22/10/2017

A Wilhelm Scream: Бришење задник со шоубизнисот

Постирано на 29/03/2012 од во Интервју

Терминот “технички” на музичката сцена, особено оној нејзин подисторзиран и поагресивен дел, најчесто е резервиран за метал-бендови. Преку него се означува нечија инструментална поткованост и свирачка прецизност. Во суштина, тоа се групи чиј стил е нераздвојлив од мајсториите што ги изведуваат на гитара, бас, тапани, клавијатури и што уште ќе им падне на памет. Панкот, а и хардкорот, во најголем дел од случаите се заинтересирани за суровоста, директноста и бескомпромисноста, без притоа да ставаат нагласок на вештините со прстите.

Најголем исклучок од ова, условно кажано, правило се Канаѓаните Propagandhi, а од 2001 наваму и Американците A Wilhelm Scream, кои в недела (1 април) ќе дебитираат пред македонската публика во Младинскиот културен центар во Скопје. Составот од Бостон не е политички наелектризиран како учителите од Манитоба, ама на музички план, тие се можеби единствените што браем се приближуваат до нивниот нагон за третирање на хардкор-панкот како боречка вештина за чие совладување е потребна врвна техника. Во тоа се истакнуваат сите членови на бендот, Нуњо Переира (вокал), Тревор Рајли (гитара), Мајк Супина (гитара), Брајан Џ. Робинсон (бас) и Николас Пасквале Анџелини (тапани), со кого го направив ова интервју.

Неодамна во продажба пуштивте маичка со дизајн налик логото на Boston Celtics. Не сум проследил многу мечеви со нив годинава, но гледам дека на тимот не му оди најдобро, моментно се седми на Истокот. Што мислиш за сегашната постава?
– Во споредба со остатокот на НБА, екипата веќе е подостарена, но не би ги исфрлил од игра. Тие сè уште се опасен тим што клубови од калибарот на Чикаго и Мајами не би сакале да ги имаат за противници кога ќе дојде време за плејоф. Лукавото ветеранство води до навистина непредвидлив исход.

A Wilhelm Scream ја почна годинашната европска турнеја на 23 март во Москва, а во Скопје и во Македонија дебитирате на 1 април. Знаејќи дека ќе гостувате на Денот на лагата“, подготвувате ли нешто посебно?
– Не се претргнуваме на празници. Изминативе четири години имаме редовна свирка на “Денот на вештерките” и ниту еднаш не сме се маскирале. Претпоставувам дека сме малку мрзливи кога се во прашање такви ствари.

Пред неколку дена ми светна дека минаа речиси три години откако последното издание на AWS, ЕП-то именувано според групата, се појави на полиците. Ако се додаде дека вашиот најтазе студиски албум е од 2007, тоа создава голема дупка. Колку сте возбудени за новиот материјал?
– Навистина сум возбуден. Трев и Мајк го предводеа снимањето и завршија одлична работа при запознавањето со новата опрема и овозможувајќи сè да звучи извонредно. Не можам да дочекам да го чујам мислењето на светот. Верувам дека на нашите фанови многу ќе им се допадне, ама во исто време, ќе бидат и изненадени.

Песната што го отвора засега последниот студиски проект на AWS, Career Suicide, е насловена I Wipe My Ass With Showbiz, а дел од неа се стиховите: Those timed jumps cause merch bumps, now guests list the suits. Како би изгледало општеството доколку не постоеа славни личности?
– Тешко е да се замисли свет без популарни фаци. Тие отсекогаш биле присутни. Дури и од сите да се ослободиш, нови ќе се појават додека да трепнеш. Некому ќе му појде од рака да излечи болест, да спаси бебе или слично и бум – славна личност.

Истата песна ја содржи строфата: The revolution rock hits sound like shit through your iPod. Иако веројатно е насочена кон песни, а не кон квалитетот на звук, што мислиш за тоа како ѕидањето на звукот влијае врз денешната музика?
– Клинецот во мене обожава “ѕидање на звукот“. Ако својот iPod го ставиш на shuffle и гласна снимка ненадејно се уфрлува и те плеска по лице, тоа на некој начин е кул punk rock fuck you. Ако ти е прегласно, тоа е она кога велат дека си престар. Од друга страна, зошто би го жртвувал квалитетниот звук кога едноставно можеш да пуштиш погласно. Колку години имаш?

За албумот Ruiner ја снимивте песната Me vs. Morrissey in the Pretentious Contest (The Ladder Match). Изминативе десетина години претенциозноста како полека да станува нераздвојна од инди-музиката. Зошто?
– Не би рекол дека се нераздвојни. Имаме многу другари во во инди-бендови што се навистина супер. Мислам дека можеби срање луѓето се размножуваат и навлегуваат во независната музика. Што да се прави?

Benefits of Thinking Out Loud означува точка во вашата кариера кога целосно го прифативте ајронмејденството, како што Трев го дефинира лани во интервју. Беше ли тешко, како успеавте да внесете класичен хевиметал во пристапот?
– Добро, за мене беше тешко да ги слушам момците како ги учат нотите со кои што се свират тие гитарски лидови. Звучи лудо штом ќе ги “скинат”. Пред тоа се само многу очајни звуци. Тие ги касаат сетилата.

Нема сомнеж дека сте хардкор-панк бенд, но исто така, е прилично јасно дека сте решени да ја издигнувате сопствената музичка вештина на секој албум. Или да се изразам просто – свирите стегнато. Колку посветеност е потребно за ова?
– Одзема многу. Некогаш ќе минеме часови свирејќи делче што завршува за неколку секунди. Лично, се држам до правилото: Не вежбај додека звучи точно, вежбај додека не можеш да му наштетиш.

Исто така, очигледно е дека вложувате многу време и енергија во креативниот процес. Изгледа како да сте опседнати со секој можен детаљ. Што е плус, а што минус во овој пристап, има ли опасност за претерано анализирање?
– Не верувам, мислам дека ова нè прави тоа што сме. Доколку не претерувавме со осмислување на нештата ќе бевме сосема поинаков бенд, а и тоа ќе ги направеше песните досадни за свирење во живо.

Во јануари, Brooklyn Underground го вклучи A Wilhelm Scream со Propagandhi и уште неколку други бендови на нивната листа на најочекувани албуми за 2012. Никогаш не сте криеле дека сте под силно влијание на канадската група, но како е кога вака ве поставуваат на исто рамниште?
– Неверојатно е. Открив дека на дел од нив навистина им се допаѓа нашиот бенд и тоа ме измести од колосек. Отсекогаш претпоставував дека ќе мислат дека безмилосно ги копираме и супер беше кога чув дека нè “обичаат”.  Имајќи го сето ова предвид, сепак мислам ние си тераме свој филм. Се надевам дека еден ден ќе свириме заедно со тие момци. Досега сум ги гледал само еднаш и бев толку среќен, што ми се насолзија очите.

Тагови: , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>