22/10/2017

Baroness: Не можеме сите да бидеме AC\DC

Постирано на 30/07/2012 од во Интервју

По Mastodon, кои лани скокнаа од слаџ-металскиот кораб во хард-рокерското кајче, многумината се понадеваа дека нивните втори братучеди, Baroness, ќе продолжат со серијата мочурливо мрсни и напредни плочи почната со дебито Red Album. Наместо тоа, го добија Yellow & Green, каде што тензијата поради кондензацијата на барата е заменета со широкограда мелодичност. Шокот е делумно разбирлив иако знаците дека не се банда што планира да решава иста равенка, без разлика колку во тоа се успешни, групата ги покажа уште со преминот од разорните First и Second ЕП-a во значително поизостреното лонгплеј деби. Со Blue Record оваа тенденција беше јасно нагласена, а на следбеникот му беше препуштено да ја детонира.

Бројките на вагата велат дека третото студиско издание на Baroness е доминантно позитивно прифатено. Фуснота им е посветена на и не така малиот број медиуми и индивидуи што или непотребно надувано го фалат материјалот или, пак, емотивно инспирирани, му фрлаат анатеми. Несомнено, Yellow & Green речиси целосно ја брише сликата за составот што кршеше кичми во годините по основањето во 2003, но речиси една деценија оттогаш тој не постои – и фактички и меѓу редови. Од самиот старт, во групата се останати само Џон Даер Бејзли (гитара, вокал и артворк-генијалец) и Ален Бикл (тапани). Во 2008 на секира им се приклучи Пит Адамс, а пред неколку месеци во поставата е и басистот Мет Маџиони.

Во изминувањето на скоро цела декада, пак, се крие причината зошто Baroness денес е сосема нов бенд – членовите се постари. Бејзли тоа го нагласи во повеќе разговори пред објавата на двојниот диск, укажувајќи дека групата отсекогаш била и во иднина ќе биде сконцентрирана на промената, не на стагнацијата. За нив, таа еволуција звучи баш како Yellow & Green. Тоа го потврдува и Пит Адамс, со кого разменив мислења преку е-маил. Гитаристот истакнува дека перцепцијата на новиот материјал на составот, а и на музиката генерално, може да биде само субјективна – и од страна на авторите и од гледна точка на слушателите. За него, најважно е тие да се предизвикуваат себеси оти ако не го прават тоа, нештата ќе се таложат и ќе станат застојани и здодевни.

Во зависност кога ќе го читаш ова, Baroness веќе ќе бидат на турнеја, веројатно некаде во Европа. Никогаш не сте се штеделе од патувања и од свирење во живо со екстремно ниво на посветеност. Каква цена плати бендот за ова?
Пит Адамс: Никаква, освен ако поминувањето извонредно многу време со семејството и со пријателите се смета за плаќање цена.

Знам дека е само фин ПР-текст, но биографијата напишана од вашиот менаџмент, QPrime, завршува со реченица што совршено се вклопува со Baroness. Таа гласи: Ќе продолжите да одите на турнеи додека веќе нема да има каде да се свири. Што направивте за да не ви се смачи од скитање и лајв-настапи?
– Мораш да наоѓаш начини со кои што ќе направиш да ти биде интересно и мораш да сакаш да свириш музика. Тоа е основно. Ако немаш екстремна страст за музиката што ја свириш, одењето на турнеи ќе ти биде значително потешко.

Актуелната низа свирки доаѓа по објавата на Yellow & Green, албумот со кој што го превземате најголемиот ризик во кариерата. Хеви-влијанијата сè уште се тука, но јасно е дека албумот ги прикажува Baroness во најомекнато светло уште од зачетоците. Што е најтешко кога ова го пренесувате на сцена?
– Мораш да нè гледаш во живо. Песните навистина добро легнуваат на бина и воопшто не е тешко да им направиме “трансфер” од едно во друго опкружување. Тие, всушност, прилично фино се вклопуваат со постарите песни, но во лајв-амбиент звучат потешко.

Ставен во контекст со претходниците, Yellow & Green е остварување со најголем потенцијал за создавање разидување и меѓу критиката и меѓу обожавателите, но реакциите досега се доминантно позитивни. Изненаден ли си – се подготвуваше ли за распарчување?
– Да ти кажам право, бев подготвен на најлошото. На тој начин не постоеа неиздржани очекувања. Меѓутоа, искрено, ич не ми чуе за туѓите мислења за музиката што ја пишувам. Субјективно е. Возбуден сум поради позитивниот фидбек. Навистина е феноменално, но на крајот на денот, тоа нема да нè обликува или да нè натера да го правиме тоа што некој друг го сака.

