Кога во 2001 година Tool објави дека ќе ги понесе Meshuggah на турнеја низ САД, а потоа ги зема за репете и во 2002, бев изненаден. Пет секунди. Не беше откровение од Сидарта-размери, но ми светна дека двата бенда, кои ми се меѓу десетте омилени, се неразделни од истата емотивно-уметничка состојба – психоделијата. Жанровски, тие имаат повеќе елементи што ги одвојуваат отколку приближуваат. Американското лице на ова дуо се мршти на прог-рок-забеготини, а шведското прави гримаси со технички напредни метал-акробации. Суштински, пак, и четворката од Лос Анџелес и квинтетот од Умеа се намерачени да се фрлаат себеси и особено слушателите, во зашеметувачки транс. На новиот албум, Koloss, Сканцинавците си газат по трасата на репетитивно и трпеливо билдање песни што ја менуваат психо-структурата на мозочните ганглии.
Како и претходниците, седмото студиско издание на Meshuggah ја почитува звучната ЛСД-формула на испраќање потсвесни сигнали преку рифови, ритми и вокали чија заедничка симбиоза создава грув со монолитни димензии. Вака наредени, терминиве делуваат како напувано мамбо-џамбо, меѓутоа, нагласената интелектуалност е една од најпрепознатливите алатки на бендот, особено кога се во прашање стиховите. Сепак, тоа е само форма на израз, не и претенциозност. На основно ниво, без разлика што во композиторски поглед се луди научници (оттука името префектно им лежи), групата и на Koloss е човечки разбирлива. Секако, и понатаму звучат како батаљон роботи што веруваат оти удари од ѓонови на чизми се саундтрак за планетарната пропаст кон која што свесно маршираме. Поентата овде е дека однадвор, егзоскелетот, им е машински, додека одвнатре, се од крв и месо.
Отсекогаш сум имал симпатии за бендови кои кон модерната верзија на човечкиот род гледаат со дехуманизирачки очи. Meshuggah и на Koloss нагласува дека е дефиниција за ваквиот пристап. Не само во металот, генерално на музичката сцена. Тоа е јасно од траката што го отвора албумот, I Am Colossus. Нема тинтрање, одолговлекување или разгалување со нежен вовед. Едноставно – бум! И турбината почнува да произведува мегават по мегават аудиоелектрика што до крајот варира, оди угоре удолу, но во ниту еден миг не паѓа под високиот напон од стартната точка. Слика и прилика за ова е The Demon’s Name Is Surveillance, трешерица со непрекинат, речиси петминутен, третман на дуплата-бас-педала како да е ротор на хеликоптер. Томас Хааке го прави тоа како во нозете да има нуклеарен реактор, а во умот атомски часовник за држење ритам.
Токму тука доаѓа до израз екстерната нечовечност на Meshuggah. Не само Хааке, и Јенс Кидман (вокал), и гитаристите Фредрик Тордендал и Мартен Хагстром, и басистот Дик Ловгрен, со истата кибернетска студена точност ги малтретираат инструментите. На Marrow тоа се манифестира со искршена ритмичко-мелоднична интеракција која меле, меле и меле пред нагло да запре на 4:42. Секунда-две потоа, продолжува, ама наопаку, со брејкдаун што ги крши сите сфаќања за овој дури и премногу стерилно користен елемент на денешната хеви-сцена. Таква шаманска дисциплина бендот прикажува и во сосема поинакво опкружување, на манијакалната спидерица The Hurt That Finds You First и на Break Those Bones Whose Sinews Gave It Motion чија разбеснета бавност може да се дефинира само како – епска. На Swarm, како и што навестува името, сето тоа се претвора во рој од тонови, што на Demiurge се збива во џиновски нагон за тресење глава, пред совршено да испушти последен здив со амбиенталната The Last Vigil.
Целиот овој трактат на тема “Органска бруталност” создава лут психоделичен трип што не резултира со навнатре компресиран гнев, туку нанадвор насочена катарза. Бонус е што чувствувате прочистување, но не мора да се замарате со метење стакло. Несомнено, ова не е издание што се џапа како шотче во “Конак”, богами не е ниту варено вино или шампањ, туку е 40-годишно сингл-молт виски што стрпливо се тегне, а најголемиот мерак доаѓа со афтертејстот. А тој од последната плоча на Швеѓаниве си трае и си трае, најмногу поради главната состојка без која што не е возможно да постои извонреден албум – грувот. За Meshuggah тоа од поодамна е јасно како сончев ден на Алјаска и затоа, кога тероризираат интелигентно, секогаш пуштаат неодоливи јадици. На нив не се закачуваат тие со слаб стомак, но оние што ќе трзнат, лесно ќе заклучат дека Koloss, скромно кажано, е збирка на песни со колосални димензии.
Оцена: 93/100
Артист: Meshuggah
Албум: Koloss
Датум на објава: 23 март 2012
Продуцент: Meshuggah
Издавач: Nuclear Blast
Листа на песни:
1. I Am Colossus – 4:43
2. The Demon’s Name Is Surveillance – 4:35
3. Do Not Look Down – 4:43
4. Behind the Sun – 6:14
5. The Hurt That Finds You First – 5:33
6. Marrow – 5:35
7. Break Those Bones Whose Sinews Gave It Motion – 6:55
8. Swarm – 5:26
9. Demiurge – 6:12
10. The Last Vigil – 4:32