19/08/2018

Синглтека: Katatonia – Dead Letters

Постирано на 22/06/2012 од во Музика, Синглтека

Возот на Katatonia го фатив релативно доцна, со The Great Cold Distance. Оттогаш ги слушам со опсесивен интензитет, ама уште не можам да им се изначудам на колку измазнет, вешт, природен, начин еволуираа од пионери на дет-дум-жанрот во џедаи на мрачниот, меланхоличен и нагонски мелодичен метал (или хеви-рок со прог-примеси, сеедно). Таа восхитеност продолжува и со Dead Letters, првата песна што составот ја претстави од Dead End Kings, деветтиот студиски албум што ќе излезе на 27 август.

Првата асоцијација што Dead Letters ја буди е Tool и нивното придушено риф-џагање, но ниту американскиот бенд е уникат во таа практика, ниту, пак, Katatonia првпат си жонглираат со такво аранжирање и изведба. Настрана тоа, песната е набиена рокачина налик помрсните траки од претходните две изданија, можеби дури и за некое скалило постегната. Јонас Ренске, најшефовски, брилијира со фрази нејасни, откинати и глас славејски, морничав. Суперинтеракција со гитарите имаат клавијатурите и тапаните, кои што наизменично ја раскостуваат и спојуваат нумерата (дупли бас за победа).

Katatonia околу 15 години си го тераат омекнатиот, антибрутален, филм што е целосна спротивност од нивните сурови почетоци, што невоздржано се слуша и во секое делче од нумерата промовирана неделава. Композицијата не заскитува далеку од формулата од претходните неколку изданија. И воопшто не мора да го прави тоа, ако се знае дека бендот со нив држи бесплатни семинари по креативна конзистентност. Со Dead Letters тие не застануваат, туку со познати трикови, самоуверено грабаат напред.

Оцена: 93/100

Артист: Katatonia
Сингл: Dead Letters
Датум на објава: 20 јуни 2012
Издавач: Peaceville

Тагови: , , , ,

One Response to “Синглтека: Katatonia – Dead Letters”

  1. Elena 22 јуни 2012 at 14:36 #

    риф-џагање is THE word!


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>