20/06/2018

The Dark Knight Rises: Кога гневот зоврива

Постирано на 03/08/2012 од во Филм

Ако не читате стрипови, поточно, доколку не знаете како функционира овој засебен и уникатен креативен свет, мора за едно да бидете свесни: во него можете навистина, ама навистина, да се загубите. Таму нема универзум, туку мултиверзум. Ограничувањата зависат повеќе од перцепцијата на читателите, отколку од фантазијата на пишувачите и цртачите. Суперхероите се раѓаат, гинат, воскреснуваат, се пензионираат, патуваат низ времето. На негативците злобата и итрината им се на претек, а крајот не им се гледа. Поради оваа екстремна широчина, пространството на јунаците со натпросечна волја за борба за правда или натчовечка моќ е во исто време како сошиено за филмување, но и секогаш блиску до можноста да изгледа како крпеница од табли на сребрениот екран. Кога по успехот на X-Men на Брајан Сингер и на Spider-Man на Сем Раими го грабна Бетмен во свои раце, Кристофер Нолан го запечати враќањето на суперјуначкиот жанр почнато со нивните успешни рецепти за оживување и нагласи како се нурка во стрип-океанот – со перископот фокусиран на реалноста. Тоа особено важи за последниот дел од неговата трилогија за Човекот-лилјак, The Dark Knight Rises.

Во првата четвртина од филмот, кога Селина Кајл или Кетвоман (Ен Хатавеј) на увце му пее двосмислени закани на Брус Вејн (Кристијан Бејл), таа вели: “Доаѓа бура. Вие и Вашите пријатели паметно е да ги заковате вратничките од леглата оти кога ќе удри, сите ќе се прашувате како некогаш сте мислеле дека ќе живеете на толку висока нога, а за нас ќе оставате толку малку”. Тоа е суштината на колективната приказна раскажана во “Издигнувањето на мрачниот витез” (подобро е од оригиналниот превод, не е сина боја за да биде темен). Таа дури и не баш меѓу редови го отсликува теренот во кој што светот вирее изминатава деценија и која што по крахот од 2008 година ги ситни последните стадиуми до социјална експлозија. Се согласувам со Нолан дека ова не е политичко дело, ама сличностите со актуелната класна поделба, што на планетарно ниво само се заострува, не се само заднина на дејствието. Со The Dark Knight Rises, режисерот не зазема став, но поставува низа горливи прашања од кои што најважното гласи: До кога ќе го игнорираме незадоволството на помалку имотните? Тоа сè повеќе се таложи, а мнозинството само се зголемува.

Во Готам сити, напластувањето на беспомошноста на групата од 99-проценти добива физичка манифестација, преку собирање армија во канализациските тунели на градот. Човекот кој што ја искористува оваа ситуација на очај за да се претстави како спасител е Бејн (Том Харди). Тој на Бетмен му вели дека на мегалополисот ќе му овозможи да си ги расчисти сметките, да почне отпочеток, а всушност, како што и му е името, ќе му донесе само едно – пропаст. И сето тоа се случува во ситуација на лажен мир, наводно без криминал на улиците. Без разлика што е краен социопат, супернегативецот отвора позната тема – најголемиот лоповлук не се одвива по сокаците, туку по канцелариите. Кога насилно ќе влезе во Њујоршката берза и брокерот, иако му е јасно дека животот му e во туѓи раце, гледајќи го одозгора ќе му рече дека тука нема пари за крадење, a Бејн ќе го запраша: “А што правиш ти тука цел ден?” Тоа ниту од далеку не значи дека The Dark Night Rises го воздигнува овој првокласен никаквец. Филмот само подвлекува дека ѓаволски се приближуваме до мигот кога ќе биде потребно појавување на само еден лудак со насилна генијалност за да го злоупотреби бесот под чиj што притисок шевовите на планетата полека почнуваат да попуштаат.

