ХАХАХА – Сиромашни и богати [Направи заедно, 2012]

Размислувајќи за панаѓурот што на денот на македонската независност нè сардиса од национал-фудбалската арена во Скопје, низ глава ми прелета јато од заклучоци, но два од нив најлесно ги запаметив. Едниот се однесува на сатирата, другиот на секирата. Првиот пак ми потврди дека земјава е уникат. Во неа и иронијата се овистинува. Што друго беше концертот на бившиот Градски стадион ако не монолитен, несоборлив, доказ дека српскиот и хрватскиот јазик навистина потекнуваат од македонскиот. Како поинаку би се објаснила неподносливата леснотија при пеењето на гостите од нашата поранешна заедничка држава. Никако, само со фактот дека и во нив гори вечниот оган. На античката лингвистика, секако. Вториот битен резултат од овие полуплејбек-цело-време-слика-касни-игри е бруталноста со која што тие го сечат постоењето на каква било форма на креативен израз што ни напомнува колку малку леб имаме. Последен таков потсетник е “Сиромашни и богати”, второто студиско издание на ХАХАХА.

Нормално, циркусот од пред неколку дена не може физички да го избрише дискот или неговата дигитална верзија. Јасно, тој и онака е наменет за значително помала група на луѓе со немеинстрим културни потреби. Несомнено, тоа што државно-спонзорирани и локал-скараџиски настани од ваков калибар сотруваат се навидум безначајни детали како датумот на албумските објави. Додека буџетски пари се арчеа за читање состави за вечноста на македонската песна која што потоа на бина беше сомелена и сервирана како квазиџез-лимонада, скопскиот бенд на истиот датум, без министерска помош, од свој џеб, крв и пот исцеди материјал што е суров, искрен, изживеан, а не режиран и субвенциониран. На 8 септември, соковникот пет часа вртеше во седум-осмински такт без срце и душа, а на ХАХАХА им се доволни четири-четвртини и 30-ина минути за да бодат и да прогонуваат со звук и текст изр’тени од животот, а не од нечија изместена слика за реалноста. Фантазијата е вкусна, ама и отровна кога е зготвена од државата.

Поради денот на официјалното излегување, многумина ќе помислат оти “Сиромашни и богати” е аудиопамфлет полн политички пароли и празни бунтовнички флоскули. Не е. Ниту најмалку. Верувам дека има симболика во потегот, меѓутоа, и да нема, не ми пречи таа да е индивидуално дело на мојот ум. Музиката и така нема “вистинско” значење, туку сè што авторот “сакал да каже” губи секаква вредност по публикувањето и тогаш контролата врз толкувањето е комплетно во ушите на слушателот. Преклопување, некогаш целосно, секако дека има, а на вториот албум на ХАХАХА, тоа веројатно ќе се случува меѓу авторите и фановите, но и на линијата глобално-локално. Ако претходникот, “Танго револуционер” во зеницата го имаше Скопје, а во перуниката човекот денес, неважно дали во Македонија, Америка или во Мавританија, распоредот сега е обратен. Тоа е јасно уште од отворањето со тема инспирирана од Алдус Хаксли и неговиот “Храбар нов свет”. А дали, всушност, е таков, појаснува стихот: “Не е исто да почувствуваш; И виртуелно да присуствуваш”.

Актуелната ера, во која доживувањето е заменето со социјализирање на друштвени мрежи, е основа и на “Пробав да се исклучам”, во која се вели: “Роден сум со чип за следење; Симулација на живеење”. Силувањето на метрополата ни наша насушна е морничаво, хируршки, секцирано со насловот-прашање на “Колку назад можеш да се вратиш?” и со дилемите што следуваат: “И колку тоа сега е важно? Колку стварно е важно? И дали Скопје стварно е начин на кој ќе нé снема?”. Интригантноста трае и во миговите кога групата пее за втората смрт, за вртењето кон своите, за начинот на кој што секој од нас може да работи, за безнадежните обиди за одвојување од болката, за овдешните Фанариоти, кои се: “Богати левичари, соц-дарвинистички; Воинствени десничари, на западот се родени; Сега Скопски педери од нивите продадени”. Со универзалната вистина материјалот завршува – “Ја полни земјата со смрт” прецизно подвлекува: “Гладта е посилна од сé; Стрела без стрела, бoде без копје”. Погоре, пак, “Сиромашни и богати” нагласува дека овие две категории на поделба отсекогаш биле единствено релевантни, а не бојата на кожа, пол, религија или етничка припадност.

Пораките и недоумиците се прилично значајни и на второто цеде на скопското трио. Пронаоѓањето во нив е лесно, поттик за размислување има во изобилство, ама ако за такво нешто не сте заинтересирани, хармониската, мелодиската и ритмичката страна на песните сами за себе ќе завршат работа. Не е ова ниту заплеткан џез, ниту комплексен метал. Составот пак свири олд-скул, мелодичен хардкор-панк, заземјен во 80-тите, со непатетичен ретро-поглед на сè – аранжирање, изведба и продукција. Финтата е што талентот за пишување средно-брзи, директни и необременети нумери прикажан на деби-плочата овој пат е за неколку скалила постегнат и поударен.

Или поедноставно кажано, групата применува иста, суперфункционална, формула од лани за годинава да создаде уште подобри песни. Гостите на тромбон, електричен клавир и на вокал без чкрипење се вклопуваат и освежуваат три нумери. На нив, како и на останатите, ХАХАХА демонстрира природна, инстинктивна, интеракција. Од нејзината енергија се раѓа “Сиромашни и богати”, вистинскиот споменик на 21-годишнината од почетокот на транзицијата чија што највидлива промена е зголемувањето на кањонот што ги дели тие со вишок за уживање од тие со мака за преживување. А тоа што срцето му чука “западњачки”, четири-четвртински, не го прави албумот помалку македонски.

Оцена: 90/100

Артист: ХАХАХА
Албум: Сиромашни и богати
Датум на објава: 8 септември 2012
Продуцент: Ненад Трифуновски
Етикета: Направи заедно

Листа на песни:
1. Храбар нов свет – 02:07
2. Колку назад можеш да се вратиш? – 03:27
3. Сиромашни и богати – 02:56
4. Втора смрт – 03:09
5. Кон своите се вртиш – 03:43
6. Пробав да се исклучам – 03:51
7. Секој работи – 02:32
8. Ако се одвојам од болката – 02:26
9. Фанариотска приказна – 02:11
10. Ја полни земјата со смрт – 04:20

Слични написи

Остави коментар