19/08/2018

Gojira – L’Enfant Sauvage [Roadrunner, 2012]

Постирано на 29/06/2012 од во Албуми, Музика

Во елитните уметнички кружоци, кои што ноќе, на свеќи, “контемплираат концепти и редефинираат дискурси”, споменување на Франсоа Трифо во иста реченица со метал гарант се смета за врховно сквернавење. Интелектуалноста на францускиот филмски гениј, едноставно, нема причина да се гнаси со грубоста на бучниот музички жанр. И обратно, во високите комисии на хеви-сцената веројатно се убедени дека инстинктот на правецот не треба да се припитомува со вештачки шифрираната комуникација на европските кинематографски автори. Сонародниците на влијателниот режисер, метал-четворката Gojira, овие предрасуди фраерски ги игнорираат со новиот студиски албум. Не само со насловот, L’Enfant Sauvage, што го дели името на класикот од 1970 година, туку и со побратимските теми на двете остварувања.

Не сум го гледал, ама бурчкајќи по катакомбите на интернетот заклучив дека судирот меѓу благородниот дивјак и западниот сув рационализам е динамото што во филмот придвижува стари, огромни, битки како: емотивната субјективност против научната објективност, природата против одгледувањето, општеството против поединецот. Со композиторскиот пристап, продукцијата, позицијата во дискографијата и ставот што го завзема во поширокиот метал-контекст L’Enfant Sauvage ги обединува овие прашања. И покрај тоа што обвиткуваат масивен, распрскан, принос на области, во нивната јатка е слободата. Поглаварот на составот, Џо Дуплантие, открива дека плочата се осврнува токму на таа велика идеја. Тој вели дека со слободата доаѓа и одговорноста, што го натерало да се запраша што, всушност, е таа и што за него претставува. Гитарскиот виртуоз истакнува дека оваа дилема нема разврска, туку само живот и прашања.

Очекувам дека петтото издание ќе предизвика цунами од спротивставени реакции и жолчни дискусии најмногу како резултат на аранжерската економичност, поради која ова е најслушливата, најкомпактната и најпрочистената збирка на квартетот. Без гајле, Gojira не дееволуирале во кичести поп-металци. Албумот сече како катана, ротира како шурикен и е цврст како самурајски оклоп. Јапонија не ја навестувам за џабе. Браќата Дуплантие и нивните двајца соборци на L’Enfant Sauvage свират како мајстори по боречки вештини со непоколеблива решеност тоа да не го рекламираат како да е панаѓурски спектакл. Како и народот од земјата на изгрејсонцето – си работи напорно и не дига џева. Во овој аспект, “Дивото дете” е порудиментарен, помалку спастичен, понезаплеткан од пресвртниот From Mars to Sirius (2005) и хендикепираниот The Way of All Flesh (2008), ама е пофокусиран, поударен и значително помелодичен.

За бенд што егзистира во восхитувачкото, но воглавно катанаџо-досадно техничко метал-опкружување, Gojira отсекогаш имале грув. На L’Enfant Sauvage тој е издигнат на пиедестал. И покрај тоа што е нераскинлив дел од жанрот уште кога Тони Јоми зар’жа со риф на Iron Man, солиден број наслушани фанови на правецот бегаат од овој елемент бидејќи тој најчесто влече публика со вродената заразност. Мераклиски е да се чуе како француската четворка, смело, уште од првата, катрански леплива, џиновски груверска, трака Explosia, демонстрира дека го направила тој опасен исчекор. Со неа ни се укажува дека ако некогаш бендот експлодира надвор од подземјето тоа ќе биде токму со оваа лонплејка. А дека сè не е исклучиво грув појаснува гитарчето со питомо дисторзииче на четвртата минута, што ја уфрлува песната во центрифугално, забавено, хедбенгинг-финале.

Отворањето на албумот открива и дека Gojira овој пат се одлучиле за покабаст звук. Тоа го нагласува и онака крупниот збир создаден од аранжерските решенија, особено од врската рифови-тапани на браќата Дуплантие. Нивната интеракција во насловната трака делува како детска игра – припитоменоста во стиховите детонира во рефренот и во средината како што играчката се претвора во плачка. Двојната бас-артилерија што ја бомбардира The Axe е подвлечена од продукцискиот индастриал призвук очигледен од самиот почеток. На хартија, чекоров изненадува. Во пракса, најприродно се вклопува во тек-дет-шемата, како што може и да се чуе во Liquid Fire, на која што бендот го има својот Cynic момент. Тој трае и на медитативната квазиџезерска инструменталка The Wild Healer, за да се распенави во бесната грајндеровка со прог-рок-рефрен и финиш, Planned Obsolescence.

Албумот тргнува и тоа како моќно, ама по двеминутната безгласна одишка, следува уште поразорното второ поглавје. Тука, најпрво, владее триумвиратот сочинет од биомеханичката Mouth of Kala, психотичната The Gift of Guilt и шизофреничната Pain is a Master. Во овие 18 минути е спакуван најубиствениот шаржер чии куршуми се подеднакво распределени со етикети на кои што пишува – дивјаштво и интелект. Бендот притоа не ги користи за со нив да нападне нанадвор, туку ги насочува едни кон други, додека не се истребат со сопствениот барут. Од тој чад се раѓа најмелодичната Born in Winter, а преминот е најелегантно изведената пируета на дискот. Квартетот со неа става до знаење дека поседува талент и за чисто прогерски израз, ослободен од дерење и бластирање. На The Fall, овие два погледа се судираат, што е најсоодветно затворање на музичка целина крвно сврзана со контрадикторноста. Крајниот впечаток, пак, е јасен. Ова не е најиновативната плоча на групата, но е најврамнотежената. На L’Enfant Sauvage, Gojira дозволиле детето во нив малку да созрее од лекциите досега научени во цивилизацијата и го охрабриле да памети дека потекнува од дивината.

Оцена: 88/100

Артист: Gojira
Албум: L’Enfant Sauvage
Датум на објава: 26 јуни 2012
Продуценти: Џо Дуплантие и Џош Вилбур
Издавач: Roadrunner

Листа на песни:
1. Explosia – 6:39
2. L’Enfant Sauvage – 4:17
3. The Axe – 4:34
4. Liquid Fire – 4:17
5. The Wild Healer – 1:48
6. Planned Obsolescence – 4:39
7. Mouth of Kala – 5:51
8. The Gift of Guilt – 5:56
9. Pain is a Master – 5:07
10. Born in Winter – 3:51
11. The Fall – 5:25

Тагови: , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>