Доколку пишувавме хит-поп-песни за девојки и за љубов ќе беше тешко да се внесе хеви-моментот. Ама хеви не е само купот продукција. Тоа е и стихот, рифот, тапаните.

Споредено со Blue Record, Red Album и особено со First и Second ЕП-изданијата, Yellow & Green звучи повеќе како материјал роден во студио, отколку во комбе. Како влијаеа поголемиот степен на ресурси и време – бевте ли за неколку нивоа посамосвесни додека пишувавте?
– Целиот албум го создадовме уште пред да влеземе во студио. Времето минато без турнеи нè направи порелаксирани и сосема сигурно одигра улога. Ама, самосвени? Ниту најмалку.

И претходно користевте пијано, но истакнатото присуство на клавијатури ме изненади најпријатно, најмногу поради чувството на прог-рок од 70-тите години што го внесува во Yellow & Green. Која беше референтната точка штом одлучивте на синтисајзерите да им дадете поголема улога?
– За секоја песна што ја креиравме, паузиравме и се прашувавме: Што ѝ е потребно на оваа композиција? Така, доколку почувствувавме потреба од клавијатури кои што ќе внесат текстура, тогаш супер, ги вклучувавме. Сепак, сите нумери на албумот беа комплетирани и без дополнителните елементи.

Вториот аспект што најсилно ме удри беа рефрените. Тие се дел и се големи и на постарите албуми, но на Yellow & Green се, отворено кажано, огромни. Некои дури би рекле и оти се направени за стадиони. Од каде црпевте сила за да немате страв да зачекорите по оваа патека?
– Ние сме музичари, да се плашиме да направиме нешто би било ковање на шајка во сопствениот ковчег. Мораме да се предизвикуваме себеси. Ако не го правиме тоа, нештата ќе почнат да се таложат и да стануваат застојани и здодевни. Најлесниот пат е да се повторуваш. За некои функционира, но не можеме сите да бидеме AC/DC.

Кога метал-бендовите, конкретно тие со голем број андерграунд следбеници, ќе се престројат во помеката лента, нападите се брутални. Од друга страна, артистите кои ова го избираат, велат дека за хеви-елементот сè уште има место во нивниот израз. Како би го опишал ова лице на Yellow & Green?
– Сè уште е присутно во тапаните и во гитарите. Нашиот тапанар, Ален, е звер и удира пеколно силно. Дојди да нè гледаш во живо и ќе ти стане јасно. Исто така, се работи и за пристап. Доколку пишувавме хит-поп-песни за девојки и за љубов ќе беше тешко да се внесе хеви-моментот. Ама хеви не е само купот продукција. Тоа е и стихот, рифот, тапаните.

Возбуден сум поради позитивниот фидбек. Навистина е феноменално, но на крајот на денот, тоа нема да нè обликува или да нè натера да го правиме тоа што некој друг го сака.

Новиот албум на Baroness дебитира на 30 место на Billboard 200, што е најдобар резултат во историјата на вашиот издавач, Relapse Records. Каков е твојот став во врска со приказната “успех контра креативна слобода” – како би можело тоа да се оствари во денешната музичка рамка?
– Мораш да ги имаш вистинските луѓе во твојот тим. Ако со тебе работат личности кои што веруваат во твојата музика, но и во тебе како човек, тогаш си на вистинскиот пат. Секој бенд има различни потреби и желби. Сите некако тоа го забораваат и претпоставуваат дека секоја група сака само пари, слава или нешто слично. Затоа, ако не си искрен со себеси, како и во својата музиката, срањето набргу ќе замириса.

Скокот од Blue Record не е толку драстичен колку што некои тврдат, но нема дилема дека со Yellow & Green се коцкавте со сè што претходно изградивте. Според мене, тоа го изведовте елегантно и успеавте, меѓутоа, многумина не се согласуваат. Какви можности се надеваш дека новиот албум ќе отвори за Baroness во поблиската и подалечна иднина?
– Да бидам искрен, не знам и за тоа некако и не размислувам. Можеби другите во бендот тоа го прават, но јас не. Само сакам да се движам напред. Не сакам да пливам во место. Се надевам дека со нашата музика ќе допреме до што поголем дел од светот. Тоа е прилично фантастична авантура.

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>