21/08/2017

Terror: Нашите свирки секогаш ќе бидат хардкор

Постирано на 12/04/2012 од во Интервју

На 20 април во Младинскиот културен центар во Скопје е закажан настан на којшто пред македонската публика за првпат ќе се претстават три актуелни групи од оној дел на хардкор-сцената што правецот го третираат на потежок, похеви, начин. Носечко име меѓу нив е Terror, бенд основан во Лос Анџелес и познат по енергичните изведби на бина. Овој состав моментно е во Европа со Death Before Dishonor и Take Offense, летово ќе го дели водечкото место на турнејата низ САД со Bane, а ќе ги поддржат Naysayer и Rotting Out. Тоа значи дека бендот во период од неколку месеци ќе свири со многу различни групи, што отвора простор за голем број нови искуства и размена на идеи.
– Тоа е листа на состави што ги сакаме. Не само нивната музика, туку и како луѓе. Да имаш можност да свириш со пријатели е прекрасно. Возбудени сме за овие турнеи. Ќе биде забавно – открива Вогел, со кого искомуницирав додека бендот е ангажиран со секојдневните свирки на Стариот континент.
На 24 април ќе излезе No Regrets, No Shame: The Bridge Nine Days, цеде-дивиди што ќе ги прикаже почетоците на Terror. Додека се подготвувало изданието, членовите имале можност да се присеќаваат, дури и да бидат носталгични за минатите времиња, ама Скот вели дека до тоа не дошло бидејќи не биле премногу ангажирани.
– Искрено, единствената работа што требаше да ја завршиме беше да најдеме стари фотки од Terror. Ијан од Blood for Blood дојде во Лос Анџелес пред многу години, имаше една фирма и снимката таму дремеше. Тој ја врати во живот. Дефинитивно ни се навратија многу луди сеќавања – вели фронтменот на групата од Калифорнија.
Споменатото издание вклучува цел концерт од јануари 2003, што значи материјалот стоел неискористен девет години. Секој од членовите засебно, а и самиот состав, со сигурност оттогаш значително се променети. Според Скот, трансформацијата што има најголема тежина е новата постава на Terror.
– Чувствувам дека јас, Ник, Мертин, Дејвид и Џордан ја сочинуваме најдобрата постава што Terror некогаш ја имал. Додека да дојдеме во оваа точка дел од групата беа многу извонредни луѓе, но оваа постава е посебна. Секој од нас созреа, се промени, направи грешки и учеше за себеси преку составот. Го сакам Terror.

ПОДДРШКА НА КОНЦЕРТИТЕ
Насловот на следниот албум на бендот, Live by the Code, е на одреден начин поврзан со менувањето, но на начин што го нагласува значењето на придржувањето до своите принципи. Вогел појаснува дека кодексот на Terror се основа на неколку суштински, клучни, вредности.
– Тие се: поддршка на свирките, купувањето демо-изданија, почитувањето места за концерти наменети за сите возрасти, патувањето до градови каде што се одржуваат настапи, неподлегнувањето на петпарачки интернет-муабети. Недозволување на луѓе да ја користат нашата сцена за нивни придобивки. Помагање на хардкор-клинците кога им е потребна испружена рака. Држењето на нацистите подалеку од нашата сцена. Обезбедувањето гаранции дека жените и помладите момци и девојки се свесни дека ова е и нивна сцена. Почит за бендовите што нè довеле дотука. Такви нешта, пријателе – нагласува пејачот на групата од Лос Анџелес.
Live by the Code ќе излезе две години откако Keepers of the Faith се појави во музичките продавници. Тоа беше прилично жестока плоча, можеби дури и најжестоката што досега Terror ја издал. Песните, пак, на кои што бендот сè уште работи се поинакви.
– Новиот материјал, едноставно, звучи потешко. Сериозно гризе. Одвај чекам да го завршиме – вели Вогел.
За Keepers of the Faith бендот примени уличен, директен, маркетинг-концепт. Целта им беше да ги оживеат раните денови на хардкорот. Пејачот на Terror верува дека меѓу денешната и тогашната сцена има голема разлика.
– Никој не пишува текстови за да каже нешто, никој нема вредности. Никому не му е гајле за умствената страна на хардкорот. Нема фанзини.

ОГНОТ СÈ УШТЕ ГОРИ
Освен тоа, изјавивте дека со Keepers of the Faith “ги зедовте сите правила за сè што се случува во индустријата денес и ги избришавте од умот”. На Скот му пречат повеќе работи во модерниот музички бизнис, а меѓу тие се:
– Издавачки куќи што земаат десет бенда, ги објавуваат нивните албуми и работат на тоа само еден одлично да се продаде. Тие ја туркаат таа група, а оставаат останатите девет да потонат. Состави што никогаш не биле на турнеи или не издале плоча, но имаат менаџер и букинг агент. Бендови со имиња што немаат никаква смисла се напорни. Сето ова е кошмарна игра.
Изведбата на фестивал пред илјадници луѓе еден ден и свирка во скват следниот не е непозната ситуација за Terror. Откако ќе остварат одреден степен на успех, голем број бендови престануваат да го прават ова. На хардкор-сцената, држењето на нозете цврсто на земја е навистина значајно.
– Свирките на Terror секогаш ќе бидат хардкор. Пред да ги одговорам прашањата, со Роб од Born from Pain џогиравме и зборувавме. Му реков дека никој во Terror не се жали ако треба да свири во подрум или на места без бина. Сите одиме на свирки кога не сме на турнеја за да ги гледаме пријателите и да го подржиме хардкорот. Тоа ми значи навистина многу. Тоа е ха-це.
Terror неодамна ја почна европската турнеја. Бендот има настапи буквално секој ден од шести до 29 април. Свирките на составот секогаш се исцрпувачки, но членовите на сите им приоѓаат со истата енергија и страст. Сигурно е тешко тоа да се постигне.
– Некако огнот сè уште гори во нас пријателе. Сè уште веруваме и ја поседуваме таа енергија. Некои денови одењето на турнеја и патувањата се напор, задача. Почесто, пак, сето тоа е просто неверојатно – вели Вогел.
Во рамки на споменатата турнеја, Terror ќе свири во Скопје на 20 април, а тоа ќе биде прва изведба на бендот во Македонија. Запрашан што можат фановите да очекуваат, дали сетлистата ќе биде ретроспективна, дали ќе ја опфаќа целата кариера на групата, дали ќе има само нови песни или ќе биде комбинација, Скот одговара:
– Проклето сме возбудени. Секогаш сакаме да одиме во нови места. Во сетлистата имаме песни од секое издание, старо и ново. Се надевам дека свирката ќе биде дива во позитивна смисла. Се гледаме.

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>