Treme: Љубовна ТВ-врска со Њу Орлеанс

Телевизијата, недвосмислено, е забава. Порано беше во кутија, денес во плоска. И тогаш и сега таа бара вклучување во струја и исклучување на мозок. Може да нè направи екраномани кои повеќе ќе личат на растенија отколку на луѓе, но ако се консумира умерено, нема ништо лошо кога умот пасе на ТВ-ливадите. Тој ентертејнмент може да биде блуткав, пристоен, понекогаш дури и извонреден. Решавачки да не се заборави дека не е повеќе од – разонода. Ако кажеш дека тоа не го сметаш за грев или без срам и перде да откриеш оти уживаш во таква форма на забава, треба да ја заборавиш надежта дека околината ќе те смета за интелектуалец. Доколку, пак, како мене, те боли уво за овие бесмислено крути племенски етикети, ќе најдеш убавина во релаксацијата со серии како 24, CSI или Fringe.

А кога врвниот ентертејнмент ќе се спои со спектакуларна ТВ-драматургија, се частиш себеси со неделна доза од The Walking Dead, Boardwalk Empire, Game of Thrones, Homeland, Mad Men, The Killing и неколку други актуелни шоуа. Тие сè уште се дел од програмите на каналите во цивилизираниот свет. На списокот на завршените со исто толку силен сценаристички набој се среќаваат наслови како Battlestar Galactica, The West Wing или The Wire. Првата е научнофантастична, втората политичка, а третата е полициска, но сите се ремек-дела кога текстот, дејствието, глумата, развојот и соодносот на ликовите се во прашање. Сè уште не сум донел конечна одлука дали телевизијата воопшто може да се смета за уметност, меѓутоа, ако некои проекти се приближуваат до арт-предзнакот, тоа се наброениве. Во овој поглед, изминативе две години веројатно најпосебно се истакнува Treme.

Концепт и приказна: Насловена според истоимената населба во Њу Орлеанс, Treme е замислена и реализирана како серија што прави најавтентично можен портрет на градот во Луизијана. Дејствието почнува три месеци по “Катрина”, апокалиптичниот ураган што речиси го избриша NOLA од глобусот. Мотивот е да се наслика духот на ова славно место лоцирано крај реката Мисисипи. Тој, по толку разорен настан, е разбирливо напукнат, но досега емитуваните епизоди од шоуто најчовечки прикажуваат дека во никој случај не е мртов. Раскажувањето приказна за кој било град делува како храбар, налудничав, дури и невозможен обид. На хартија, а камо ли на телевизија. Дали да се посветиш на историјата, на архитектурата, на културата, на проблемите, на радостите, на сè останато што не може да се доброи, а го отелотворува населеното место. Одговорот е прост – се концентрираш на сè, а најмногу на луѓето.

Ликови и глума: Како и секоја ТВ-серија што сака да опстои подолго од една пилот-епизода или да го преживее чистилиштето наречено “прва сезона”, така и Treme се потпира на човекот. Не дете, жена или маж перфектно извајани за да фрлаат пламени на восхит од екранот кон гледачот, туку луѓе од крв и месо, со срца што се кршат, раце што не можат да креваат и нозе што со мака чекорат, но кои се решени да се борат. Или да се откажат. Во центарот на животната бура во Њу Орлеанс се тромбонистот Ентоан Батист (Вендел Пирс), адвокатката Тони Бернет (Мелиса Лео), сопственичката на таверна Ладона Вилијамс (Канди Александер), готвачката Жанет Десотел (Ким Дикенс), поглаварот од Марди Гра индијанците Алберт Лембро (Кларк Питерс) и диџејот и музичар Дејвис Мекалари (Стив Зан). Секој од овие главни, но и неколкуте споредни ликови, има реален, сложен, карактер со повеќе бои. Како и на нашава планета Земја, а не само во ТВ-универзумот, тие се нијансираат зависно од настаните. Притоа, некои храбро газат напред, други стагнираат, трети назадуваат, меѓутоа, ниту еден не е стереотипен херој што постои само во бајките. Тука до израз доаѓа речиси безгрешниот кастинг и претопеноста на глумците во ликовите што им се доделени. Со нив е лесно да сочувствуваш зашто се како извадени од сокаците на животот, а не само од улиците на Њу Орлеанс.