Во оваа точка се вкрстува широкиот контекст на “Издигнувањето на мрачниот витез” со срцевината на сторијата за овој суперхерој, а и за најголем дел од нас – внатрешната битка што секојдневно ја водиме. Нејзините основи може да се наједноставни и да се однесуваат на тоа како да преживееме или што да работиме. Или да се комплексни и да се поврзани со жртвите што сме подготвени да ги принесеме или со средствата по кои што би посегнале за да си ги оствариме целите. За Човекот-лилјак, таа интерна борба отсекогаш зависела од една работа – гневот. На тоа ќе го потсети младиот полицаец Џон Блејк (Џозеф Гордон-Левит) кога ќе му рече: “Нема многу луѓе, нели, што знаат какво е чувството да се биде бесен во сопствените коски. Тогаш мораш да научиш да ја криеш лутината, да вежбаш смеење пред огледало. Тоа е исто како ставање маска”. Тука Бетмен, којшто е роден богат, се поклопува со сите обични луѓе кои што и покрај сиот јад што го носат во себе поради алчното злоупотребување за надредените да се товат со пари, наутро се прикриваат со униформите и се препуштаат на машината.

За да му овозможи сето ова да го доживее во прво лице, Бејн го исцицува изобилството од сметките (и од крвта) на Брус Вејн и го фрла во најозлогласената јама во светот. Том Харди не го надминува Хит Леџер како Џокерот. Доволно е што неочекувано успева да му се приближи и со тоа застрашувачки убедливо да создаде антитежа на Бетмен која што не е само умствено, туку и физички на негово ниво. Хатавеј, пак, е изненадувачки атрактивна и уверлива како снаодливата индивидуалистичка средина што Кетвоман ја симболизира меѓу плусот и минусот на двата главни лика. Олдман е стандардно супер како комесарот Гордон, а Левит без никакво зашкрипување се вклопува во течението и во клучни моменти самиот го растресува дејствието. Тоа, освен со вештото сценарио, кое што внесува фино темпирани периоди на оддишка, е придвижувано и од убедливо најимпресивните акциски сцени досега во трилогијата. Тие мајсторски ги пренесуваат пресметките лице в лице, а во многуте стриповски инспирирани кадри на екстериери, не го испуштаат чувството на величина. Таа е исклучително прецизно подвлечена од племенски вознесената музика на Ханс Цимер.

Со неговите оркестрации се врзува ткивото на остварувањето и се создава целина која што е повеќеслојна како и мета-универзумот на стрип-артот, но сконцентрирана како што и би требало да биде секое издржано кинематографско дело. Силната страна на ова конкретно издание е дека во него, доколку барате, можете да најдете социјални симболики, човечки паралели и општествени дилеми. Ако, пак, тоа ниту најмалку не сакате да го ставите на дневниот ред, ќе добиете возбудливо суперхеројско возење и кино-блокбастер каков што не излегува секоја летна сезона. Неговиот претходник и натаму ќе остане репер за редефиниција на филмовите од жанрот, меѓутоа, сличното ниво на проникливост, веродостојност и забава, овој пат презентирано од поширок агол на несовршената хуманост, го прават The Dark Knight Rises најсоодветен крај на трилогијата на Кристофер Нолан. Мрачниот витез сигурно повторно ќе се издигне, но дали тоа ќе се случи пред или откако гневот ќе зоврие и претече, нема да откриеме на големото платно. На тоа прашање, можеби и порано одошто очекуваме, одговор ќе ни даде стварноста.

Оцена: 94/100

Наслов: The Dark Knight Rises [“Издигнувањето на Темниот витез”, официјален превод]
Премиера: 16 јули 2012 (светска) / 27 јули 2012 (Скопје)
Режија: Кристофер Нолан
Улоги: Кристијан Бејл, Ен Хатавеј, Том Харди
Продуценти: Кристофер Нолан, Ема Томас, Чарлс Ровен
Сценарио: Кристофер Нолан, Џонатан Нолан
Приказна: Кристофер Нолан, Дејвид С. Гојер
Според стрип-ликовите на: Боб Кејн
Музика: Ханс Цимер
Студио: Legendary Pictures, Syncopy Films, DC Comics

Постери: Chazz Russo, Ryan Luckoo, Jock

Тагови: , , ,

8 Responses to “The Dark Knight Rises: Кога гневот зоврива”

  1. Жарко Каранфилов 3 август 2012 at 10:27 #

    Претходното остварување со себе иако задоцнето го исфрли во реалноста како топовско ѓуле психопатот Holmes, проблемот што на оваа планета владее само желба за некаков привиден мир. Повеќе од очекувано е помеѓу тие шевови да истекува терор и во реалноста. Впрочем тоа е силата која го тера човештвото нанапред но каде?

