Prometheus: Ридлиевиот Франкенштајн

Соочени со судбината секогаш да немаат доволно или да имаат малку, логично е што луѓето од нашиве заразно харизматични простори толку големо значење ѝ даваат на онаа старата: Не ги пуштај нозете подолго од чергата. Многумина овие зборови брзо ги отпишуваат како современо нерелевантен Марко-Цепенков-фолклор. Доволно е едно прелетување со очи над сегашноста и во истиот миг станува јасно дека од значењето на поговорката е откинато незначително парче вистина. Не само кај нас, таа е хируршки прецизно објаснување за економските маки од кои што светот се тетерави последниве неколку години. А сепак, иако во нејзиниот гравитациски центар е односот кон парите во споредба колку ги имаме или немаме, фразата е исто толку погодна и за речиси сè останато во животот, особено за уметноста. Токму таа наједноставно го отелотворува моето доживување на новиот филм на режисерот Ридли Скот, Prometheus.

Како и најголем дел од милионите наркомани по научна-фантастика, се напалив како млад бабун во пубертетски вознес веднаш штом го изгледав трејлерот. Нужната доза скептицизам набргу ми се вовлече под кожа, што потоа се покажа како оправдана, ама немаше шанси да ја намали возбудата при исчекувањето на премиерата. Порано, кога очекувањата од филмови, книги, албуми и концерти ги кревав дури до планетарната орбита, без разлика дали степенот на разочарување беше безначаен или екстремен, реакцијата беше иста – паѓање на спејс шатл по откажување на моторите. Минусот си беше минус, не е важно колку сум го засинил со постојаното движење на пенкалото. Денес, таквите чисти емотивни огорчености ми се ретки, речиси исто колку што ми се чести и нелогичните одобрувања како искрен обожавател на нечије творештво. Тоа што сум фан на чичко Ридли направи полесно да ја најдам убавината во исполнетиот со слабости Prometheus, но дури и да не го сакав поголемиот дел од кинематографијата на Скот, лесно ќе заклучев дека овој наслов е далеку повеќе успех, отколку дебакл.

[quote style=”boxed”]Настојувањето на проникливост, наместо на животинско преплашување до коска, почнува одлично со самиот наслов, што е и име на бродот кој што главните јунаци ги носи на истражувачка авантура далеку од Земјата[/quote]

Со оглед на комплексноста на заплетот, оттука натаму следува откривање детали од дејствието, народски наречени спојлери. Познато е дека најсвежото остварување го враќа Скот назад во раната фаза од неговата кариера, меѓутоа, ова е дело што во себе ја содржи само буквата “п” од приквел на Alien (1979). Режисерот е потполно во право кога вели дека филмот “на некој начин, содржи нишки од ДНК на ‘Осмиот патник‘”, а, всушност, истражува свои, поинакви, идеи и митологија. Тука пука тиквата кај тие што очекуваа врвно достигнување на седмата уметност налик на тоа од пред три децении. Искрено, во култниот класик отсекогаш сум гледал хорор-ремек-дело, но направено крајно американски, односно според нивното, а не европското сфаќање на што смее да добие ваква грандиозна класификација. Изданието од минатиот век допираше теми како изолацијата, самотијата, хуманоста и прималноста, ама гледано со студени очи, најпрво беше филм за криење под ќебе отколку за продирање во најдлабоките тајни на битисувањето. Спротивно, Prometheus е таков проект и токму тој обид за обработка на претерано сложени теми е куршум со којшто Скот спектакуларно си пука во колено.

Настојувањето на проникливост, наместо на животинско преплашување до коска, почнува одлично со самиот наслов, што е и име на бродот кој што главните јунаци ги носи на истражувачка авантура далеку од Земјата. Во пишувањето на авторот Вилијам Хансен, Прометеј е титан, херој на културата и илузионистички лик во старогрчката митологија кој го направил човекот од глина и го украл огнот за луѓето да го користат, чин што го овозможил напредокот и цивилизацијата. Во западната класична традиција, тој го симболизира тежнеењето, особено потрагата по научно знаење и ризикот од претерување и непланирани последици. Во римската ера, тој бил отелотворение на осамениот гениј чии напори за подобрување на човековото постоење, исто така, може да резултираат со трагедија. На романот “Франкенштајн”, Мери Шели не попусто му го дала поднасловот “Модерниот Прометеј”. Кога е во прашање неговиот нов филм, сите овие класификации употребени за грчкиот титан, секако, не до тој степен драматично, важат и за Ридли Скот и конкретно за сценаристите Џон Спаитс и Дејмон Линделоф.

