High on Fire – De Vermis Mysteriis [E1, 2012]

Се понадевав, ама бев свесен оти нема да бидам првиот што ќе напише дека Мет Пајк е најголемиот жив металец што моментно гази на планетава. Не Велик, како имењакот ми или како Петар, ами џиновски по процентот металоцити (нешто како еритроцити, но за хедбенгери) во неговата во облак од марихуана напафкана крв. Тој заклучок ми се навести уште кога првпат, со мало задоцнување, го открив Surrounded by Thieves, а се избиструваше екстремно со секој од следбениците – Blessed Black Wings, Death Is This Communion и Snakes for the Divine. Верувам дека и членовите на High on Fire се тука негде по степенот на метализам, но неприкосновениот лидер на бендот, кој е еден вид полубог на стоунер-сцената (основач е на Sleep, нели), дишe, јаде и прди железо. Не е Леми, ама од поновата генерација тешко дека постои попосветен металец од овој 40-годишен гитарист, вокалист и автор од Денвер. Да беше поинаку, бендот немаше, под негова палка, којзнае којпат по ред, пак да издаде фантастичен албум.

А De Vermis Mysteriis не е ништо помалку од непобитен метал-триумф. По контурите, ова е музика каменосана од ганџа. Во утробата, пак, има и слаџ и класичен хеви-звук, што се речиси врамнотежени подеднакво, а за вкус е напрскан и апокалиптичен дум. Всушност, ако мене некој ме прашува, (за среќа, никој не го прави тоа), High on Fire се најпрво хевиметал-бенд, потоа слаџ, па стоунер и на крај – дум. Ова натегнуваше во обратна насока на стартните изданија, но на поновите, групата е како Iron Maiden на 21 век. Snakes for the Divine повеќе беше ѓаволски бесна трешерица и спидерица, наместо бавна влечуга. И новата, шеста по ред, плоча, во првата половина е речиси исто толку напиздена и брза. Цедето го отвора трилогија од електрична акција во вид на Serums of Liao, Bloody Knuckles и Fertile Green. Со Madness of an Architect филмот еволуира во споровозна европска драма од која досадата е исечена со долга рифовска рачна пила. Инструменталката Samsara, пак, снима далечноисточни медитативни кадри.

Наведените жанрови не значат и дека последното цеде на триото е кинематографски претенциозно. Нема благе везе со пување околу “камера и фотографија” освен ако за тоа не се смета и живеењето, а не само влегувањето, во метал-филм на членовите на составот. Неговата лента продолжува да се врти со тркачка брзина и на Spiritual Rites, која има и панкерско рокерска нитка налик на Motörhead. По неа, албумот се шалта зад жолтата линија, во лентата за шлепери и со квартет од титански спори нумери им враќа на почетните три изблици на фуриозност. Тука предничи глава-боли-рифот на King of Days , кој преоѓа во морничаво успешно меѓусебно соло-дриблање на гитаристот Пајк и дисторзираниот бас на Џеф Мец. Гледано драмски, оваа песна е кулминацијата на албумот, а по неа расплетот се одмотува на сличен, гасеничарски, начин со De Vermis Mysteriis, Romulus and Remus и Warhorn.

Уште при првото слушање како целина, не расцепкано, се забележува дека се работи за издание со креативни, свирачки и емотивни грандиозни размери, а голем удел тоа да се долови има продукцијата на Курт Балоу од Converge. Композициите ги изведуваат три музичаришта чиј звук е посиполнет отколку некои петорки или оркестри, а манијакот-тонец од хардкор-легендите тоа го фатил на својата снимачка јадица. Сè е снимено на место, но најмераклиски е дисторзираниот бас, што ровари како багер низ стомак иако е јасно дека гитарата е ѕвезда во групата. Таму, кон високите црни простори што не се дофаќаат со рака, туку со ум, Мет Пајк цели и со стиховите. Веројатно најзамрсени во неговата кариера, тие допираат теми како окултизам, религија, хорор и патување низ времето. Врзани се во концепт со наслов инспириран од фиктивната книга со магија на Роберт Блох (автор на “Психо”). Интелигентно-забеганата текстуална авантура не е пресудна за да се доживее убоитоста на De Vermis Mysteriis. За тоа тука е музиката. High on Fire ја смислиле како најприкладниот саундтрак на епската пустоловина во откривањето на мистериите на црвот или на други, индивидуално режирани, исто толку јуначки, подвизи во универзумот на фантазијата. А можеби и на реалноста.

Оцена: 92/100

Артист: High on Fire
Албум: De Vermis Mysteriis
Датум на објава: 3 април 2012
Продуцент: Курт Балоу
Издавач: E1 Music

Листа на песни:
1. Serums of Liao – 6:01
2. Bloody Knuckles – 4:16
3. Fertile Green – 4:45
4. Madness of an Architect – 6:57
5. Samsara – 3:42
6. Spiritual Rites – 5:08
7. King of Days – 7:09
8. De Vermis Mysteriis – 3:50
9. Romulus and Remus – 5:04
10. Warhorn – 5:27

Слични написи

Остави коментар