Katatonia – The Great Cold Distance [Peaceville, 2006]

Меланхолијата е веројатно најголемата мистерија за музичарите. Во реалноста, повеќето луѓе бегаат од неа како да ги виделе острите рогови на ѓаволот, ама кога е “спакувана” во песна што совршено ја отсликува, лесна е за навлекување. Миљон бендови и соло-артисти се обиделе да го пренесат нејзиниот скокотлив сензибилитет, ама малкумина навистина успеале. Швеѓаните Katatonia се доктори од оваа област.

Формиран во 1991 година како морбиден дум-метал состав, квинтетот од Стокхолм еволуираше во едно од најспецифичните и најпотценетите имиња на планетава иако – креативно – тие можат без проблеми да се носат со стилски различни бендови како Radiohead, Tool и Opeth. Жанровската припадност не е главната причина поради која Katatonia се толку универзални – “виновник” за тоа е нивната уникатна способност за создавање атмосфера. Како и споменатите групи, скандинавската четворка, на сопствен начин, ја пренесува мистичната магија на меланхолијата. Последниот диск на составот, промовиран во март годинава, The Great Cold Distance (издаден за Peaceville), уште повеќе ги оддалечува од death-doom метал-корените. Затоа, пак, ги приближува до формулата за создавање идеален и оригинален алтернативен звук што подеднакво може да им се допадне на пуританците од екстремниот правец, ама и на љубителите на радискиот-рок.

Кога веќе зборуваме за популарноста и присуството на комерцијалните станици, отсуството на Katatonia од нивните листи само ја потврдува стерилноста, зачмаеноста и безидејноста на овие медиуми. The Great Cold Distance е речиси безгрешно издание составено од 12 потенцијални хит-синглови кои, авторски, креативно и продуцентски, можат да бришат прозорци со се што Nickelback, Creed или Seether создале во своите кариери. Да не се разбереме погрешно, швеѓаниве немаат никаква музичка и текстуална сличност со споменатово ѓубре, ама звукот на Katatonia може совршено да се вклопи во било која модерна рок-топ-листа. Арно ама, денешниот музички свет повеќе сака да рециклира, отколку да иновира и затоа ова ремек-дело ќе го чујат само ограничен број на луѓе. А можеби така е подобро – барем The Great Cold Distance ќе добие култен статус.

Песните што се поместени на дискот уште со првото слушање ќе ви ја отежнат работата за дискредитирање на материјалот како уште една депресивна металска маструбација. Реално гледано, на цедево речиси и да го нема екстремниот звук – ниту во класичната или, пак, модерна варијанта. Точно, на моменти, има ѕидокршачки рифови и ритми, ама нивната изведба е економично сведена на најважното – да се пренесат емоциите. Тие, пак, на седмото издание на квинтетот се насликани со надреална и симболична лирика подложна на еден куп различни интерпретации. Вокалистот Јонас Ренске, со својот мелодичен, прог и фолк-рок вокал, прикажува само детали, додека за остатокот од текстуалната слика ќе мора да ја употребите сопствената четка. Всушност, тука се крие најголемата убавина на The Great Cold Distance. Додека неговите песни можат да се разберат на многу индивидуални начини, импресиите од емотивниот удар на целината кај сите ќе бидат исти – мистериозни, меланхолични и скокотливо нејасни.

Токму последниот детал го прави новиот диск на Katatonia вистинска душевна и умствена дрога. Неможноста да се одредат чувствата отсликани во песните, односно нивната способност да се прилагодат на вашата емотивна состојба, ќе ве тераат постојано да се навраќате на The Great Cold Distance со намера да ја дешифрирате неговата суштина. Финтата е што, на крајот веројатно ќе сфатите дека, како и животот, музиката е најдобра кога само го навестува, но целосно не го открива своето значење.

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 24.09.2006]

Слични написи

Остави коментар