Сценарио: Креатори на Treme се Дејвид Сајмон и Ерик Овермаер. Како еден од неговите хардкор фанови, ќе се истрчам со тврдењето дека Сајмон е меѓу трите најдобри телевизиски автори и продуценти изминативе 15 години. Не кажувам дека е на првата позиција бидејќи на мојата листа на тоа место на пиедесталот наизменично се менуваат и Метју Вајнер и Арон Соркин. Пристрасно е, значи губи на тежина, кога тоа го вели обожавател, но такво мислење за 51-годишниот визионер Сајмон имаат и мнозинството светски критичари. Сите се согласуваат дека зборовната острина што тој ја стекнал додека бил новинар не отапела при трансферот на екраните. И во Treme, како и во The Wire, личните, маалските, градските прашања и национални политички перипетии, се претставени преку опипливи луѓе, а не во форма на пластични Барби и Кен карактери.

Одлуките што ги носат, бирократијата со која што се приморани пеливански да се р’ваат, политичарите за кои џебовите никогаш не се доволно длабоки, ама и пријателите што им даваат безрезервна поддршка, најблиските кои никогаш не се откажуваат од нив, традицијата која им го чува духот, сè тоа и многу повеќе, Сајмон го раскажува ослободен од клишиња, препакување или префарбување. Голем дел од сториите и сценаријата се на други автори, но сите поминуваат низ филтерот на авторот и еден од двајцата носечки продуценти. Како резултат на оваа креативна контрола, нема екстремни падови во квалитетот на текстот, развојот на дејствието, фотографијата, режијата и во актерската игра. Сајмон и екипата имаат прецизна визија и до неа фанатично се придржуваат.

Музика: Ист ентузијазам главниот автор и продуцентскиот тим покажуваат и за срцевината на Њу Орлеанс, на населбата Треме и на серијата Treme – музиката. Драмската слика во шоуто е широка. Опфаќа поголем дел од секојдневието во градот, а плитко или длабоко под површината на сè тоа е испишана песната или можеби уште попрецизно, живите свирки. Овој ТВ-проект има долг саундтрак. Неверојатно е колку природно легнуваат нумерите избрани за подлога на сцени без дијалог. Тие се како маргарин и потпечена кришка во студено зимско утро. Уште поефективен миг е музиката фатена со камера, на терен, во клуб, стан, концертна сала или на улица, при снимањето на подемите и падовите на хероите во приказната. Секоја од овие сцени е украден такт од пулсот на Њу Орлеанс, чие срце изгледа не престанува да удира според звучниот ритам и во најтешки моменти. Ликовите во серијата, а и тие што будно ја следат од другата страна на екранот, ја мијат болката, ја натопуваат радоста, ја чистат тагата и ја засилуваат среќата со музика што најчесто изобилува со дувачки, блех, инструменти. Тие очигледно се срцето и душата на родниот град на џезот.

Севкупно: За разлика од Париз, Лондон, Њујорк или Рим, кои се истопорени на сите туристички каталози без разлика дали е сезона или не, Њу Орлеанс е град до кој што се стигнува ако сакате непланирани полукружни свртувања. Не дека е надвор од картата, изминативе години е особено популарен, но и покрај тоа не влегува во шемата на класични дестинации. Убавината на Treme е што истово го потврдува. Со секоја епизода открива оти ова место на брегот на Мисисипи е како и сите други во светот кога луѓето се во прашање, ама по сè останато, тоа зрачи со посебност за која што, за да се забележи, не треба многу прашување.

Не е енциклопедија, не се ни обидува да биде, меѓутоа, шоуто разоткрива тајни, разјаснува дилеми, расчепкува по минатото, размислува за иднината, разгорува страсти и распалува по политичката корупција, по партискиот трулеж, по сè што го нагризува градот. Во епизодите има мрак, меланхолија и разочарувања, но не се изоставени и светлите мигови, веселото дружење и радоста од успесите, без разлика колку тие изгледаат безначајни или спектакуларни. Веродостојноста со која што сè ова е пренесено во телевизиска серија уште подлабоко ми ја вкопува мислата што одамна ми исплива во умот – дека мора да ја посетам NOLA. Ако ништо друго, барем за да проверам дали Treme кажува бабини деветини или ја зборува вистината за Њу Орлеанс.

Оцена: 96/100

Серија: Treme
Продукција: HBO
Премиера во САД: 11 април 2010
Автори: Дејвид Сајмон и Ерик Овермаер
Улоги: Вендел Пирс, Мелиса Лео, Канди Александер, Ким Дикенс, Кларк Питерс, Стив Зан
Извршни продуценти: Дејвид Сајмон, Ерик Овермаер, Нина Костроф Ноубл, Керолин Страус, Џејмс Јошимура

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

Остави коментар