  2. Darko 15 август 2012 at 14:13 #

    99% Hipster Bullshit. Сите овие „високо интелектуални“ рецензии со палење на OMG WE ARE 1% моментот паѓаат во вода со разочарувачкиот, детски и нелогичен начин на кој сите овие работи беа претставени. Почнувајќи од (SPOILERS) најлигавата изведба до сега на Catwoman и нејзините one-liners, која со „досетките“ повеќе припаѓа на Tim Burton него на Nolan, до идиотизмот од типот на улетување наоружан на берза, момент кој полицијата нити го регистрира нити превзема нешто конкретно во врска со тоа, до моментот на испраќање на ЦЕЛА полиција да го лови Бејн, да биде изолирана во подземни ходници до моментот на цела полиција искача тазе избричена и здрава 3 месеца покасно, до моментот 8 години тагувам по изгубената љубов али немам проблем да се испозаљубам во првата што ќе ми рашири нозе, до моментот кршење кичма и заздравување за 5 месеци со типично холивудско „навежбување“, до идиотизмот од типот на Бејн кој што е највеќе во свет изненаден што го гледа Бетмен, иако свесно му остава доктор (?!?!) да го лечи, до претставување на Бетмен како комплетен лигуш кој не може да победи освен ако не изигра “педерски“ ( кршење на маската на Бејн, без кое што овој ќе избришеше патос со него, ако е веќе толку „маж“ што он не се бори без неговиот кевлар оклоп?), до нај-анти-климакс крајот, до нај-предвидливиот twist и монолозите на негативците кои сите ги слушаат ко седница на собрание додека за некоја минута треба да експлодира нуклеарка. Burton бар сите овие работи ги правеше свесно и стрипски и не одвлекуваа внимание, за разлика од Nolan кој цела трилогија ја форсираше на финтата „dark & gritty“, за да последниот дел изгледа како Бетмен верзија на Rocky.

    • Александар Саздовски 15 август 2012 at 14:26 #

      Све ми е ОК со ваквите реакции, ама увек едно не ми е јасно: Зошто луѓето воопшто се мачат да гледаат филмови како TDKR и сѐ останато холивудско ако процесот не им е ништо повеќе од Бау Бау барање “грешки” во дејствие, сценарио, реалност, итн. Ако се знае дека скоро секој холивудски филм е таков, држи се до европска кинематографија и нема такви пропусти. А хипстер-булшит… дај не ме зезај, TDKR е скроз попкорн меинстрим, во секој поглед не е хипстерски. Плус, има разлика кога опишуваш порака што си извлекол (како јас во текстот) и техничко расцепување на филмот (како ти). А каква порака ќе извлечам зависи само од мене.

      • Darko 16 август 2012 at 04:46 #

        Naprotiv, ultra najmnogu mrazam evropska kinematografija bash radi vakvata fejk pretencioznost i usilen “mracen/art” efekt. Nemam nishto protiv holivudski filmovi, no imam protiv pretenciozni holivudski filmovi koi se reklamiraat i “prodavaat” kako neshto podlaboko/pomracno/porealno a se sosema sprotivnoto, i lugeto se palat na niv samo radi toa shto taka im bile pretstaveni od strana i “profesionalni kriticari”, a ne deka realno se kvalitetni. Isto kako nekoj da mi go “prodava” The Avengers kako visoko psiholoshka drama so tematika konflikt megju povekje razlicni karakteri i nivnoto ego. “Na hartija”/sajt/blog/ konceptot kje drzi, da, megutoa na platno e neshto sosema drugo. TDKR bese manje vise proglasen za “film na 2012” ushte pred da izleze i pred bilo koj da go gleda, i sega site se drzhat do toa od nekoj si strav “lele pa na site im se svigja, ja ako izmrcam mene kje mi mrchat”, iako realno filmot e daleku od “hajpot” koj shto Nolan i sam si go sozdade. A hipster-bulshit mislev na momentot na palenje na prenemaganjeto protiv korporacii i “we are 1%” na koja finta Nolan ja ulovi mladata vospalena i “buntovna” publika (ocigledno i mnogute “pro” kriticari), moment koj bese sosema izguben vo filmot poradi loshiot pacing i nelogicnostite i idiotariite koi go odvlekuvaa vnimanieto niz celiot film. Edno e koga gledas popkorn mejnstrim koj actually te zabavuva 2 i pol saati, i drugo e koga gledas pretenciozen popkorn mejnstrim koj so sila se pravi dlabok ( a ne e) i koj bukvalno go tupi 2 i pol saati so losh,predvidliv i nevozbudliv pacing i prenemaganje okolu porakata i tretiranje na publikata kako da e malo dete so konstantnite “dlaboki” monolozi, priznanija, i 15 pati povtoruvanje na edno isto. Ednostavno, licno ne mozev do tolku da isklucam sekoja logika i mozocna kjelija i da go progoltam, na primer, faktot deka site mediumi i cel grad ne mozat da ukopcaat deka Brus = Betmen, so nivnoto simultano 8 godisno isceznuvanje, pa simultano pojavuvanje, pa simultana “smrt”. Duri i Tim Burton do tolku ne ja potcenuvase svojata publika vo negovite mnogu po stripski i plitki verzii na Betmen. I neznam zoshto site recenzii se identicni vo “zaklucocite” (vklucuvajki ja i tvojava) i namerno gi izbegnuvaat ovie idiotarii koi inaku bi gi potencirale vo recenzija na bilo koj drug film. Dali kolku, ete, da ispadne aj cim Nolan vika deka e taka onda mora da e taka, ili deka pojma nemate od originalniot materijal koj nema nikakva dopirna tocka barem so ovoj del od trilogijata. Za razlika od Joker cij shto lik/poteklo/odnesuvanje actually bea zemeni od nekoi verzii od stripskite prikazni, Bane apsolutno nemase nikakva dopirna tocka so Bane od stripovite, osven imeto, i toa shto mu ja skrsi kicmata na Betmen. Site drugi karakteristiki bea izvadeni od rakav i prilagodeni na prikaznata.

