Yob – Atma [Profound Lore, 2011]

Кога со музичкиот булдожер од марката Fire! ги поместуваше темелите на Градскиот трговски центар, Матс Густафсон рече дека заедно со колегите се обидуваат да свират бавно, но не им успева. Саксофонистот нè лажеше во очи, зашто нивниот звук лазеже како Шаи Хулуд, гигантските песочни црви од “Дина”, ама шегата имаше поента – да рокаш во прва или во помала брзина е шамански подвиг. За тоа не е потребна техника од “Џулијард” или издржливост на “Морнаричка фока” туку авторски талент што знае да намириса вистински стих, вокал, риф и ритам и да ги распореди на најприродното место во песна и во албум. И кога елементиве се менуваат како што Спиди Гонзалес краде сирење, постои можност за препнување, ама веројатноста за тоа значително се зголемува ако сте звучна влечуга. Yob е меѓу најмаркантните на стоунер, слаџ, дум и општо, на хеви-сцената. Нивниот последен албум, Atma, е научна студија на тема “како да свириш бавно и да му ги ококориш очите, а не да го заспиеш слушателот”.

Уште кога ја запознав со Catharsis, вториот диск од 2003 година, кај тројката од Јуџин, Орегон, ме зграби моќта за поттикнување медитативна состојба без користење фенси итрини и со минимален музички напор. Бендот е доктор по таа економија на звукот, но на Atma речиси целосно го истенчиле ѕидот што ги дели од совршенство. Со оглед на и онака високите критериуми наметнати на стартот, што скалесто се извишуваа на The Illusion of Motion (2004), The Unreal Never Lived (2005) и на The Great Cessation (2009), исчекорот на најсвежиот материјал е добредојдено посладок. Секако, кај Yob не може многу да се зборува за вкусови. Како и претходниците, така и Atma е заинтересиран за душата, за состојбата на умот. Плочата не е толку опседната со самата енергија, колку со нејзиното течение. Освен, нормално, со ха-ге, формите на албумот се заматени и со претопувањето, со успорената трансформација од с(т)отонскиот влезен риф на Prepare the Ground до кусото излезно ехо на Adrift in the Ocean.

Не е ова издание со осамена, колосална, 60-минутна епска трака како Dopesmoker на Sleep, но Yob од почетоците знаеше дека функционалноста на нивниот стил зависи од доловувањето на тоа, обединувачко, чувство. На Atma има пет композиции, ама за нив постои една цел – постепено, односно, бавно, да го пренесат умот на слушателот, а и на бендот, од точката А до точката Б. Ова патешествие не може масовно да се рекламира за од него туристичките агенции парично да се згојат. Тоа не носи задоволство преку традиционалните удобности. Гласно е, вришти, понекогаш измачува, најчесто фрла во транс. Се води од инстинкти, црпе од мочуриштето на примитивноста, се придржува до скромниот, речиси аскетски, список на употребени музички елементи. Тие што го познаваат триото и равенката на дум-металот, се свесни дека на ментална авантура од ваков вид не се поаѓа без неприродно голем куфер полн трпение. За секој случај, тие што не ги сретнале, а се љубопитни, нека си понесат по два од истиот.

Стрпливоста се пресликува и од страната на групата. Без никакво предзнаење може да се дојде до заклучок оти најголем дел од материјалот е изроден од импровизации и од џем-сешнс (сличноста со мармелад е случајна). Меѓутоа, се чувствува дека речиси и да нема парче на дискот на кое што членовите не му ја предале целата посветеност. Како поинаку тие би дошле до брановитиот брејкдаун на 120 секунди пред крајот од Prepare the Ground. Без најизострен фокус немаше да има џаначки мелодичен риф-превој во третиот дел на Atma, мајсторски темпирана мртва тишина во седмата минута од Before We Dreamed of Two или гитара што урива планински масиви на половина од Upon the Sight of the Other Shore. Ако бендот не го вложуваше секој атом, ќе ни беше ускратен феноменалниот вовед, перипетија, експозиција, заплет, кулминација и расплет на Adrift in the Ocean.

Всушност, свесен за ризикот дека ќе звучам сиренкасто, ако Yob преку музиката не се обидуваше подлабоко да продре во суштината на своето “јас” (Atma), нивната шеста плоча ќе беше штуро парче пластика што само ја загадува околината. А не како што е сега, прониклива медитација за хуманоста, животот и битието. Крајно религиозно, знам, но поради извонредната способност да копа по умот и организмот, албумот заслужува да основаме една во негова чест.

Оцена: 95/100

Артист: Yob
Албум: Atma
Датум на објава: 16 август 2011
Продуцент: Мајк Шид
Издавач: Profound Lore

Листа на песни:
1. Prepare the Ground – 9:05
2. Atma – 8:56
3. Before We Dreamed of Two – 16:00
4. Upon the Sight of the Other Shore – 7:33
5. Adrift in the Ocean – 13:33

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар