20/06/2018

The Avengers: Стрип-филм во блес(к)ава боја

Постирано на 19/05/2012 од во Филм

На почеток, ќе го изметам подот од една можна, а потенцијално клучна, нејаснотија – мамутските американски стрип-издавачи ги редам според следнава важност: Vertigo, DC Comics, Marvel. Првите ги сакам недвосмислено најмногу поради уживањето во улогата на одпадници во меинстримот на оваа култура. Вторите ми прават мерак со храброста пред масовната публика да носат книги како Watchmen. За третите не одгледувам вакви симпатии, но неизмерно ги почитувам за доследноста во стилот, односно во вербата во чудесната страна на стрипот, засекогаш врежана во името на етикетата под која се појавија Spider-Man, Iron Man, Hulk, Captain America, X-Men и безброј други. Разликите меѓу DC и Marvel на хартија и не се екстремни, но пренесени на големото платно, тие отсекогаш се манифестирале како епски судир меѓу мракот и боите.

Во денешнава предапокалиптична ера на студенило и цинизам, темнината (спакувана како “реалност”) значително повеќе се почитува отколку светлината (продавана како “надеж”). Кевин Смит не за џабе рече дека The Dark Night е “Кум 2” на стрип-филмот, а Spiderman 2 не доби такви грандиозни хвалоспеви иако е во самиот врв на листата со најдобро рецензирани дела во овој кинематографски жанр. Или гледано низ призмата на класичната научна-фантастика, Blade Runner и Alien се за на филмска академија, а Star Wars и Star Trek за обичниот плебс. Некој ќе каже дека сум неодлучен, на што ќе одговорам оти сум непрокопсан гик, но на поинаков начин подеднакво уживам во сите шест наброени наслови (седум со капиталниот проект на Френсис Форд Копола), што ме направи бесмислено подложен на магиите фрлени од The Avengers.

Најискрено, се работи за познати волшепства, но по мајсторијата на режисерот Џос Ведон, ми се разјасни дека претходниците само гребеле на нивната површина. Тука, сепак, ќе ги исклучам The Dark Knight и Iron Man зашто за некоја нијанса остануваат поубедливи од “Одмаздници”, ама тоа не го ништи неговиот статус на ремек-дело во музејот на стрип-филмовите. Таа позиција си ја запечатува со вештото премостување на широкиот амбис создаден од спојувањето драстично различни суперхерои во една приказна. Не навлегувајќи премногу во нивната историја, што може да претставува сериозен проблем за тие што не ги гледале засебните остварувања за Iron Man, Thor, Hulk и за Captain America, The Avengers не ги собира на купче со телефонски повик по којшто се однесуваат како големо среќно семејство. За повеќето од нив влечкањето за нос е единствен начин да ја прифатат задачата – тимска работа во битката со главниот негативец Локи.

Нивните несогласувања ја прават борбата со надворешниот непријател, кој буквално не е од Земјата, значително подинамична, почовечка и позабавна. Кормиларот Ведон, кој во мојата книга на впечатоци запиша пет плус поради Firefly и сценариото за X-Men и кој има чиста гиговска крв во своите вени, го води The Avengers како суперхеројски балет. Наместо правење шпаги, лебдење во воздух и фрлање во прегратки, ликовите под негова команда тегнат нозе во меѓусебно претепување, летаат од една на друга зграда гмечејќи вонземјани и си ги штитат грбовите од исконското зло наострено да ја покори нашата планета. Сето тоа се одвива во компјутерски создадени масовни сцени со оперски квалитети и опкружување разработено до најмалиот детаљ. Нагласок на ова дава 3D-форматот што е најимпресивен од сите наслови во оваа техника што досега се прикажани во скопското кино “Милениум”.

