Трибјут-концерт за Чак Шулдинер во МКЦ

Трибјут-групи, генерално, не сакам. Не оти ме потсетуваат на вечните скопски тезгари, со кои што расчистив по “Мјузик гарден” и “Лејди блу”, не зашто 99 проценти од тие музичари не создале ништо авторско и не бидејќи се, просто кажано, д-о-с-а-д-н-и.  Не обичам трибјут-бендови затоа што ме потсетуваат на фактот дека тие со сигурност ќе соберат повеќе народ отколку ако вистинскиот состав дојде во Македонија. Како што и е наведено погоре, тоа ми е општ став, што важи за мнозинството од случаите. Не сум, тврдокорно, црно-бело, “про” или “контра” настани преку кои се изразува посвета на личност или состав. Особено кога се подготвува искрено, од луѓе кои – најпрво – се неискварени фанови на музиката што се “обработува”, а дури потоа инструменталисти и организатори. Такво случување отсекогаш ми било Tribute to Chuck Schuldiner што в сабота (17.11.2011) ќе се одржи вкупно четвртипат и првпат во Младинскиот културен центар во Скопје.

Во стилот на излитена реклама (мала шала, без љутиш) на телевизија “БТР Nacional” или на “КРТ”, на Facebook страната настанот е најавен како “Нај-трибјут концерт” и е направена листа со “нај-ствари” што ќе се случуваат викендов во чест на гитаристот и вокалист на Death и Control Denied, кој прерано почина на 34-годишна возраст на 13 декември 2001 година. Списокот вклучува: најјако озвучување, најсилно осветлување, и најголем простор за најголемата шутка, најcool специјален гостин од САД, најголем број на песни (преку 20 сигурно), најголем банер, најефтино пиво, најдобри маички. Без предзнакот “нај” е наведено дека ќе има посебни изненадувања, творење портрет на Чак во живо и дека ова ќе биде прв концерт во големата, позната како денсинг, сала во МКЦ.

Песните на двата бенда на Шулдинер ќе ги свират членови на Verka, Lelek, Demency, Formless Terror, Ambroz, Serpentine Fire, Beyond the Horizon, Fusnota, Carnage, Daruma, Embryotomy и други, а ќе ги предводи Методи Шулев. Ова е втората ствар што од увек ми праела мерак кај трибјутите од ваков тип. Нормално, тажно е што смрт на одредена личност или растурање на бенд најчесто е повод, но сè додека приказната продолжува да тече и притоа спојува голем број различни луѓе, резултатот не може да се смета за поинаков, освен за позитивен. Особено во Скопје и во Македонија, каде што оскудно е нивото на соработка во рамките на сите музички сцени, а на тоа и металот не е имун. Секој Tribute to Chuck Schuldiner, барем додека трае, тоа го побива и шири енергија на заедништво. Ова нема врска со никаков идеализам, хипи-комуни и остали бакрачи, едноставно, моќно е кога ротираат музичари од миљон локални бендови и сè звучи стегнато и профи. Плус, песните на Death ги кинат махерски, а тоа е за почит.

Пред трибјутот, на Facebook (на кое друго место), налетав на дискусија дека настани од ваков калибар мора да се бојкотираат оти со нив музиката се затворала, а таа требала да се шири. Не навлегувам конкретно кои луѓе пропагираат ширење на музика, не се мешам во нечиј легитимен избор да бојкотира, не го оспорувам правото на луѓето да веруваат дека со кењање против Tribute to Chuck Schuldiner, ќе помогнат во убивањето на тезгарството во земјата. Дури и се согласувам дека на трибјут, па и на тој за човек како лидерот на Death, не треба ни под разно да има повеќе луѓе отколку на свирка на локален авторски состав. Тврдењето, пак, дека баш секој трибјут е како ебано кафиќ-шоу на Бени Нон-Стоп, ќе го припишам на крутото сфаќање на музиката, која, нели, треба да се шири, а не да се затвора. Со цел умот и понатаму да ми биде отворен за неа и за многу од нејзините форми, в сабота ќе одам во МКЦ, да слушам песни од човекот што имаше удел во развивањето на таа звучна широкоградост. Само се плашам дека по оваа трибјут вечер, ќе сфатам дека сите овие години фрлање пари на свирки и дискови од локални бендови било за џабе, дека уствари во тезгата му е мајката. На тешки маки ќе бидам. Ќе дадам сè од себе да не му се препуштам на магнетно привлечното, ама и целосно расипничко влијание на демоните на слободниот ден.

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар