Edo Maajka ‎- Štrajk mozga [Menart, 2012]

Меѓу раперите, односно луѓето кои што искрено, севкупно, се идентификуваат со оваа култура, без разлика дали се изведувачи или само фанови, претпоставувам дека за Edo Maajka не владее високо мислење. Којзнае, можеби грешам, и онака ја фрлам јадицата напразно, врз основа на личната перцепција, а сепак, не ми е лесно да се ослободам од впечатокот дека босанскиот хип-хопер почесто е цел на исмевање, отколку на почит во повлијателните кругови на оваа сцена во Македонија. Кај затвореното, интелектуално, крило на консументи на независната уметност, без разлика на жанрот, рецитаторот од Брчко не поминува оти е недозволиво народски ориентиран. Не ми е логично тоа да е повод за одбивност и меѓу рап-началниците во земјава – попрво дека е комерцијално и медиумски силно експониран – ама мене ниту едното, ниту, пак, другото ме одвраќаат од делата на 33-годишниот лирикалец. Затоа со уживање го вртам Štrajk mozga.

Фрекфенцијата на тоа навраќање не е честа како што беше на Slušaj mater (2002) и No sikiriki (2004). Петтиот студиски албум го прикажува Edo Maajka во малку поширок, делумно дефокусиран, кадар. Не е ова полн погодок што не буди никакви сомнежи, но нема дилема дека станува збор за уште едно издржано поглавје во кариера во која што квалитетот е одамна доминантен термин. Најслаба страна на новата плоча се четирите траки на кои што познатиот балкански ем-си храбро избрал да си игра со дигиталните, квазидабстеп, стерилни ритми. На Panika и Facebook тие и половично функционираат, но на Imaš li ti šta para и Ratata / Moj DJ се банални. Првите две теми од издвоениот квартет се спасени од типично едовски, индивидуалистички, антиполитичарски, збир од рими, а вторите и тука потфрлаат. Фактот дека се сместени последователно, значи дека падот на дискот е сконцентриран некаде на средината.

Овој центар, од почетната и од крајната страна, е опколен со драстично повпечатливи битови и стихови, што осигурува позитивен заклучок по разгледувањето на големата албумска слика. Во делот што ја отвора колекцијата, Diši, Soma tebi, Soma njemu и Šuldigung Sabine без ненадејни искривувања се заковуваат во гредата на паметењето, а тоа уште побрзопотезно се случува со Drukčiji, Džigera beat, Šta će reć и Gube se. Без претерување, оваа четворка е најсилен сегмент од изданието, а нивните ритми и рими ќе си го најдат патот до списокот со најмајсторските во творештвото на босанскиот рапер. На текстуален план, тие, како и остатокот од материјалот, пулсираат со јасен и гласен, препознатлив, социо-економско-политички коментар, остар хумор и дух полн со поттик и покрај вечно депримирачкиот тон на инспирацијата – Балканот. Убедливо најпродорена од нив е: Sedam milijardi, sedam milijardi drukčiji. Sedam milijardi, sedam, a jos nismo naučili. Tek sedam milijardi, sedam, a svi bi kontrolirat. Zemlja strpljivo čeka kad če se asimilirat.

Со најсвежото авторско остварување, славниот хип-хопер тешко дека ќе асимилира сè пред себе, но демонстрира дека има ригидна контрола на квалитетот на тоа што смее, а што не може да се најде на негов албум. Храброста и разбирливата потребата за ризик ископале и долини, меѓутоа, тие се потиснати од врвовите што ги има во поголем број на изненадувачки широкото и високо платно на материјалот. Со траките, потписникот решил да не игра на сигурно и иако дел од чисто дигиталните битови се сувопарни, од нивната спротивна страна удираат, море трескаат, како од заборавена плоча ископани и олд-скул-инспирирани, живописни ритми. Тие се опачина на површниот заклучок оти Edo Maajka на новата плоча станал мрзелив и го пуштил умот на пасење бидејќи така му се може. Напротив, со зборовната креативност зачната во неговиот мозок, тој уште од почетоците штрајкува против епските морони што им дозволуваме на сите да ни го загорчуваат животот. Таков вид протест, никој, освен ние самите, не може да растури.

Оцена: 80/100

Артист: Edo Maajka
Албум: Štrajk Mozga
Датум на објава: 21 април 2012
Продуценти: Billain, Koolade, DJ Goce и други.
Издавач: Menart

Листа на песни:
1. Panika – 3:48
2. Diši (feat. Smak & Željko Pervan) – 4:17
3. Uplaćujem zato – 0:48
4. Soma tebi, soma njemu – 3:38
5. Šuldigung Sabine (feat. Aleksandar Antić) – 4:16
6. Facebook – 3:05
7. Imaš li ti šta para – 3:27
8. Ratata / Moj DJ – 5:43
9. Drukčiji (feat. Kanđžija & Marčelo) – 4:27
10. Džigera beat – 3:25
11. Šta će reć (feat. Arsen Dedić) – 3:30
12. Gube se – 4:25

Слични написи

Остави коментар