Pallbearer – Sorrow and Extinction [Profound Lore, 2012]

Има некоја посебна возбуда во откривањето нови бендови уште со објавата на нивниот прв албум. Општо земено, мигот на пронаоѓање изведувачи за кои што претходно не сум бил свесен е исполнувачки без разлика колкаво е задоцнувањето. Ако, пак, тоа се случи кога и самата група излегува од локалниот кожурец, процесот добива димензии на споделување, на взаемно искусување. Најмалку е важно што таа слика е привидна, што составот е десетици илјади километри подалеку, што веројатно никогаш со свои очи нема да го видам и со свои уши да го слушнам во живо. Клучно е чувството дека се плете мрежа на поврзување уште од старт, кога сè е свежо за слушателите, но и за тие што стојат зад делото. Секако, со сите ископувања артисти кога го издаваат дебито не се доаѓа до истото ковчеже со одушевување. Некое е поситно, некое покрупно. Едно е поисполнето, друго поиспразнето. Тоа на Pallbearer, на чија надворешност е изрезбано Sorrow and Extinction, е монолитно и натискано со вонземски аудиобогатства.

Кај четворката од Литл Рок, Арканзас, бонус е што членовите се релативно зелени по години, а зрели по израз. Тие се модерни традиционалисти. Насоките на музиката од актуелнава ера, што ја конзумирале во реално време, како што се објавува, умешно ги распрснале низ полето изорано од втемелувачите на хеви-сцената и особено, на дум-металот. Во јуначката 12-минутна воведна тема, Foreigner, се забележуваат контури од Sleep, Kyuss и по некоја од Neurosis, нанесени на дебели, непробојни, темели од Black Sabbath, Saint Vitus и Candlemass. Втората трака, Devoid of Redemption, ја разоткрива и потребата на квартетот за слаџ-атмосфера. На неа, уште појасно отколку на првата, се истакнува големата задолженост на вокалистот на Pallbearer кај Ози и поприлично, кај Вино. Фронтменот Брет Кембел не ги крие, туку отворено ги вдишува влијанијата од овие магови. Со ангажираната мекост и со похеројската мелодичност на гласот, тој сосема солидно си го присвојува овој одамна етаблиран стил.

Таа лепливост е карактеристична и за гитарите на целиот албум, а нарочно се слуша во лизгачкото интро и во рифот околу кој што циркулира The Legend. Тој е како равенка од прв степен, но во себе содржи емотивна тежина и комплексна мрачност, која што не те набива во земја, ама те потсетува на нејзиното постоење и неминовност. Басот, кој што копа во утробата на плочата како што песочните црви роварат низ Аракис, со кус дисторзиран пресек ја отвора An Offering of Grief. Првите три минути од нумерата се титански инструментален пејсаж. Од него се крева ѕид од дисторзија за на границата на последната третина да паузира со акустика и да финишира со потиштени лидови. По ова на ред доаѓа Given to the Grave, парчето што маестрално го затвора материјалот. Тука има многу контролирана фонија, малку пост-рок-елементи и епско возење на гитари и вокали. На песнава, бендов, без празно дување, сјае. Го зема мечот, го боде во сонцето и со светлината гаѓа како со ласер. А траката има темна, графитна, боја.

Таков колорит имаат сите пет композиции интелигентно распослани на 50 минути. За првокласен, искусно напишан, отсвирен и продуциран, дум се работи. Очекувано е, дури и нужно, тонот да биде смуртен, меланхоличен, бавен. Во сè ова квартетот е инстинктивно одличен, а не само увежбано добар. Развлеченоста е карактерната црта во која што отскокнуваат. Тие ѝ принесуваат извонредно сочни жртви на божицата на успореноста без да се претворат во отров-досадни верници. Или со други зборови, за составот е суштински важно да се растегнува со брзина на триножен мрзливец, а во исто време, кај слушателот да поттикнува лавина од слики, сеќавања, доживувања. На површина, тие можеби токму од четворката се упатени кон тагата и изумирањето, ама Sorrow and Extinction e драстично погусто битие за да се ограничи какво било негово толкување. Пресудно е што има компресирана моќ за грабање на емоциите и умот на првобитен степен и за нивно развозување. Каде, зависи од индивидуалниот систем на внатрешни локални и регионални друмови и автопатишта. Последниве, 99 отсто од нас ги користат одвај неколкупати во годината. Овој неоспорен, во многу наврати научно докажан, факт сигурно делувал како нерешлива загатка, но Pallbearer одгатна како ќе ги инспирира слушателите да се навраќаат на нивниот концепт за патешествие – со музиката снимена на дебито.

Оцена: 90/100

Артист: Pallbearer
Албум: Sorrow and Extinction
Датум на објава: 21 февруари 2012
Тон-мајстор: Чак Шаф
Издавач: Profound Lore

Листа на песни:
1. Foreigner – 12:22
2. Devoid of Redemption – 08:18
3. The Legend – 08:49
4. An Offering of Grief – 08:33
5. Given to the Grave – 10:55

Слични написи

Остави коментар