21/08/2017

Death Before Dishonor: Напорната работа е најважна

Постирано на 04/04/2012 од во Интервју

Вриштење по аеродроми и дочеци на терминали не се првата слика што асоцира на хардкор, но токму тоа им се случило на Death Before Dishonor кога пред неколку години пристигнале во Москва за да ја одржат првата свирка во Русија. Без разлика на случкава, вакво нешто е исклучок на оваа сцена. Најголемиот дел од нејзините членови не само што не се сметаат себеси за “селебритис”, туку го прават тоа што не е баш синоним за славните личности – работат, работат и работат. Паралелно, успеваат да снимаат нови албуми и да одржат илјадници свирки на сите страни од светот. Таков бенд, A Wilhelm Scream, гостуваше во Скопје во неделата, а уште еден, Death Before Dishonor ќе имаме прилика да гледаме на 20 април во Младинскиот културен центар, заедно со Terror и Take Offense, групи со слична фанатична работна етика. За неа, но и за други детали поврзани со DBD, разговарав со нивниот фронтмен, Брајан Харис.

Пред публиката во Скопје и во Македонија првпат ќе свирите на 20 април. При лајв-дебито во Русија, фанови ве чекале на аеродром, а слично се случило и во Азија. Колку се изненадивте и колку ова ви значеше, знаејќи дека доаѓате од далечниот Бостон?
– Тоа беше навистина откачено, такво нешто претходно ни се нема случено. Ние сме обични момци, никогаш не очекуваме нешто во тој стил, но беше ептен кул да се види колку клинците беа возбудени што сме во нивниот град. За нас тоа беше чест.

Како им пристапувате на концерти во градови или во земји каде што претходно не сте свиреле – се фокусирате да подготвите нешто специјално за приликата, се радувате дека ќе го видите градот или на можноста да запознаете нови фанови?
– Секогаш е супер да настапуваш во нов град или во нова земја. Секогаш се обидувам да видам дел од местото доколку има време. Дефинитивно сакам да среќавам луѓе и да видам и да слушнам дел од локалните бендови. Секогаш се дружам на масата каде што ги продаваме маичките и музиката. Или висам на шанкот.

Поминаа речиси три години од објавата на вашата последна плоча, Better Ways to Die. Прочитав дека пишувате и снимате нов материјал со план за објава кон средината на 2012 година. По што отскокнуваат тазе создадените песни?
– Помина доста време, имавме неколку промени во составот изминатава година и кусур и беше тешко да се најде време за пишување. Тоа се случува во бендови кои што се заедно долго време и како и ние, веќе имаат насобрано многу турнеи. Оваа ситуација им влијае на луѓето. Покрај сето ова, нашиот гитарист и еден од основачите, Френки, во минатата година доби ќеркичка, а вториот гитарист, Џејк, синче во речиси исто време и беше тешко со сите обврски да се посветиме на новата плоча. Напишавме по нешто, но си тераме пополека. И онака помина толку долго време и сега нема поента да избрзуваме. Сакаме да се осигураме дека максимално ќе го искористиме времето што го имаме на располагање за заедно да ја снимиме најдобрата плоча што можеме. Ќе излезе годинава преку Bridge 9 Records.

Етикетата за која што издавате, Bridge Nine, како и многу критичари, сметаат дека Death Before Dishonor е бостонски хардкор-бенд од почеток до крај, но со различен звук. Од твој агол, што ве прави посебни?
– Мислам дека сите сме под влијание на различни стилови на хардкор и на панк. Прилично сме отворени и верувам дека тоа се забележува во нашата музика. Во последното цеде, Better Ways To Die, вложивме нешто повеќе време, а тоа што сме постари и поискусни, ни помогна да се осигураме дека голем дел од влијанијата на секого од нас ќе се чувствуваат во песните.

Втората работа што ги издвојува Death Before Dishonor не само од бостонските, туку од многу други хардкор-групи генерално, е напорната работа. И самите во интервјуа тоа често го наведувате, дури повеќе од звукот. Зошто работната етика е толку важна, не само во музиката, воопшто во животот?
– Едноставно, ги почитуваме принципите на напорната работа, што го научивме од Agnostic Front на нашата прва европска турнеја со нив. Во хардкорот е навистина важно да излезеш и да свириш и за старите и за новите обожаватели. Можеш да направиш одлично издание, но верувам дека во хардкорот музиката е најважна кога се свири во живо. Енергијата на свирките отсекогаш најмногу ми значела во хардкорот. Освен тоа, да имаш здрави работни навики е добар начин на терање на животот. Никој не добива ништо на тацна. А и доколку е така, тоа не се цени исто како во случајот кога за тоа напорно си работел.

