The Amazing Spider-Man: Заплеткан во позната мрежа

Со оглед на незаситната нужда за рециклирање, обработување и препакување на стари остварувања, приказната за потеклото на суперхероите делува како да е измислена од Холивуд. Не е. Виновници за постоењето на оваа основа за раскажување се луѓето од светот на цртаните стории, каде што навраќањето кон корените на јунаците е одамна прифатено и нашироко практикувано. Така главните ликови се приближуваат до нови генерации, без да се рушат ѕидовите на постоечката структура на дејствието. До тука, сè е како моделирано за холивудскиот калап: можност за запознавање со карактерот, откривање како ја добил моќта, понирање подлабоко во неговата психа. Ако прва причина за повторниот процут на суперхеројските филмови по X-Men е развојот на умствено-експлодирачките компјутерски ефекти, втора несомнено е фокусирањето на изворот на доблестите и слабостите.

На хартија изгледа е поинаку, ама на големото платно настанува непријатност кога се патува назад во времето, а подвижните слики од оригиналот сè уште не се остинати во сеќавањето. И покрај тоа што, индивидуално, можеби е подобар од верзијата од пред една деценија, The Amazing Spider-Man најмногу пати што преовладувачки дел од неговата фабула е искусена и не така одамна. Во сценаристички не баш освежената варијанта пак се среќаваме со Питер Паркер, сега потретиран од Ендру Гарфилд. Ако во универзумот на печатените стрипови се ангажираат нови текстописци и цртачи за да испердушат стара приказна, во неговиот кинематографски пандан тоа е пренесено како тазе актер за тазе армија следбеници. За разлика од Spider-Man од 2002, годинашниот поверодостојно се држи до темелите поставени во самостојното деби во 1963. Тоа значи го нема Зелениот Гоблин, го има Гуштерот, ја нема Мери Џејн Вотсон, тука е Гвен Стејси (Ема Стоун), Норман Озборн само се споменува, ама повеќе простор е отстапен за Ричард Паркер, таткото на носечкиот лик.

Освен детали штуро распрскани низ целото течение, остатокот од The Amazing Spider-Man е како и “обичниот” човек-пајак на Сем Раими. Тоа осигурува континуитет на фундаментите на овој славен суперхерој. Мнозинството постари луѓе, воглавно во духот, помалку по возраста, би рекле дека сите стрип-јунаци се детски, но и без тоа, може да се заклучи дека Спајдермен најверно комуницира со младешката страна на животот. Благодарение на одличната хемија меѓу Гарфилд и Стоун, во чии актерски раце е неговата симпатија, полесно се прифаќа стереотипното претставување – преку бубалици и силеџии – на средните училишта во САД. Со уверлив документарец лани беше прикажано оти не станува збор за наивна холивудска измислица. Постоењето на таков ланец на школска исхрана делува исфорсирано во современиот контекст, но со тоа само се покажува нашата одбивност да прифатиме дека не сме еволуирале којзнае колку откако Ли и Дитко го создадоа Спајди во 60-тите.

Од тие причини и уште неколку други, како неконтролираната моќ на корпорациите, генетскиот инженеринг и улавата случајност на уличниот криминал, The Amazing Spider-Man е близок со денешницата. Тоа, сепак, е минималната, опкружувачка и придружна, страна на филмот. Тој најсилно резонира со нестабилниот свет на доцните тинејџери и раните адолесценти, меѓу кои и во денешнава предвидливо цинична ера, има милиони инспирирани од донкихотовскиот идеализам и херојство. Внесувањето суровост и нагризување по рабовите на овие две водилки го прави Спајдермен од 2012 похуман суперјунак од Човекот-пајак од 2002 година. Најзаслужен за тоа е Гарфилд. Ако Тоби Мегваер ја почна и комплетира првата трилогија играјќи го централниот лик со микс од романтичност и лековерност, неговиот британско-американски колега тоа го изведува со спој од внатрешен конфликт, интелигенција и глад за истражување.

Глумата на Гарфилд го носи почетното поглавје од новата трилогија до вратата на мрачноста по која што се прослави Бетмен на Кристофер Нолан. Не го преминува нејзиниот праг туку одвреме навреме ја пречекорува вродената симпатичност на Спајдермен уште од времето кога постоел заробен меѓу две колор-корици. Тоа ја зголемува релевантноста на ликот и во неговата филмска, а не само стрип-околина. Таква позиција има и од технички аспект. Од костимот, преку каскадерските сцени до компјутерски изработените 3Д-ефекти, сè изгледа со обратен сразмер – примамливо е возбудливо колку што заплетот е иритирачки апсолвиран. Среќа што самото сценарио е солидно, напишано со повеќе жар отколку вообичаените “кавери” на популарните, но и ценети наслови, и заборавајќи дека многу суштински елементи и поединости се повторуваат, филмот изненадувачки цврсто опстојува сам по себе. Ова не е доволен повод за The Amazing Spider-Man да се нарече неверојатен, туку само заплеткан во позната мрежа. Таа не е чудесна колку што може да биде, ама и без тоа е загадочна за во неа да се фатат актуелните генерации кои не смеат да минат (најпрво) низ детство, а потоа и младост и зрелост, без да се запознаат со Човекот-пајак.

Оцена: 71/100

Наслов: The Amazing Spider-Man [“Неверојатниот Човек-пајак”, официјален превод]
Премиера: 3 јули 2012 (САД) / 13 јули 2012 (Скопје)
Режија: Марк Веб
Улоги: Ендру Гарфилд, Ема Стоун, Рис Ифанс
Продуцент: Ави Арад, Лора Зискин, Метју Толмах
Сценарио: Џејмс Вандербилт, Алвин Сарџент, Стив Клавс
Според стрипот: The Amazing Spider-Man од Стен Ли и Стив Дитко
Музика: Џејмс Хорнер
Студио: Marvel

Слични написи

Остави коментар