По еден албум за секој панаѓур

Фестивали за сите годишни времиња. Споменици. Јади за секакви потреби (пример: пивтијада). Пак споменици. Панаѓури за сечиј (празен) џеб. Споменици, повторно. И така во линија – што интуитивно претчувствуваме оти нема крај – лесно се протегаат културните случувања во нашево самопрогласено јадро на универзумот. Збиени во врзоп, со буџет на претек и рекламирани со елан на мобилен оператор како врвна понуда, овие настани се протеинот во манџата зготвена од државата. Во нејзини очи, таа е наменета за зголемување на мозочната маса на мнозинството. Ако посетеноста е единствен критериум, таа е нарасната како тесто за пита ставено на термо-печка, во студено, неделно, зимско утро. Резултатите од истражувањето на нивното влијание врз умот сè уште не се достапни, но и пред официјално да излезат, на единствено важниот ТВ-дневник во земјата гарантирано ќе бидат пласирани како суперфеноменални.

Во меѓувреме, ние од малцинството може на раат да уживаме во делата создадени во дебелата сенка на владино-локал-скараџиските фешти. Засадена, одгледана и набрана во влажни гаражи и импровизирани студија за чие изнајмување групите не примиле дотации, само една од овие креации во себе содржи повеќе култура релевантна за нашите простори од севкупните програми на сите масовни собири диригирани од центарот на моќта. Таквите експлозии на аудиотворештво пробиваат дупки низ кои продира сноп светлина во актуелнава реалност замаглена по сите возможни и измислени основи. Денес веќе не е прашање на избор дали претпочиташ меинстрим, андерграунд или некаква самодефинирана златна средина. Ако гориш од желба на сèприсутната ѓубре-агенда до крај да ѝ го р’гнеш ножот, тоа најубиствено, а во исто време, најелегантно, најсамурајски, ќе го направиш слушајќи остварувања од домашни изведувачи за кои најблисково опкружување не е ниту свесно дека постојат.

Да бидам искрен, среќа што за текстов троа го загреав черепниот процесор. Инаку, за влакно ќе пропуштев да заклучам оти трендот на појавување завиден број изданија од независни состави, што почна лани, продолжува и годинава. Колку што пребројав, а постои огромна веројатност тоа да е неточно, од јануари досега излегле 16 албуми од македонски изведувачи, ама од оние што сами си ги снимаат, свират и не така ретко, си ги објавуват песните. Жанровски и стилски, разновидноста владее. Мелодијата си го наоѓа местото во хардкорот и панкот во повеќе варијанти обработени од “Фонија”, “Новиот почеток”, ХАХАХА и Culture Development. Надградениот алтернативен рок со поп-примеси се слуша кај Сашко Костов & The Waiting Waits, “Хипнополис” и Foolish Green. Грајндкорот меле на сплитот на Shock Troopers и Remnants, а Spewn плукаат со катаклизмички пламени јазици врз хеви-концептот. Фузирајќи го најтешкиот правец со локалниот фолклор и прог-влијанијата Chromatic Point прави златен пресек, “Калап” истражува низ инструменталниот лавиринт, Vandal гази со трешот, а Smut и понатаму неприкосновено маршира со металкор-чекори. Да Џака Накот распорува со хип-хоп-катаната, СИЗ со дисторзија повикува на подиумот, а Undone Project отвора нови димензии со психоделијата.

Секое од овие остварувања е издржано. Во повеќето силно продира реалноста во која што живееме. Бонус е фактот дека ниту едно – колку што знам – не добило денар од ќупецот вештачки полн азно со којшто се субвенционира сè и сешто во културата, а особено каков било вид празноглав масовен собир наменет за целата нација, но со локал-маалски дух. И да не ги здомија во Прилеп, Струмица и во Скопје, Брена, Цеца и Чорба сигурно ќе продолжеа да си се испружуваат во фотелјата на животот, ама ние, како врвни добротвори, не можевме да се воздржиме и им дадовме грантови за да си купат уште поудобни. Во спротивно, ќе се овистинеа сè почестите шпекулации дека Македонија е на пат да го загуби заштитениот УНЕСКО-статус на земја со невидени размери на гостопримство. Попат, со благородниот потег на доделување дотации, се спречи долгоочекуваната смрт на застојаните кариери на кичестите, турбо-ѕвезди од Северот и се унапредуваат добрососедските односи. Со тоа, можеби за првпат во славната ни историја, некој не само што не посакал, туку помогнал да не умрат козите на комшиите. Тоа гарантира дека и во иднина ќе има саеми на мизеријата. Нека им биде, мерак ми е што додека карванот си врви, барем има бендови кои лаат како бесни кучиња. И на секој панаѓур на стравот, одговараат со албум на храброста.

Слични написи

2 коментари

stefanA 26/09/2012 - 11:21

Mislam deka e grev da go objavis tekstov bez noviot album na Mooger Fooger.
pozdrav

Reply
Александар Саздовски 26/09/2012 - 11:35

А ми се прашта ли што однапред пишав дека можда “списокот” ми е некомплетен? 🙂 Сум го заборавил албумот на MF, се дешава.

Reply

Остави коментар