        I da ne go tupam, edno po edno site nelogicnosti si se ubavo podredeni tuka: http://www.reddit.com/r/movies/comments/x0sdi/prometheus_vs_the_dark_knight_rises/c5igtxx

        • Александар Саздовски 16 август 2012 at 07:37 #

          Види, пак збориш за пејсинг и тако даље, си се држиш до “нелогичностите”, истиот аргумент го користиш. Шо е сосема ОК, ама тоа што хајпот го земаш како репер, ми делува како да си го чекал на нож да го распараш филмот. Претенциозен? Нема шанси. Многу е јасен, директен, прост дури, а тоа што ја сум нашол паралела измеѓу гневот на Бетмен и гневот во светот е моја работа. Тоа Е големата слика на филмот за мене иако и самиот Нолан си кажа дека нема везе со политика. А Редит…похипстерска скупина нема у моментов на светот, бар кога компјутерџии се во прашање. Во секој случај, ставот за филмот си е твој, можеме да дискутираме до бесвест, ама не можеш да ме убедиш дека си во “право” исто како и ја зашто тоа зависи само од личниот агол на гледање. А за тоа и двајцата неаме докази, само перцепција. Фала на читање енивеј.

          • Darko 16 август 2012 at 18:00 #

            Секако, секако, Reddit била најхипстерска скупина… Освен што покрај тоа што е извор на материјали за секој е*ан агрегатор и „меме“ сајт, е единствено место каде што секој релевантен научник или артист од било кој тип комуницира директно преку IAMA топиците со потенцијални 1-2 милиони регистрирани јузери. Прилично многу за “елитна“ и “селективна“ хипстерска група, нели? Дај молим те не тропај.

          • Александар Саздовски 16 август 2012 at 18:45 #

            Не знам шо се попали толку за Reddit, не дека го нападнав, супер си е, ама Е хипстерски и баш самиот го потврди тоа со претходниот коментар во кој што, мање више, го постави како корен на сè што искача на интернет – од уметност преку наука до меме. А ако хипстеризмот значи да откриваш нови ствари пред светот тоа да го направи, не гледам што би бил Reddit освен хипстер-скупина. Со сета почит, секако. А 1-2 милиони викаш малку? Да де, малку е, и токму затоа е елита, ако останатите милијарда и кусур се на Facebook, Twitter и остало.

            Ајде, сега тебе ти е редот да потропаш (бидејќи зборот дискусија не ти беше доволно пристоен, па се префрли на плитки, дефокусирачки, термини).

  3. NaumN 4 септември 2012 at 14:27 #

    After careful consideration, муабетот што го ти го кажав на твитер дека Бејн е негде тука ако не и бољи од Џокерот го повлекувам 😀 Пак нијанси одлучуваат, ама по повторно гледање на TDK нема сомнеж, Џокерот го добива мојот глас. А Бејн (Харди) е блиску…многу блиску.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>