руска хидрогенка во Сибир, членовите живописно демонстрираат оти од Propagandhi создале ѕвер што својата исконска енергија ја канализирал во инструментална изведба каква што ретко се среќава и авторски идеи од кои паѓа вилицата. А за панк се работи, нема муабет, див, мелодичен, метализиран, дисциплиниран хардкор панк што изискува кревање раце со стегната тупаница и колективно пеење во еден глас. Сè на албумот е прилично едноставно и директно – од аранжманите до рифовите – ама во сите елементи има оган што го разгорува духот на секоја песна.

Дури и со игла да барате, на Supporting Caste нема да најдете лоша или непотребна нумера. Овде нема пополнувачи на простор, буквално сите песни се распоредени на вистинското место и се подеднакво слушливи и запаметливи – без разлика дали зборуваме за рокачини како насловната трака, Tertium Non Datur, Dear Coach’s Corner и This Is Your Life (оваа е напиздена до даска) или, пак, помелодични парчиња со средно темпо од типот на Human(e) Meat (The Flensing of Sandor Katz), Potemkin City Limits и The Banger’s Embrace. The Funeral Procession и Without Love се некаде помеѓу, Incalculable Effects е втората екстраразорна тема, а Last Will and Testament, убедливо најбавната композиција, најпрецизно ја пренесува меланхолијата и цинизмот на четворицата политички свесни и активни Канаѓани. Стиховите, како и на претходните четири албуми, во центарот го имаат современиот капитализам и умртвувањето на хуманоста што ни се случува поради неговите “удобности”, но се чини оти бендот овој пат целосно ги скинал ланците на иронијата.

Реченици како You’re working as hard as you can while life hangs in the air (Night Letters), History exalts only the pornography of force-that of murderers and psychopaths (Supporting Caste), Sitting on my hands hoping anyone else than me will do what should be done, it’s hard to not succumb as they call my name (The Funeral Procession) се само трошка од безнадежноста што се чувствува кај обичните смртници на секој агол од планетава (точно, не е така само во Македонија иако ние се занесуваме оти сме единствени или проколнати). Токму со фактот дека и сопствените активистички стихови ги “минираат” со двосмисленост и хумористичен фатализам, Propagandhi успешно ја избегнуваат стапицата на празни попувачи што на луѓето им се обраќаат од неколку скалила погоре. I guess it’s just common sense to preach what ought to be but ensure it never is in the present tense од Last Will and Testament перфектно го затвора албумот – “веројатно има здрав разум во проповедањето како нештата треба да бидат, но осигурајте се никогаш да не биде во сегашно време”. Токму со ваквите стихови, како и со неверојатното музичко пакување на песните, Propagandhi ве шамара од првата до последната секунда на Supporting Caste. Дури и да не сте мазохисти, верувајте, ќе се враќате на почеток и како прегладнети волци ќе барате репете од можеби најдобриот “музички ќотек” што се појавил годинава.

Оцена: 9.5/10

Артист: Propagandhi
Албум: Supporting Caste
Датум на објава: 10 март 2009
Продуцент: Бил Стивенсон
Издавач: Smallman

Track listing:
1. Night Letters – 3:53
2. Supporting Caste – 4:58
3. Tertium Non Datur – 3:17
4. Dear Coach’s Corner – 4:52
5. This Is Your Life – 1:04
6. Human(e) Meat (The Flensing of Sandor Katz) – 2:48
7. Potemkin City Limits – 3:49
8. The Funeral Procession – 4:15
9. Without Love – 3:50
10. Incalculable Effects – 2:09
11. The Banger’s Embrace – 2:13
12. Last Will and Testament – 15:16

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 26.03.2009]

Тагови: , , ,

One Response to “Propagandhi – Supporting Caste [Smallman, 2009]”

  1. cacich 4 октомври 2012 at 00:11 #

    Одличен,генијален…интересно како “Potemkin city limits” ја заборавиле за у претходниот албум :)
    Фаворити:сите(со исклучок на #5 и #10
    Night Letters-рингтон;)


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>