Звучни резови #4 [Southern Lord едиција]: Loincloth, Black Breath, Pelican, Martyrdöd

Во текот на обидите да се навлечам на авангардните мракоини на Sunn O))), што се покажаа како неуспешни, пред неколку години открив дека гитаристот на бендот, Грег Андерсон, е основач на издавачката куќа Southern Lord Records. Со преовладувачкиот, експериментален, дел од нејзиниот список на артисти не најдов заедничко уво, но сфатив дека сме на иста фрекфенција околу стоунер-думот. Последниве две-три сезони, пак, ептен се здруживме поради растечката листа на бендови што фузираат ди-бит, хардкор, краст-панк и метал со леснотија како да се работи за пржење јајца на око. Од почетокот на 2012 етикетата објави неколку извонредни парчиња музика што влегуваат во овие категории и затоа таа е во фокус на четвртото издание на “звучните резови”.

Loincloth – Iron Balls of Steel

Оцена: 82/100
Датум на објава: 17 јануари 2012

Кога никогаш непрежалениот Stylus Magazine во 2006 година ме запозна со Barriers and Passages, авторите на албумот, Dysrhythmia, ми покажаа дека и прог-металците знаат бидат воздржани. Отсуството на оваа карактеристика ги претвора повеќето групи од правецот во потенцијални масовни убијци со верглање. Наполно свесни дека овој стил на елиминација не е вреден за епопеја, инструменталците Loincloth создале плоча со незадржлива центрипетална сила за десеткување. Сукајќи риф по риф, но не и вртејќи се во круг, американскиот бенд креира вртоглава психо-вртелешка.

За разлика од споменатите, дисритмични, колеги, составот именуван според древната ткаенина за заштита од уроци не е фасциниран од џезот. И тој е присутен на првото долгосвиречко издание на групата од Северна Каролина, но неговото место е длабоко под масната рифовска површина. Таа грува, забрзува, забавува, треска, смирува, се вивнува, се спушта, ама не зема здив 40 минути. Фрагментирана е на дури 16 делови, а тие се уште поисцепкани со воловски тешки гитарски трупци. Тие не го прават дискот недвосмислено ремек-дело, туку парче музика со железни муда од челик.

Black Breath – Sentenced to Life

Оцена: 88/100
Датум на објава: 27 февруари 2012

Не знам каква му е наталната карта, ама се чини дека ѕвездите секогаш го поврзуваат Курт Балоу со бендови чијшто јин и јанг знае како да го претопи во продукција. Тоа што сопствениот состав, Converge, генијално го овековечува на лента и не е шок, но и речиси сè што снимил, особено последниве пет-шест години, звучело фантастично. На тој список годинава се High On Fire, Rise and Fall, Burning Love и Black Breath. Фактот дека ова се групи со избистрен стил сигурно завршува најголем дел од работата, но Балоу тоа го препознава и затоа името му се појавува на диск како Sentenced to Life.

Какво ли само чекичиште е второто ел-пи на квартетот од Сиетл. Тој на обвивката е визуелно одличен, но личи на дрвен. Симболично – ја пренесува пораката. Суштински – овие десет песни се од компресиран титаниум. Воглавно брзи, трешерски, тие имаат бескомпромисна хардкор-основа, инспирирана од старата њујоршка гарда од мрсна провиненција. Дуваат и силни ди-бит-ветришта, и по нешто блек-пиштење. Севкупно, пак, ова е м-е-т-а-л. Немилосдрноста ќе го осуди албумов со казна во затворот на подземјето, но интелигенцијата ќе го спаси од доживотна робија.

Pelican – Ataraxia/Taraxis

Оцена: 80/100
Датум на објава: 10 април 2012

Ако Loincloth, првиот инстру-метал претставник во овие “Звучни резови”, отсуството на вокали го надоместува со боксување на сетилата, Pelican тоа го прави ставајќи ги во пилотската кабина, задржувајќи го џоистикот во свои раце и разлетуваjќи ги низ врвови и кањони додека не останат без воздух. Во ред, последново се нема случено од 2005 година, кога групата го објави феноменалниот The Fire in Our Throats Will Beckon the Thaw, но добар знак е што со ЕП-то и ЛП-то од 2009, Ephemeral и What We All Come to Need и сега со Ataraxia/Taraxis повторно се виновни барем за пристојно задишување.

Новото и-пи почнува со Ataraxis, песна сместена во територија што бендот обожува да ја истражува изминативе години. Спојуваќи ги мелодичните дисторзирани пејсажи со акустични гитари, групата убаво ја билда атмосферата пред таа ферски да разрока на Lathe Biosas. Нејзиниот рифовски циркулар најпрво забавува, целосно се гасне и пак се вклучува на Parasite Colony, но не забрзува повеќе од тешка, монструозна, желка која што гази на предисториска плажа. Таа завршува на Taraxis, чиј неелектричен, нежен, старт расте до бурно финале што буди силна желба и исчекување за лонглплеј-албум.

Martyrdöd – Paranoia

Оцена: 83/100
Датум на објава: 22 мај 2012

По ланската објава на фасцинантно деструктивното деби на All Pigs Must Die, а пред тоа и на албумот од Trap Them и уште неколку други, Southern Lord потврди дека во следниот период широк простор ќе остапи на музика што е слика за гневот и бесот што по крахот во 2008 година се таложи во светот. Немам поим Martyrdöd за што вриштат, не разбирам шведски, но судејќи по новиот диск, Paranoia, не е тешко да се воочи оти тоа не се рози, градини и прегратки. Можеби бидејќи е снимен во славното студио на Фредрик Нордстром бендот е уште пометализран. Сепак, тие се крастери до коска.

Брзото темпо има главен збор, а на вокален план – зборови исплукани низ вклештени заби. Ди-битот е значително помасивен, веројатно поради тон-мајсторот, додека во неколку траки генијално се уфрлени лидови и солажи што ја мелодизираат крајната суровост на збирката. Членовите на Martyrdöd дефинитивно се панкерчишта, ама и проклето увежбани и вешти свирачишта. Материјалот звучи рапаво, неизбрусено, искршено на сите страни, а сепак, стегнато под конец. Згора на тоа, потписниците знаат да склопат јака песна и затоа Paranoia гарантира често преслушување.

Слични написи

Остави коментар