20/06/2018

El Doom & the Born Electric – El Doom & the Born Electric [Rune Grammofon, 2012]

Постирано на 13/06/2012 од во Албуми, Музика

За еден хардкор музички обожавател, знаете, онаа ментална состојба со нерационална потреба за товење со стари и нови, популарни и игнорирани, звучни дела, тешко дека ќе се најде позначаен момент од мигот на откритие. Тоа може да биде предвремено, актуелно или задоцнето, одбивно, рамнодушно или исполнувачко, но во било која од овие варијанти не може да биде безначајно. Во таа точка на пронаоѓање се вкрстуваат љубопитноста, очекувањата и чистото задоволување на опсесијата. Разочарувањето е подеднакво можен резултат како и воодушевувањето или индиферентноста, меѓутоа, самото постоење на таа секунда на ископување е фановски празник. El Doom & the Born Electric не ми се личен пронајдок. За тоа морам да му се заблагодарам на месје buka, ама епохалното просветлување дојде во часот кога заклучив дека членовите на оваа норвешка група се инструментални алхемичари кои се забавуваат кога свират.

Додуша, да кажам дека тој миг бил откритие е навреда за интелигенцијата (којзнае, во МЕНСА можеби ме излажале). Станува очигледен штом првата, деветминутна, песна, Fire Don’t Know, ќе го напушти вселенското пристаниште, енергично ќе забрза и ќе се придвижи низ бескрајните космички простори. Јасно ми е, секоја паралела во текст за музика што вклучува зборови како “универзум, летање и бродови” е поизџвакана од доручекот на бивол-преживар, ама на El Doom & the Born Electric ептен им прилега. Составот предводен од Оле Петер Андреасен, во маало викан Ел Дум, ги заштрафува плочките на креативноста за труп изграден од легура најпопуларна во 70-тите години. Костурот на ова летало, а со него, богами, крилја или ворп-погони не се потребни, е излеан од прогресив-рок-материјал типичен за осмата деценија од минатиот век. Тоа е транспортирано во сегашноста со современо стоунерско брмчење и фри-џез-јога.

Андреасен вокалот го употребува во драмски афект каков што се среќава во раната, со Ијан Гилијан овековечена, фаза на Deep Purple и до мал степен кај Led Zeppelin. Духот на првиот од овие два гиганти уште погласно се слуша во хамонд-клавијатурата, што е инструмент со еден од најлесно препознатливите тонови на планетава. Жестокоста на стоунер-рок-рифовите, но овој пат на фуриозна, а не на успорена ритмичка подлога, се забележува на втората трака, It’s Electric. И навистина, објаснувањето е тука, пред нос, изгравирано е во името – таа е наелектризирана. Пустинската бавност што не е крајно непозната за Mastodon, особено во подоцнежната, омекната, форма, како и за Queens of the Stone Age или можеби уште подобро, Kyuss, се слуша насекаде по With Full Force. Попрецизно, вториот, далеку покомерцијален бенд на Џош Хом, е распрскан низ The Hook, композиција, очекувано, со одлична јадица за брзо закачување на слушателот.

Динамиката, речиси во боувиевски театрален стил се потсмирува на The Lights, за пак да се врати на изгнасената од моторно масло груверска и класична хардрок-улица во Subtle Аs А Shithouse. Крајот е резервиран за 11-минутната блузерска рашомонијада наречена Red Flag. Сите овие наведени правци, жанрови и стилови, како и конкретни состави не значат дека целта на норвешкиот бенд е да биде само амалгам од туѓи идеи. На моменти веројатно и премногу прават посвета (намерно го избегнувам “омаж”) на омилените групи и аудиоформи, што е и одредена слабост на материјалот, меѓутоа, во ниту еден момент не губат концентрација и не се претвораат во затскриени тезгари. За креирање дело што можат гордо да го сметаат за своја сопственост, групите не смеат да бегаат од влијанијата, туку треба широкоградо да ги вклучат во авторскиот процес и потоа да ја најдат точката во која што се врамнотежуваат со целосно нивните идеи. El Doom & the Born Electric дошле до тоа откритие, го запечатиле за навек со нагласено живописниот деби-албум и сега можат со мирна глава да го чекаат денот на пропаста. Арно ама, тоа нема да го направат од едноставна причина што не се родени со крв во вените, туку со високонапонска електрична енергија.

Оцена: 88/100

Артист: El Doom & the Born Electric
Албум: El Doom & the Born Electric
Датум на објава: 6 јануари 2012
Продуцент: Оле Петер Андреасен
Издавач: Rune Grammofon

Листа на песни:
1. Fire Don’t Know – 9:35
2. It’s Electric – 7:50
3. With Full Force – 6:16
4. The Hook – 5:57
5. The Lights – 5:49
6. Subtle As A Shithouse – 7:03
7. Red Flag – 11:18

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>