28/06/2017

Propagandhi – Potemkin City Limits [Fat Wreck, 2005]

Постирано на 17/09/2012 од во Репост

Повеќето ги дефинираат како екстремно левичарски, дури и агитпроп, но за мене, Propagandhi се романтичен бенд. Не за стискавац, дремка пред камин или паѓање во транс од миризливи свеќи. За тоа ги имате Шаде и Владо Јаневски. Канадската група не се занимава со чаирска романтика. Четворката, можеби најмногу од сите панк-состави што се појавиле од средината на 80-тите до денес, е романтичар во духот на уметниците од втората половина на 18. век. Или, како што во сегашната ера удавена во цинизам би рекле, Propagandhi се ирационални идеалисти. Тие веруваат дека светот може да се промени. Музиката, покрај активизмот, е еден од начините на кои тие ја водат битката. Прво личната, а потоа со светот.

Компонирање: Potemkin City Limits е вториот од трите постмилениумски албуми на бендот. Во 2001 година, со Today’s Empires, Tomorrow’s Ashes, групата, како Џек Николсон во Врколак, целосно ги покажа треш-метал и лудачко свирачките заби што срамежливо ги вадеше во 90-тите. Во овој поглед, четвртото студиско издание во кариерата на групата основана во 1986 година, не е само бисер на панк-компонирањето, туку и симбол на извонредно зрелиот авторски талент на Крис Хана (гитара, вокали), Џорд Самолески (тапани) и Тод Ковалски (бас, вокали). Ова е мелодичен панк, но не забавно дебилен како NOFX или традиционален како Bad Religion. Панкот на Potemkin City Limits е хардкор, ама и метал, поп, алтернатива и рок во исто време. Занатски склопен со талент што буди сеќавања на The Beatles, но и на Megadeth и Metallica во ерата пред да се отворат на психијатрискиот тросед.

A Speculative Fiction е една од најдобрите песни-отворачи на албуми на сите времиња. Да, толку е добра. Како бендот со години да ја делкал во подрумот за проби. Без трошка целулит, нумерата го поставува тонот за остатокот од цедето и во четири минути ја сублимира сегашната фаза на Propagandhi – раздразнета, певлива и ефективна. Химна, во највистинска смисла на зборот. Храбро е да ставиш толку силна нумера на почетокот, но и ја покажува вербата што групата ја има во материјалот. Или воопшто не се грижат за такви работи, нема трето. Fixed Frequencies подвлекува оти составот е наполно свесен дека албуми без динамика смрдат како Тетово во последниве месеци. Таа е еден вид беседа, за две-третини побавна од A Speculative Fiction, со рифови што ротираат како хокеј-играчи. Ова е интегрален дел и од останатите 10 песни.

Fedallah’s Hearse е уште едно ѕверско парче, стилски микс од првите две теми. Почнува експлозивно, прикочува на средина, рафално финишира. Ако Propagandhi некогаш се приближиле до терминот балада, тоа е на Cut into the Earth. Ритмички слична на Fixed Frequencies, со поистурена улога на вокалот. А има и интелигентни соло-испади на гитара. Bringer of Greater Things е речиси со ист сензибилитет, како да е продолжение на тоа што претходи. Топло-ладно, брзо-бавно, нервозно-смирено, според овој принцип, најавен на првите пет песни, Potemkin City Limits шиба до крајот. Раздразнетите нумери отсокнуваат – America’s Army™ (Die Jugend Marschiert), Rock for Sustainable Capitalism и Iteration, но и останатите не заостануваат премногу.

Продукција: Соодветна. Ниту болно исполирана, ниту дивјачки сирова. Вокалот на Хана е најнапред, гитарите се нешто подолу, ритам-секцијата за милиметар под тоа. Дисторзираниот бас на Ковалски повремено скока во преден план, но секогаш на вистинското место. Дека во новата фаза Propagandhi се доминантно гитарски бенд укажува просторот што низата брилијантни рифови го добива. Тоа го билда звукот, го прави напнат, ја крева и спушта тензијата.

Изведба: Феноменална. По Today’s Empires, Tomorrow’s Ashes, Potemkin City Limits го крева влогот што бендот уште повеќе го зголеми на албумот што следуваше потоа – годинашниот Supporting Caste. Иако без најмала дилема се панкери, Propagandhi свират како зен-учители, со дисциплина на самураи или, просто, како технички безгрешно увежбани металци. Со таа разлика што не јодлаат на инструментите до почетокот на космосот и назад. Делуваат како свирењето да им е тренинг, спорт во кој можат да се подобрат само доколку вежбаат редовно, но во ниту една секунда не звучат како роботи, како бездушни машини.

Стихови: Втората најсилна страна на Propagandhi по авторскиот талент за создавање музика. Текстовите се, логично, крајно политички, со доза на хумор и иронија потребни за да не звучат како агитпроп-памфлет. Кај стиховите е специфично што, иако песните имаат рефрени по музичката структура, во поглед на зборовите, од такво нешто нема ни трага. Тие се повеќе како кратки раскази, а Хана е мајсторот што и без репетиција или рима без проблем ги вклопува во инструменталниот сегмент. Реченици и фрази за издвојување има премногу, можат само и да се читаат, без да се слуша музиката, но еве неколку. The burned out shells of south-bound traffic lay strewn along a cold stretch of would-be interstate. Still visible below their charred remains: Pax Americana plates (A Speculative Fiction). Your children already belong to us. What are you? You will pass on (Die Jugend Marschiert). Anyone remember when we used to believe that music was a sacred place and not some fucking bank machine? (Rock for Sustainable Capitalism).

Севкупно: Во првата деценија од новиот милениум Propagandhi објави три, скоро беспрекорни, албуми на кои се подобруваше за едно скалило. Potemkin City Limits и Today’s Empires, Tomorrow’s Ashes се тука некаде по изведба, а овој од 2005 е за нијанса подобар на авторско поле. Сето тоа, дури за две нивоа, бендот го подигна на Supporting Caste, меѓутоа, темелите за годинашното издание на групата беа зацврстени токму на претходникот. Potemkin City Limits, по редоследот на објава, е преодно цеде, но по квалитет, речиси и да нема ништо минливо, што лесно се брише од сеќавањето. А доколку албум ве тера да му се навраќате и по четири години од промоцијата, неговиот животен век веројатно ќе биде долг, односно ќе може да му покаже заби на најголемиот непријател на музиката – времето.

Оцена: 9/10

Артист: Propagandhi
Албум: Potemkin City Limits
Датум на објава: 18 октомври 2005
Продуцент: Бил Стивенсон
Издавач: Fat Wreck Chords

Track listing:
1. A Speculative Fiction – 4:14
2. Fixed Frequencies – 3:58
3. Fedallah’s Hearse – 4:00
4. Cut into the Earth – 3:41
5. Bringer of Greater Things – 2:45
6. America’s Army™ (Die Jugend Marschiert) – 4:42
7. Rock for Sustainable Capitalism – 4:12
8. Impending Halfhead – 1:14
9. Life at Disconnect – 3:23
10. Name and Address Withheld – 3:21
11. Superbowl Patriot XXXVI (Enter the Mendicant) – 0:36
12. Iteration – 5:19

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 02.12.2009]

Тагови: , , ,

One Response to “Propagandhi – Potemkin City Limits [Fat Wreck, 2005]”

  1. cacich 4 октомври 2012 at 00:01 #

    Стравопоштовање за албумов!
    Музика,текст,Jord на бубњеви…10 од 10 !


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>