Техничкиот дел на The Avengers е, питомо кажано, разорно впечатлив. Очите не само што гледаат како се распарчува Менхетен, туку пред нив се запечатува заклучокот дека суперјунаштвото на стрип-ликовите досега не било претставено волку живописно, така убедливо и толку проклето херојски. Џос Ведон не е Кристофер Нолан, кој го направи Кристијан Бејл морничав низ заби крикајќи I’m Batman. Авторот на телевизиски серии како Buffy the Vampire Slayer и Dollhouse и самиот пишува стрипови, меѓутоа, за него е типичен делумно детскиот и помалку наивниот допир на текстот, цртежот и сликата. Неговите дела не се налик анимираните хитчиња што кон крајот на 80-тите години ги пуштаа во недела по вести, ама и не се сурови како модерниот Мрачен Витез. Во нив сè уште доминира вербата, надежта и сонот дека постојат добродушни заштитници со способности или посебни моќи кои даваат сè од себе ние да спиеме мирно.

Секако, ниту хероите на Ведон не се совршени. Повеќето се его-манијаци со комплекс на богови (некои се токму тоа), но на нивните лица не е врежана мачна гримаса која што наводно ја содржи сета болка на светот во себе. Суперјунаците на овој сценарист, продуцент, писател, режисер и нескриен хипергик се силни, цврсти, посветени, ама и забавни, ведри, едноставно, полни со живот. И најциничните (Iron Man) и најбесните (Hulk) меѓу нив, во светот што Ведон го создал во The Avengers се пријатни на начин што ги прави беспрекорни за ролјата на идоли. Во филмот тоа се чувствува можеби и пренагласено, преотворено, пребесрамно, но ако го исклучиме наметнатиот модерен нагон за “реалистичност” ќе ни светне дека токму истото се случува и на страниците на стриповите. И таму наивната верба во големи идеи, стоичко држење и величествени потези се во јадрото на ѕвездата околу која што ротираат останатите космички тела. Поради оваа наводна детинетост, има такви што со потсмев гледаат кон сите што се воодушевиле од The Avengers. Тие истото и не можеле да го доживеат, оти ги спречиле нивните мрак цвикери за кулоќа, што го блокирале овој стрип-филм со блес(к)ава боја.

Оцена: 92/100

Наслов: The Avengers [“Одмаздници”, официјален превод]
Премиера: 4 мај 2012 (САД) / 11 мај 2012 (Скопје)
Режија: Џос Ведон
Улоги: Роберт Дауни Џуниор, Крис Еванс, Марк Рафало
Продуцент: Кевин Фиџ
Сценарио: Џос Ведон
Според стрипот: The Avengers од Стен Ли и Џек Кирби
Музика: Алан Силвестри
Студио: Marvel

Тагови: , ,

One Response to “The Avengers: Стрип-филм во блес(к)ава боја”

  1. Angelmk 16 септември 2012 at 20:18 #

    Си викам нема да коментирам, али последните две реченици ме испровоцираа до таа мера шо више немаше дека.
    „Поради оваа наводна детинетост, има такви што со потсмев гледаат кон сите што се воодушевиле од The Avengers. Тие истото и не можеле да го доживеат, оти ги спречиле нивните мрак цвикери за кулоќа, што го блокирале овој стрип-филм со блес(к)ава боја.“
    Ја ич не сакам вакви стрип филмови, али ја поштувам посветеноста на гледачите на овие бајки. Не е „Наводна“ детинетоста, туку сеприсутна дури и нападна кај филмовите од овој стил, и кај фановите секако, али све е тоа океј, (скоро) сите си имаме детинестото у нас, кое нема да не напушти никад, само се манифестира у различни форми кај различни луѓе, а ако не напушти, тоа значи нешто ептен сериозно е сјебано. Зборо ми беше, нема врска тука детинестото со несакањето на филмо, тука едноставно идејата на овие стрип филмови не му се допаѓа на некој, тој превише фантастичен елемент, итн итн. Ја пример сакам анимирани долгометражни филмови, а нејќам вакви стрип филмови. Не постојат „мрак цвикери за кулоќа“, туку различна призма на перцепирање на филмовите, а освен тоа, како се мери шо е кул, уствари; има ли мерна единица, кој го спроведува испитувањето? Луѓето кои не го саакат филмот, не биле спречени да не го согледат убаво, не им е поматен умот никако, туку наједноставно не се фанови на вакви филмови. Simple as that. А иначе добра рецензија.


Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>