Како повторно го открив цедето

Илјадници години еволуција (или најтазе шемаџискиот интелигентен дизајн), а човекот пак е роб окован за навиките. Тие се менуваат, нераздвојноста од нив е константа. Раѓајќи се, развивајќи се и изумирајќи, овие бескрајни кругови на зависноста, свесно или незабележително, го контролираат мнозинскиот пакет на нашите животи. Тешко оти тоа ќе го признаеме, сепак, најслатка ни е лагата дека сме слободни, ама ако сме опуштено реални, ќе воочиме дека обичаите ни се најверните придружници – од пиење, пушење и спортување до бркање пари, млатење време и работа од девет до пет. Освен, нели, ако сте Беар Грилс. Тоа што не сум, ич не ме фрустрира. Едни навики си сакам, други не мирисам, трети на минување ги поднесувам, ама најбитно, уживам по своите принципи за ќеифосување. Можете да ми ја замислите збунетата фаца кога ми светна дека, поради автоматското скокање во современиот, дигитален, интернет, емпетри, воз, сум си го скусувал задоволството при слушањето музика.

А ниту престанав да купувам дискови, ниту дозволив солидниот аудиосистем, што си го обезбедив по дисциплинирано штедење, да фати планински масив прашина. Море, ако сега се навратам, ќе сфатам дека дивиди-плеерот ми служеше да ми ја излитува магичната крпа. Звучниците и рисиверот, не. Тие ги врзав за десктоп компјутерот и ги користев како негов разглас. Не можам да се сетам на мигот и причината поради која од улични другари со компакт дисковите станавме маалски познаници. Се гледавме со пристојна рутина. Нередовно, оти врз музичките продавници беше извршен геноцид, а тие што некако преживуваа, тоа го правеа дистрибуирајќи игри за PlayStation и Xbox. Или билети за турбофолк. Бендовските штандови станаа единствено место за чекање, но по конвертирањето во FLAC (па во mp3) и складирањето во хард-диск-магацинот, комуникацијата меѓу мене и пластиката полна креација завршуваше. Сè до пред некој месец.

Убеден дека две-три недели нуркам во океанот на истенчениот звук на Meshuggah, ми дојде просветление дека, во најдобра рака, плутам со душек на површината. Лаптоп со просечна саунд-картичка, каков што повеќето имаме, без разлика на слушалките, не врши работа. Ова е епско кажување на очигледното, каков што беше и моментот кога заклучив дека решението ми е пред нос – режење. Пред десет и кусур години, штом си го зедовме клучот од музичкиот интернет-трезор, пржењето дискови бргу се разви во една од насушните, а за некого и профитабилни, навики. Дојде ADSL и сè прејде во облаците на компјутерската меморија. Така, во необјаснива секунда, се редефинира и начинот на кој што слушам(е) албуми и песни. Се престроивме во колоната на лесната достапност. Ритуалот на откривање во списанија, купување во продавници, ставање во плеер, седнување и посветување на звучните дела се сведе на еден, единствен, клик. Не ја мрчам технологијата, благодарен сум ѝ, но нејзината механика е зашеметувачка.

Следејќи ја по дифолт, заборавив дека од целосно доживување на лонгплеј-издание, а најчесто такви вртам, ретко синглови, ме дели еден празен Verbatim од 700 мегабајти. Техничката разлика меѓу слушањето емпетројки и дискови се мери во многу килобити во секунда, а искуствената, е еднаква на тон ментални патувања во минута. Откако на ова се сетив, не го смачкав смартфонот и не ги пеплосав лаптопот и хард-дисковите. Тие сè уште ми се неразделни од репертоарот на секојдневието – кога се пентарам до врв на Водно, кога се казнувам шетајќи низ центарот на Скопје, кога лакомо сакам да ѕирнам како звучи одреден нов бенд или што зготвил некој од омилените. Финтата е што сега потпишав договор со себеси дека на што повеќе албуми ќе им овозможам фер услови за воопшто да имаат шанса да ја добијат битката за наклоност на мој, домашен, терен. Тоа значи оти ќе продолжам да рипувам сè што ќе купам, особено македонско. Пристоен дел од остатокот што ќе го набавам во кецови и компири, ќе го горам на кружни парчиња пластика и ќе го дегустирам трпеливо. Ако веќе го позајмувам од уметниците, ќе им покажам почит одвојувајќи им некој час непрекинато внимание неделно. Океј де, ќе си се занесувам дека тоа го правам од обѕир, наместо за лично задоволување на потребата од аудиодрога.

Слични написи

Остави коментар