Plan B – ill Manors [Atlantic, 2012]

Со терминот велепосед (не велосипед), како што manor се преведува на македонски, најчесто се опишува основната единица на сопственост во феудалниот систем. Има и речници кои што точно го толкуваат и како реон, двор и моето омилено – чифлик – ама сите прецизно објаснуваат дека се работи за благороднички имот. Секој куп земја од ваков вид, што во некои случаи е купиште, во својот центар има газда кој со прст мора да мрдне само кога се дотрупува азното. Околу него живуркаат мажи и жени, млади и стари, цели семејства чиј најголем пропуст им е што не се родиле во богатство. Така било до пред пет века. Денес сè е поинаку. Никој не се чувствува потчинет, опциите на сите им се еднакви, а алчното индивидуално таложење изобилство е бледо сеќавање. Ќе беше супер 500 години сето ова да го истребиле. Единствено што тие избришале е стариот вокабулар, а правилата и натаму се отприлика исти.

Не се занимава со контекст како горенаведениот, претерано проширен исклучиво за да постигне драмски ефект, но Plan B со новиот албум ill Manors продира низ оклопот на поредокот според којшто функционира современото британско општество. Наместо со копја, стрели, мечови и челик, тој сега се штити со акции, тендери, кредити и камати. Со нив физички не може да се распара џигер, ама се подеднакво смртоносни. Тие се нуклеарниот арсенал што го заплашува мнозинството од 99 проценти и го осигурува продлабочувањето на кањонот од класна разлика меѓу нив и преостанатите еден отсто во чии раце е речиси сè што може да се поседува. Тоа раѓа гнев, кој што се полни како детонатор и има потенцијал во секое време да експлодира. Празноглавото беснеење и пустошење се контрапродуктивни. Од друга страна, тешко е да се тврди дека ниту дел од коренот на ланските нереди во Англија е засаден во актуелното уредување.

Потполно свесен за неуспехот на општеството да ја одгледа социјално обесправената младина, Бен Дру сними филм и албум инспириран од темава. Неговото режисерско деби сè уште не сум го изгледал. Шестте индивидуални приказни таму илустрирани можеби значително го засилуваат импактот на цедето, но фактот дека сам за себе е толку јак е карактеристика што највисоко го издигнува. На хартија, ill Manors е само саундтрак. Во практика, изданието е комплетно и без подвижните слики со кои што е сврзан на најфундаментално ниво. Секоја секунда, ритам и стих не се наострени кон високата политика, ама Plan B од неа не бега (реченицата “Скршената Британија на Дејвид Камерон” е најистурениот пример). Овој 28-годишен автор од лондонската населба Форест Гејт рецитира за местото во кое израснал и каде што се отплеткува дејствието на кинематографското деби.

Дру не се плаши и да ги критикува политичарите, моќниците и богатите, а сепак, тоа е во втор план на централната намера – да раскаже со каков живот се соочени врсниците и помладите. Не користи розова шминка. Дрога, убиства, сиромаштија, безнадежност и безизлезност се дел од темите што се провлекуваат во 11 песни. Конечноста на целото тоа опкружување, бруталноста на ограничениот избор, сивилото, сè ова се чита меѓу, а не така ретко и директно во вешто напишаните редови на плочата. Меланхолијата што доаѓа со овие сурово реалистични прашања перфектно е истакната од соул-вокалите во рефрените кои поттикнуваат амбиент на размислување и преиспитување. Ама дискот не е само општествено-политички коментар и анализа аматерски залепен за сувопарни ритми и здодевни рими. Ова е првокласно креиран, продуциран и егзекутиран модерен, слушлив, британски хип-хоп. Тоа што Plan B го употребува албумот за храбро да го искаже личното мислење за актуелната судбина на многу млади и за причините за нивното лошо однесување (ill-manners) го прави ill Manors документ на сегашнава ера. Ако погледнеме навнатре, јасно е дека тој е приближно веродостоен и за драстично помали земји од Велика Британија.

Оцена: 88/100

Артист: Plan B
Албум: ill Manors
Датум на објава: 23 јули 2012
Продуцент: Бен Дру и други
Издавач: Atlantic

Листа на песни:
1. Ill Manors – 3:46
2. I Am the Narrator – 3:35
3. Drug Dealer” (feat. Takura Tendayi) – 5:00
4. Playing with Fire” (feat. Labrinth) – 3:40
5. Deepest Shame – 3:37
6. Pity the Plight” (feat. John Cooper Clarke) – 4:21
7. Lost My Way – 4:42
8. The Runaway – 3:44
9. Great Day for a Murder – 4:31
10. Live Once” (feat. Kano) – 4:31
11. Falling Down – 4:44

Слични написи

Остави коментар