20/04/2018

Трејлер камп: Dredd, Total Recall, Looper

Постирано на 12/07/2012 од во Трејлер камп, Филм

Откако мама и тато ме навлекоа на кино, немам поим, можеби со “Нинџа и 13 кондора” во сега заборавеното “Кисела Вода”, им се радувам на трејлерите. Тогаш не се викаа така, туку беа “журнал”. Од која причина, помалку е важно, изгледа поради чувството на сигурност оти по филмот што сум го гледал ќе има следен, но тие неколку минути пред стартот на проекцијата отсекогаш ми биле мала, изолирана, претстава, битна сама по себе. Затоа денеска се пиздам кога копиите на лентите или ги рентаат без нив или по некоја македонска логика, сметаат дека не треба да се прикажуваат. Нека ни поживее за навек, интернетот е тука да ја пополна оваа аудиовизуелна глад.

Изминатава декада трејлерите се токму тоа – инјекција на кинематографски исечоци сврзани со маркетинг психологија и поп-арт-нагон. Некои од нив се само пристојни рекламчиња, други не ја допираат суштината на делото, а трети, тие комотно можат да опстојуваат отсечени од него, на рипит, но и извонредно да ја опфатат суштината и да привлечат внимание со вкус. Уметност сигурно не се, ама штом ги изгледав оние за Star Trek и особено за Inception и за The Art of Flight, а потоа им се навраќав и откако филмовите ме задоволија, заклучив оти оваа перцепеција не е бесмислено претерана. Поради специјализираниот сајт на Apple гледањето трејлери ми стана редовен ритуал и решив да му отстапам посебно ќоше на “Кулпоп”. Почнуваме со пакет СФ-акција.

Dredd

Режија: Пит Тревис
Улоги: Карл Урбан, Оливија Трилби, Лена Хиди
Премиера: 21 септември 2012

Обожувам, ама о-б-о-ж-у-в-а-м дистописки приказни. Точно, не знам зошто. Можеби е поради гледањето на Mad Max и The Running Man како клинец, откривањето на Blade Runner како тинејџер, опседнувањето со 12 Monkeys и The Matrix во истиот период, фасцинирањето со “Фаренхајт 451” како возрасен и одушевувањето со дел од новите дела во жанрот, како Minority Report, Children of Men и District 9. Во анти-утопиското опкружување, стрипот Judge Dredd отсекогаш се вклопувал подмачкано, пред Слај во 1995 година да го сведе на пародија во спандекс. Оценувајќи според првиот трејлер за новата верзија, режисерот Пит Тревис и продуцентите ја научиле лекцијата.

Отворајќи со одличниот ремикс на Skream на In for the Kill и со зборовите на La Roux, We can fight our desires but when we start making fires…, клипот прикажува панорама од Мега Сити Уан. Градот изгледа феноменално. Технолошки напреден, тој во стомакот крие трули квартови, криминални кралици со лузни (Лена Хиди), хај-тек-дрога. Нема трага од сиренкавоста од пред 18 години. Карл Урбан е суров, Валканиот Хари тип на Судијата Дред. Трејлерот нагласува дека оваа интерпретација на стрипот е мрачна, бескомпромисна, брутална, како и иднината што е оска на неговата сторија. Во две и кусур минути, презентира фино заокружен концепт. Сега нетрпеливо се чека целината.

Total Recall

Режија: Лен Вајсман
Улоги: Колин Фарел, Кејт Бекинсејл, Џесика Биел
Премиера: 3 август 2012

Погоре, при набројувањето зошто радарот ми вришти на каков било вид дистописко врамена фантазија, заборавив да кажам дека причина за тоа можеби е и вроденото, инстинктивно, претчувство дека на крајот така ќе завршиме. Најголемиот дел од нас заглавени во канализацијата на мегалополисите, а припадниците на едниот процент ослободени на врвовите на облакодерите. Или на Марс. Тоа ме доведува во центарот на Total Recall чија првична варијанта, со Шварци во главната ролја и преведена на ВХС како “Црвено усијање”, уште ја паметам по бизарно-забавната интерпретација на изворниот материјал – расказот на Филип К. Дик. Претстојната, делува поинаку.

Колку сака нека делува симпатично, англискиот со австриски нагласок на бившиот гувернер на Калифорнија дефокусира. Колин Фарел го нема тој проблем оти Ирецот го потиснува длабоко во себе кога зборува. Делува природно, впечатливо, претопено во кожата на Даг Квејд. Продукциски, од ефекти преку акциски сцени до пејсажи, ова изгледа значително поуверлив СФ-амбиент. Проблемот се јавува кај режисерот, кој кога жената му игра во филмовите, секоја втора сцена ја прави како да е реклама за шампон на Видал Сасун. Наместо мрак, тоа навестува дека во Total Recall 2.0 ќе има цепање, лигавење и тегавење на велико, ама и голема доза адреналин.

Looper

Режија: Рајан Џонсон
Улоги: Брус Вилис, Џозеф Гордон-Левит, Емили Блант
Премиера: 28 септември 2012

Човекот што дошол до идејата, веројатно сценаристот и режисер Рајан Џонсон, Брус Вилис да се убива самиот себеси заслужува орден од Светиот ред на заштитници на вистинската филмска акција. На своевиден начин, тоа би му дошло како последната опција по сè што Џон Меклејн издржа во “Умри машки”, а сепак, и по четири дела, се клатеше, ама стоеше на нозе. Креативецот зад Looper сигурно си рекол: А зошто Брус Вилис да не го соочам со Брус Вилис, единствениот човек што можеби ќе знае како да го згази од ќотек. За тоа да успее, секако, треба научна-фантастика, одличен кастинг и уште поубедливи компјутерски генерирани ефекти.

Не би ми паднало на крај памет, но Џозеф Гордон Левит е одличен глумец и само со талент, верувам дека ќе го скине Вилис како млад. По изглед, не баш. На трејлерот е јасно дека се користени ефекти за доловување на уникатно смачканиот нос на Брус, ама фацата на Левит недозволиво многу наликува како да е плесната со широка тава за палачинки. Дел од сцените, на моменти, потсетуваат на Time Cop со Жан Клод Ван Дам, но тоа не прави никаква штета. Акциската кореографија е баеги на место, а се добива впечаток дека и поискусниот и помладиот актер “кликнале” еден со друг на сетот. Тешко е да се процени дали тоа траело неколку минути или цел филм.

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>