Лично, никогаш не би сакал да го критикувам екстремното замаглување меѓу хардкорот и металот изминативе 10 години, но искрено, некои бендови тоа го прават очајно. Од друга страна, вие нештата ги враќате на основите на американскиот хардкор. Зошто оваа насока?
– И јас истото сум го забележал. Не ме сфаќај погрешно, има бендови што го прават тоа извонредно, но некои лошо. Албумот One Voice на Agnostic Front ми омилен на сите времиња и е големо влијание врз музиката што сме ја напишале досега за Death Before Dishonor. Таа плоча е под влијание на металот, но и понатаму е хардкор-издание. Ние сме фанови на метал и на панкрок, а овие жанрови имаат извршено музичко влијание врз хардкорот. Само се обидуваме да го вклучиме во нашиот пристап без притоа да ја искомпромитираме идејата за тоа како сакаме да звучи еден хардкор-албум.

Музиката што ја креирате е слика за времето во коешто е создадена, но во неа се слуша и Madball, Agnostic Front, Suicidal Tendencies, а дури и Slayer и Pennywise. Како би го споредил денешното опкружување со времето во кое што тие ги снимиле своите најбитни плочи?
– Мислам дека голем дел од нивната музика го издржа тестот на времото. Тие бендови се и секогаш ќе бидат легендарни. Затоа мислам дека новите клинци што денес ќе се навлечат на хардкор ќе слушаат стари албуми од тие групи и ќе уживаат во нив. Сè уште пуштам плочи од тие групи и сè уште се чувствувам како кога ги чув пред десет години. Тие состави издаваат нова музика без да заскитаат од својот класичен звук. Новите плочим им се “повеќе во тек” во споредба со класиците, но никогаш не се предалеку од звукот што ги доведе на сегашните позиции.

Во поглед на стихови, изгледа дека негативностите на модерното општество ги анализирате низ лична призма, како во Peace and Quiet: There’s an assault on my brain. Wave of white noise – deafening pain. Колку денешниот свет е инспиративен за да го сликате со зборови?
– Многу сјебани нешта се случуваат на секојдневна база, ние само се обидуваме да пишуваме за ствари што нè оптоваруваат или се во нашите умови. Го ставаме тоа на јавна сцена за другите да можат да го интерпретираат во сопствениот живот. Можеби не се работи за потполно истата ситуација, но се надеваме дека личноста што нè слуша може со неа да се поврзе на некој начин. Се сеќавам дека имаше бендови со кои што кога растев секогаш чувствував дека можам да се поврзам. Чувствував како и тие да минуваат низ нештата низ кои што и јас минував. Во реалноста, на нив веројатно не им се случувало потполно истото како и на мене, ама тоа не беше важно зашто можев да го почувствувам тоа што го кажуваа. И ние се обидуваме тоа да го постигнеме со нашите текстови.

Тоа што се во хардкор бенд не ги прави луѓето славни личности, што значи дека веројатно морате често да одите на турнеи, но и да работите. Колку силно беа погодени членови на групи како Death Before Dishonor од економската криза во САД?
– Тешко е за сите, го гледаме тоа насекаде околу нас. Среќни сме што имаме работни места на кои што можеме да се вратиме или што живееме во град каде што има далеку повеќе можности за вработување. Кога бендот е во прашање, кога одиме на турнеја, за да “преживееме”, многу се потпираме на продажба на нашиот штанд, а сега е потешко за луѓето да трошат пари на маички или дури да се појават на свирка кога се мачат да обезбедат средства за следниот оброк. Ова се тешки времиња за сите.

Death Before Dishonor никогаш не внесувале политика во стиховите. Сепак, сите сигурно имате ставови за тоа што се случува во САД. Сега, изборите се во фокус. Какво е твоето размислување, што би било најдобро за Америка во ноември?
– Лично, мислам дека ни е потребен лидер чии интереси не се директно врзани за корпоративната и богата Америка. Тоа никогаш нема да се случи зашто било која наша влада си има сопствена агенда. Таа се храни од алчност и дури ако претседателот има одлични идеи или сака промена, од тоа ништо нема да биде поради фактот дека сè мора да мине низ конгресот. Тажно е, ми делува како да има војна само за преку неа одредени луѓе да извлечат финансиска корист. Можеби еден ден политичките моќници нема најмногу да имаат наклоност кон пари, ама се сомневам.

Тагови: , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>