19/06/2018

Трејлер камп: Skyfall, Cloud Atlas, Man of Steel

Постирано на 08/08/2012 од во Трејлер камп, Филм

Овонеделниот избор на тазе трејлери е составен од две потенцијални големи враќања на големото платно и уште едно продолжение во приказната за најславниот таен агент во светот. Во напливот од суперхеројски филмови недостасува најголемото име – Супермен – а таа грешка следната година ќе се обидат да ја поправат режисерот Зек Снајдер и продуцентот Кристофер Нолан. Камбек на големото платно има дуото Вачовски, креаторите на The Matrix, кои овој пат соработуваат со германскиот автор Том Тиквер. А последниот Џејмс Бонд падна во рацете на творецот на оскаровското драмско дело, American Beauty, Сем Мендез.

Man of Steel

Режија: Зек Снајдер
Улоги: Хенри Кавил, Ејми Адамс, Мајкл Шенон
Премиера: 14 јуни 2013

Зек Снајдер, режисерот на “Челичниот човек”, на неодамнешниот Комик-Кон во Сан Диего рече дека Супермен е “скапоцениот камен во круната на DC Comics”. Во право е. Не само во светот на најголемиот конкурент на Marvel, ликот што се крие зад наочарите на Кларк Кент е дефинитивниот суперјунак. По обидот на Брајан Сингер да го врати на големото платно, што никогаш не разбрав зошто беше до толку потценет, Бетмен на Кристофер Нолан му го зеде приматот на Последниот син на Криптон. Денес, тој е модел за модерно филмување стрипови. Значи, не зборуваме за слепо пренесување цртани табли на кинематографска лента туку за остварувања што го чуваат духот на изворниот материјал и функционираат како самојстојно дело на големиот екран.

Првиот трејлер навестува – прекус е за подетално да се оцени – дека Man of Steel ќе вози по шини излеани од материјал сличен на тие на Batman Begins. Хенри Кавил има брада, р’мба како рибар на брод, скита со автостоп, едноставно, трага. Во заднина се слуша монолог на Џор Ел. Расел Кроу никогаш нема да биде Марлон Брандо, ама во клипов звучи претопен во ликот. Кадрите и текстот даваат потврда на очекувањата дека Снајдер (поддржан од продуцентот Нолан) ќе се обиде да сними врвна сторија за потеклото на Супермен во модерната ера. Таа на Ричард Донер е незаборавна, но е огледало на крајот на 70-тите и на 80-тите години. Последната сцена од деби промо клипот – како Челичниот човек ја пробива звучната бариера – најавува дека новата верзија цели високо. Судејќи по досегашните интервјуа и кампања, каде што беа кажани баеги умни работи, таму би требало да стигне. Ама да штедиме занес и да почекаме.

Skyfall

Режија: Сем Мендез
Улоги: Даниел Крег, Хавиер Бардем, Џуди Денч
Премиера: 26 октомври 2012

Корените му се во литературата и можеби затоа Џејмс Бонд е меѓу ретките филмски ликови што не верувам дека некогаш ќе ми здодеат. Уште како клинец, гледајќи го Роџер Мур како мака мачи да ја ничкоса Грејс Џонс, ми беше јасен претеризмот врзан за овој таен агент. Неважењето на законите на гравитацијата, фактот дека куршум не го бие и геџетите што ги вадеше од ракав, сепак, го направија заразен за гледање како што тазе испечените струмички кикирики се неодоливи со ладно пиво. На актуелниот 007, одигран од Даниел Крег, му се забележува дека изгубил многу поради отфрлањето на харизматичната наивност. Мене, пак, како коњак ми легна неговото пренасочување кон цврстината на последниот Џејсон Борн, оживеан од Мет Дејмон и Пол Гринграс.

Првиот трејлер за 23-тото кинопоглавје од приказната за британскиот шпион потврдува оти серијалот продолжува во правец на што поверодостојна хуманицазија на карактерот. Клипот го покажува Бонд како крка куршум, ужива во смртта и се враќа во служба зашто, како што самиот вели, воскреснувањето му е хоби. Тоа гарантира дека симпатичната сиренкавост не е загубена, што е супер. Плус во оваа насока е Хавиер Бардем: Блонд верзија. Како негативец, делува истовремено смешен и морничав, што и се бара од интелигентен манијак наострен да го крене светот во воздух. Спотчето покажува оти не се заборавени и восхитувачките локации и комично невозможни акциски сцени што изгледаат убедливо и реално. А интересно е да се види и што режисерот Сем Мендез, чие искуство е воглавно драмско, срцепарателно, внел во вакво тепачко дело.

Cloud Atlas

Режија: Лана и Енди Вачовски и Том Тиквер
Улоги: Том Хенкс, Хали Бери, Џим Бродбент
Премиера: 26 октомври 2012

По трилогијата The Matrix, Вачовски (порано беа браќа, сега се брат и сестра) никако да си го најдат авторското моџо. Тие собраа газилион долари иако во Reloaded и нарочно во Revolutions, приказната ја замрсија повеќе од комплексен алгоритам што можат да го решат само магистри на МИТ. Трејлерот за нивниот следен проект, Cloud Atlas, што го снимија во соработка со германскиот режисер Том Тиквер не ги брише стравовите оти дуото пак плива во длабочина што им е не само над главата, туку над исправените раце. Базиран на романот на Дејвид Мичел, филмот меша драма, авантура, научна-фантастика и што уште не во нелиенарна сторија која се отплеткува, буквално, низ векови. Триото си игра со најхазардниот трик во СФ-жанрот – патување низ времето.

На оваа банана се лизна Дарен Аронофски со The Fountain. Како и ова дело, првиот петминутен клип охрабрува дека Cloud Atlas ќе биде визуелно амбициозно, сочно за око, издание. Актерската екипа – Том Хенкс, Хали Бери, Џим Бродбенд, Хју Грант – е, невоздржано кажано, извонредна. Приказната гледаме дека почнува некаде во 19 век, го минува 20, нашата ера и се развива до блиската и подалечната иднина. Избраните реплики и сцени ветуваат фокусираност без каква што вакво остварување лесно би се претворило во здодевен филозофски лавиринт, но тоа чувство на збиеност можеби го емитуваат бидејќи се селектирани. Во секој случај, трејлерот е доволно содржаен и интригантен за секој самодеклариран СФ-фан да си закаже средба со овој наслов.

Тагови: , , ,

One Response to “Трејлер камп: Skyfall, Cloud Atlas, Man of Steel”

  1. NaumN 12 август 2012 at 15:48 #

    Лично очекувам од Skyfall најмногу, а и трејлерот некако ми ветува. Искрено, незнам зошто луѓето го хејтаат Крег. Мене ми е супер избор. Во врска со Супермен, кај има вмешано прсти Нолан, све станало злато така да 😀 Иако е рано да, тизеров не дава премногу. За третиов незнам што да кажам, ко ќе излезе ќе се прави муабет 😀

    P.S. Ја не го мразам рибутот на Superman од Сингер, ама мора да се согласиш дека освен Routh, кастингот беше сомнителен, а некако и филмот ми изгледаше ко да е снимен со сила. Не е катастрофа ама…


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>