OM – Advaitic Songs [Drag City, 2012]

Никако не успеав да се натерам себеси полудено да теглам по дела од уметноста или од популарната култура направени исклучиво со разум. Сè уште го чекам денот кога на г’з ќе паднам од филм опседнат со кадри и банално филозофирање, а осакатен од основна човечност. Не се радувам на мигот, чисто сум љубопитен, дали некогаш ќе нурнам во егзалтирачки транс поради инсталација од засушени човечки гомна или неразбирливо апстрактно платно насликано од биволска мочка. Изгледа оти во будалаштиниве нема ниту грам рацио, меѓутоа, најголем дел од нив се свесно, темелно, обмислени за да ја поттикнат публиката на вујаклиска дискусија и пишување трактати. Дали таа воопшто ќе почувствува нешто е статистички незначајно, а да ужива или, пак, да се забавува ѝ е забрането. На оваа тема има значително попаметни луѓе од мене, благословен сум што секојдневно ме просветлуваат на Facebook. Тие со стручно-терминолошка-гимнастика знаат како да продрат во суштината на овие креации, а сепак, не живеам со празнина бидејќи не ме допираат. Ова особено важи за музичките албуми.

Експерименти, оригиналност, превиткување жанровски правила, дури и какофонија, обожувам да слушам, ама под два услова. Прво, манџуријава, не е битно колку лабаво, да опстојува како целина, како песна, како издание. Второ и веројатно клучно – да ме измести од колосек (од минимално до максимално) на фундаментално, невоздржано, емотивно ниво. Дали притоа сетилата ќе разбудат весели сеќавања или ќе откопаат тажни искуства не прави разлика, наградата се крие во способноста на материјалот да предизвика реакција. Ако, пак, на тоа се додаде и силна умствена димензија, спојот е потенцијално генијален. Со последниот диск Advaitic Songs, американското дуо OM ѝ се смее во лице на медиокритетноста, ја скока натпросечноста и слетува на портите од универзумот на музичките ремек-дела. Помпезно, изнасилено, како сакате наречете го, претходново тврдење е несомнено заслужено.

Ал Сиснерос, басист и вокалист на стоунер-џиновите Sleep и Емил Амос, тапанар на политичките пост-рок-инструменталци Grails, на петтото студиско цеде на OM тоа го постигнуваат проширувајќи ги сопствените хоризонти на израз длабоко под и високо над креативното поле на наведените два бенда. Тие се авторската турбина, но Advaitic Songs, наместо да се сведе на дисторзирани електрични четири жици и перкусии, врие од вознесувачки женски гласови, морничави виолончелски мелодии, ритуално пеење, опсежни клавијатурски пејсажи, табла и други сортирани удиралки. Ова е, директно кажано, плоча со медитативна моќ што инспирира размислување на линија религија-филозофија. Не проповеда ништо конкретно. Нафрла библиски референци, користи термини од хиндуизмот, повеќе е заинтересирана за вековната оставнина на звукот отколку за неговите модерни мутации. И покрај забележливата остроумност, која што е лавиринт од комплексни идеи печени за индивидуална интерпретација, сепак, силата на “Адваитските композиции” е аудиоволшепството.

Кога нежниот женски вокал ќе почне да “мантра” на Addis ништо чудно Сиснерос и Амос, всушност, да фрлаат магии. Којзнае, сè бива, но за мене доволно силен магнет беше гласот од неименуваната пејачка која молитвено беседи на подлога од гитарски фрагменти, нискотонски чело-хармонии и скица од пијано. Со ваквиот вовед, како и со православниот иконски стил на каверот, што го практикуваат од Pilgramage наваму, OM го запечатува заклучокот дека жанровските класификации, како стоунер-психо-дум-метал, им се ирелевантни. Тие, најпросто кажано, создаваат музика. А во неа, без сомнение, има хеви-тенденции, и покрај тоа што нивното присутво е сведено само на сенка од титанските почетоци на првите два диска и на избледено сновидение ако се спореди со дискографијата на Sleep. На Advaitic Songs, ова плашило е најгласно на State of Non-Return. Со грув импресивен и бавен како тупотење на аргентиносаурус, оваа нумера отпрвин на свој грб ја носат тектонскиот бас-риф на Сиснерос и чекан-ударот на Амос, а во последната третина еволуира во збир од кршливи оркестрации.

Јасно ми е, претерувам со описиве. Делувам комично неинтелектуално, ама долгото вртење во драстично различно опкружување – во црна темница и во седум сабајле спуштајќи се по олимписката патека – слушањето на Advaitic Songs го издигнува до ниво на доживување што секогаш раѓа поинакви плодови. И уште поважно – никогаш не е рутина. Таа слика добива најживописни контури на третата нумера, Gethsemane, гравитацискиот центар на материјалот. Стартува со интеракција меѓу разиграните, скоро џез-солаџиски тапани на Амос, придушените четири жици на Сиснерос, кои што копаат низ стомак и репетитивната мелодија на виолончело, која внесува меланхолија. Кулиминира со едноставно везење на бас (така го перцепирам, можеби грешам) со блискоисточен призвук. Тој господари низ целото течение, но врвот го достигнува на Sinai и на Haqq al-Yaqin. Првата трпеливо оживува со винил-снимка од молитва, пред да скокне во питома река од синтизајзер, рудиментарни бас и тапани и одѕвонувачки чело-лид. Втората ја заокружува колекцијата како во храм, ритуалистички, со штур, но делотворен распон на инструменти и мигови на византиско, црковно, пеење.

Со овој завршеток се нагласува сложеноста, повеќезначноста, длабината на цедето. Од најлаичка гледна точка, фундамент на адваитизмот е концептот за недвојство. Два-три клика ме доведоа до откритиево кое само пливка по површината на океанот од теми, прашања и идеи што ја преплавуваат плочата. Во зависност кој како (и дали и колку) милува, може да нурнува во нејзината масивна филозофско-религиозна-спиритуална површина. Доколку, пак, немате таков интерес, тука е музичката страна на изданието, во која што можете да пливате краул, градно, грбно, синхронизирано, а и да играте ватерполо со своите емоции. Ова богатство од потенцијални начини на кои што може да се густира, го прави секое засебно преслушувањето на албумот уникатно искуство, а не само уште едно механичко претрчување низ неколку песни сврзани во низа. Со тоа Advaitic Songs го освојува престолот во дискографското царство на OM и влегува во најтесен избор за најдобра плоча годинава. Недвосмислено.

Оцена: 95/100

Артист: OM
Албум: Advaitic Songs
Датум на објава: 24 јули 2012
Продуцент: Џеј Пеличи
Издавач: Drag City

Листа на песни:
1. Addis – 5:32
2. State of Non-Return – 6:05
3. Gethsemane – 10:23
4. Sinai – 10:19
5. Haqq al-Yaqin – 11:24

Слични написи

Остави коментар