[quote style=”boxed”]Идеите што ги претставува и прашањата што ги поставува се навистина интригантни, но текстот пречесто оди во правци што само ги зачнува, а не ги заокружува[/quote]

Свесно или ненамерно, тие ги градат темелите на сторијата врз основа на творештвото на Ерих Фон Деникен, попрецизно, на книгата Chariots of the Gods?. Во неа, авторот од Швајцарија поставува хипотеза дека древните цивилизации ги добиле технологиите и религиите од вонземски астронаути кои биле пречекани како богови. Ликот на Рапаче, археологот Елизабет Шо, во Prometheus верува во истото, а тоа го базира на откритија што ги поврзуваат цивилизациите на Маите, Египќаните, Фениќаните и кои уште не и покрај тоа што тие никогаш немале допир едни со други. Нејзина цел е да ги пронајде творците, кои таа ги нарекува “инженери”, а во тоа ѝ помага трилионер кој ќе направи сè за да ја победи смртта.

Создавајќи алузии на многу вистински локации, меѓу кои се и пештерата во Шове, Франција и линиите во Наска, Перу, Спаитс и Линделоф цапаат побаеги длабоко во калта на научно-филозофската замрсеност како што филмот се движи кон крајот. Тука пуштањето на нозете подолго од чергата од поговорка се претвора во чиста вистина. Идеите што ги претставува и прашањата што ги поставува се навистина интригантни, но текстот пречесто оди во правци што само ги зачнува, а не ги заокружува. Тоа не е неподносливо до степен на смрдежот на Дрисла, меѓутоа, на моменти, чиј број Скот не би смеел да си го дозволи, буди силен мирис на непријатност. За среќа, ситуацијата ја спасуваат и во солидна позитива ја пренасочуваат глумата на најистурените актери и неоспорниот визуелен спектакл – што компјутерски, што реален.

Мајкл Фасбендер како андроидот Дејвид е оскаровски спектакуларен, Рапаче делумно му се приближува, тука негде е и Шарлиз Терон како студена слика за корпорациите, а одличен е и Идриз Елба како каубојскиот капетан со херојско срце. Технички гледано, само маската на старецот Гај Пирс е промашување, а од речиси сè останато паѓањето на вилицата е гаранција, наместо само можност. Стартувајќи од сивкасто-црната боја, на која ѝ контрира само магично сјајниот ентериер на “Прометеј”, преку компјутерски генерираните позадини и акциски сцени (епски поздрав за другарчињата од скопската fx3x), до дизајнот на Артур Маркс, што е доволно близок, но не го копира Х.Р. Гајгер, потписник и добитник на златна статуетка за првиот филм од пред 33 години. На овој богат авантуристички спектакл за очи и стомак се надоврзува и Марк Стрејтенфелд, со оркестрална музика со ист степен на возбудливост, драма, чувства, интелигенција и подеми и падови. Сето ова ја сочинува смесата од која што е направен Prometheus. Тоа што е несовршен, но тежнее кон нешто поголемо, подлабоко, дури и понедостижно, ми кажува дека го создале луѓе од крв и месо, а не од глина што перфектно се моделира. Затоа и ќе му се радувам на патешествието на кое што ме одведе, наместо да тажам што тоа не беше комплетно прометејско.

Оцена: 78/100

Наслов: Prometheus [“Прометеј”, официјален превод]
Премиера: 1 јуни 2012 (Лондон) / 8 јуни 2012 (Скопје)
Режија: Ридли Скот
Улоги: Нооми Рапаче, Мајкл Фасбендер, Гај Пирс
Продуценти: Ридли Скот, Дејвид Гилер, Волтер Хил
Сценарио: Џон Спаитс и Дејмон Линделоф
Музика: Марк Стрејтенфелд
Студио: Scott Free & Brandywine
Дистрибуција: 20th Century Fox

Слични написи

Остави коментар