16/08/2018

The Expendables 2: Екстра акција на потрошна роба

Постирано на 29/08/2012 од во Филм

Ерата на ВХС-револуцијата во Македонија, што овозможи поголем дел од гаражите, подрумите и шупите експресно да се претворат во видеотеки, го донесе Западот во домовите со сите негови доблести и слабости. За маалски клинци како мене, растени во прав, кал и песок, тоа значеше неограничен полн пансион на чие мени најважно беше да има еден конкретен оброк – акција. Нинџи, кунг-фу, карате, бокс, улично тепање, магнум 44, калашников, базука, сè тоа беше само форма за изразување на уметноста на физичките пресметки, а суштината беше – макљањето да биде забавно. И секако, да се види кој е појак, кој ќе победи, кој ќе искрши од ќотек повеќе дибеци. На самиот крај на 80-тите и во првите години од 90-тите маршот на видеокасетите кулминира. Тогаш, замисленото вклештување на најактуелните (ова е релативно, оти и Валканиот Хари сè уште царуваше) кршачи на коски се вбројуваше меѓу најзапаливите теми.

Најгорливото прашање беше: Кој ќе преживее ако во клинч влезат Командос и Рамбо, Терминатор и Роки, Ван Дам и Брус Ли, кикбоксерот и 13-те кондори, Џон Мејклејн и под со илјадници р’ѓосани шајки. Имаше и полуди комбинации (Роки II против Роки IV), но поентата беше иста – копиљаци си праат филмои инспирирани од филмовите на нивните херои. Имајќи предвид дека ги сруши рекордите на тогашниот видеотекарски боксофис, Мускулкото од Брисел (во урл-то е тајната) фиктивно се млатеше со кој ќе стигне, а еден од неговите најопасни противници беше Силвестер Сталоне. Требаше малку да потпораснеме за да откриеме дека само вториов бил планетарна ѕвезда, а првиот бил деспот на ВХС-универзумот, ама во “населба”, на тие години, тоа ни беше важно колку и кубизмот. Штета што наведените актери не најдоа начин како да го надминат егото и да снимаат заедно во врвот на акциската популарност, но можеби така е и подобро – на тоа ги натера возраста и сега ги имаме The Expendables.

Тие што прочитаа дотука и се во исчекување на опсежна опсервација на уметничко-кинематографската вредност на второто продолжение нека застанат. Еве ја, во една реченица: Филмот е ситно измелена холивудска повраќаница што не достигнува ниту најпрвооделенско ниво од постулатите на арт-формата. Тамам, нели? Останатите, а и себеси се вбројувам во групава, кои го сакаат глупаво-забавното лице на подвижните слики исто колку и нивната потресно-интелигентна страна, во The Expendables 2 ќе пронајдат пристојна доза носталгија, непристојно урнебесен самосеир и акциски сцени кои со апсурдноста изнудуваат здраво смеење. Како и претходното, свежото поглавје ги здружува кршачите од сегашноста (Стетам, Ли, Крус и Кутур) со разбивачите од минатото (Сталоне, Лундгрен, Ван Дам) и ги засилува (како божем им треба) со вешто темпирани појавувања на Вилис, Шварценегер и највеликиот меѓу великаните – Чак Норис.

Епскиов список го прави The Expendables 2 задолжителен избор за исклучување ум кај сите што играле камај, ја разбираат кратенката СССР и на кои не треба да им нацрташ кои се Тонг По, Иван Драго, Ханс Грубер, Виетнамската Џунгла или Авганистанската Пустина (ова се ѕверови, со име, прашајте го Џон). Како и хитовите со лошиве момци, новото чедо на режисерот Сајмон Вест и ко-сценаристот Слај е крш-фест од старата школа со буџет и визуелни трикови од 21 век. Однесувањето, фаците, позите, речиси сè е како пред две и кусур децении. Заплетот не е ништо поинаков. Платениците со меко срце предводени од Барни Силвестер Рос со свои очи гледаат како негативецот Вилејн (villain-от Ван Дам) со нож од 30 сантиметри до смрт прободува млад член на тимот. Следува – око за око, заб за заб, одмазда (како) за брат. Потоа, како во сатиричните хорор класици од Б-продукција на Џорџ Ромеро, циркусот изведува спектакуларно невозможни точки по кои смеењето е неизбежно.

Раце, нозе, глави, на моменти дури и души, летаат на исток, запад, север, југ и сè што е помеѓу, над и под, едноставно, насекаде. Ако се знае дека проектот е категоризиран како крут R, очекувано, сè е живописно крваво, брутално распарчено, ситно сомелено, ама секогаш, забавно. Пред комисијата за заштита на здравјето на младината да ми чукне на врата, да разјаснам дека не го глорификувам насилството заради насилство, туку нагласувам дека чичковциве газат сè пред себе, но во целиот процес внесуваат бетонски јака доза црн хумор и јасна линија на поделба во борбата меѓу доброто и злото. Во сите овие елементи вториов дел од сторијата е наивен на начин типичен за сличните остварувања од крајот на 80-тите и 90-тите години. Сивата зона не постои. Носечките ликови не се совршени, ама ниту од далеку не се психолошко обременети како, на пример, модерните Џејсон Борн или Џејмс Бонд.

Со Барни Рос и неговата банда ловци на уцени, тоа што го гледаш, во основа, тоа и го добиваш. Без драми и премислувања. Не би рекол дека тоа е подобро од стилот со кој што денес се обработуваат акциските херои, но дефинитивно е фин потсетник на едно значително поедноставно време и освежување во ерата на опсесивното внесување на “реалноста” во кинематографскиот свет на фантазијата. Овој ретроспективен пристап буди симпатии, но одделот во којшто филмот отскокнува е зезањето на своја сметка. Без да откривам детали, ќе кажам само дека живите легенди меѓусебно и на себеси си ја вадат душата забележливо почесто и поквалитетно отколку во првиот дел. Поради ова, а и како резултат на останатите плусеви и минуси, насловов нема ниту да влезе во Големата енциклопедија на врвни остварувања на седмата уметност што ќе ја читаат вонземјаните долго откако ќе ја збришеме планетава со нехуманата алчност и нагон за несолидарност. Клучниов комичен детаљ, пак, заедно со другите подеми и падови на постерот од The Expendables 2 лепат ознака отпечатена на лист хартија од А4 формат на која што со големи букви пишува – екстра акција на потрошна роба. А, да бидеме реални, без разлика дали за насмевка или за шопинг, на нив сите се вртиме.

Оцена: 67/100

Наслов: The Expendables 2 [“Платеници 2”, официјален превод]
Премиера: 17 август 2012 (светска и скопска)
Режија: Сајмон Вест
Улоги: Силвестер Сталоне, Џејсон Стетам, Жан-Клод Ван Дам
Продуценти: Ави Лернер, Дени Лернер, Кевин Кинг Темплтон, Лес Велдон
Сценарио: Ричард Венк и Силвестер Сталоне
Музика: Брајан Тајлер
Студио: Nu Image и Millennium Films

Тагови: ,

One Response to “The Expendables 2: Екстра акција на потрошна роба”

  1. iksimkd 17 септември 2012 at 02:28 #

    Искрено, иако во филмов се викнати сите најпознати акциони актери кои некогаш постоеле, сепак морам да кажам дека не е нешто спектакуларно. ОК, признавам дека по малку хејтам, ама очекував многу повеќе од актери од ваков калибар со децениски успешни кариери. Можеби нивните години си го направија своето, но верувам дека тоа не е единствениот проблем. Првиот дел од филмот ми беше далеку поинтересен а овој вториот е на моменти толку досаден што ми се приспива.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>