16/08/2018

Cat Power – Sun [Matador, 2012]

Постирано на 03/09/2012 од во Албуми, Музика

Јасно ми е од поодамна зошто уживам да ја слушам, ама фино е што Cat Power уште на третата песна од својот нов албум ме потсети поради што неизмерно ја почитувам. Во Ruin таа со прострелен, мелодично-конфронтирачки, глас вели: “Кукаме, цимолиме, а луѓе немаат леб да јадат”. Како една од грстот женски икони на модерниот инди-врв, за главата да ѝ биде мирна, џебот полн и егото нахрането со критички пофалби, таа може да биде единствено интелектуална и интелигентна. Следењето само на овие две ѕвезди водилки секогаш не носи помпезност, ароганција и поглед од високо, но резултатот, за жал, е таков во предвидливо многу случаи. Чен Маршал има од сè ова по малку, како и што и се очекува од натпросечен уметник, ама тоа не е оружјето со кое ѝ дозволувам да ме прободува. Нејзиното остро копје отсекогаш било премачкано со матеница од лично искуство, инстинкт, ризик и потреба за предизвикување. Со него гаѓа и на Sun.

Авторските способности на Cat Power не сме ги слушнале од 2006 година, кога излезе The Greatest. Ако не ја броиме Jukebox, колекцијата со обработки од 2008, паузата од половина деценија и ситно не е за занемарување. Мувла на креативноста се појавува и за драстично покус период, ама погрешно би било 40-годишната музичарка родена во Атланта да се става на полицата со зимница печена, лупена, мелена и пржена со таков низок  ИСО-стандард. Не дека е безгрешна и не оти Sun може мазно да се додаде на ѓерданчето со нејзините албумски бисери, но фокусираноста, издржаноста, убавината на нумерите не дозволуваат да се почувствува дупката од шест години, временската рамка во која што потписничката не го стави името на тазе композиции. Веројатно од тие причини материјалот во исто време е свеж и созреан. Како со здивнувањето од сè на сцената Маршал да растела со доживувањата и да си направила рифреш на себеси.

Добош, гитара и пијано скалесто го отвораат изданието на Cherokee. Нема експлозија, не се случува земјотрес, не надоаѓа цунами. Кантаворката, низ мегафон или ефект што личи на стара телефонска слушалка, пее (Never knew love like this, the wind, moon, the earth, the sky…) со придушен тон, но со решителност во гласот. Првите 30-ина секунди не сосекуваат, туку компресирано, меѓу заби, Cat Power ги користи да ја демонстрира одлучноста со која што влетала во процесот на создавање. Слична одлучност се слуша и во насловната трака Sun, која со електроника и лебдечки грув внесува грандиозност не баш типична за ваквиот, беседнички, израз. На 3,6,9 има госпел, рокање и хип-хоп-рефрен, Always on My Own копа тунели со басот, Real Life е како монолог обвиен во синтизајзер, а Human Being e развлечена, примитивна, балада за човечката природа која што уште на почетокот одлично поентира со реченицата: You got a right to scream when they don’t want you to speak.

Со нежната квазихаус-подлога Manhattan во умот печати Полароиди од Њујорк, Silent Machine крева притисок со возбудлив гитарски лид, по што атмосферата нагло треска на земја и набргу се издигнува во 11-минутен еп на репетицијата што буди позитивна психоза на Nothin’ But Time. Состојбата на транс, на шаманство, се запечатува кога од заднина ќе се прикраде морничавиот баритон на Иги Поп и ќе го искачи материјалот до точка на контролирана кулминација. Логично е да се претпостави дека Peace and Love по ова не може да биде ништо друго освен антиклимакс, меѓутоа, Чен Маршал не би била своја ако не ги предизвика овие очекувања. Храброста ѝ се исплати значително повеќе бидејќи однапред изградените ставови за излишност ги побива со нумера што се врти околу на-на-на-рефрен. Тоа не е доволно за Sun да си загарантира статус на најголемо сонце во пространата дискографска галаксија на Cat Power, ама е високо над потребното, за да се вброи меѓу посветлите.

Оцена: 84/100

Артист: Cat Power
Албум: Sun
Датум на објава: 31 август 2012
Продуцент: Чен Маршал
Издавач: Matador

Листа на песни:
1. Cherokee – 4:47
2. Sun – 3:19
3. Ruin – 4:33
4. 3,6,9 – 4:01
5. Always on My Own – 2:24
6. Real Life – 2:37
7. Human Being – 3:29
8. Manhattan – 5:16
9. Silent Machine – 4:01
10. Nothin’ But Time – 10:55
11. Peace and Love – 3:40

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>