Топ 5 МК албуми во 2011

Во деновиве кога ја ситниме 2011 година, многупати се кажа, а и ќе се повторува, оти изминативе 12 месеци се појави изненадувачки, можеби и  шокантен за наши услови, голем број албуми со домашна, македонска, авторска музика. Тоа што се радуваме на објавување на повеќе од 10 (со букви: десет) студиски изданија во една сезона тешко може да се класифицира како веселба. Без разлика на забавнава иронија, мераклиски е што по две-три години релативно оскудна понуда, оваа што ја испраќаме ни донесе позитивно салдо на сметката со компакт дискови (во поглед на бројноста, знам дека финансиски ситуацијата не била најсјајна).

Иако е сувопарна, статистикава е супер, но уште повеќе одушевува квалитетот на речиси сè што излезе годинава. Разбирливо, не на бесмислената поп-естрада, туку на независната сцена. На цеде или дигитално, беа издадени материјали од панк до џез и речиси сè помеѓу. Издржаноста, актуелноста и релевантноста за денешната ера – музичка и општествена – ми го отежна изборот, но на инспиративен начин. И покрај тоа што без проблем можев да направам листа од десет најдобри, одлучив како и лани, да селектирам пет. Годинашниов наплив ме залажува, но за да поверувам дека нешто тектонски се поместило на МК сцената, истово мора да се повтори барем уште две години по ред.

5. Elena Hristova & Goran Trajkoski – Bioscopia [SJF, 2011]

Како што без принуда си признав во рецензијата (клик горе на црвеното за потврда), не се водам од моментно популарната мантра за отфрлање на обработки, интерпретации и бендови и изведувачи со инспирации од македонската музичка традиција. Ако можат Африканци, Бразилци, Португалци, Американци и други националци, сè додека држи вода, не ми пречи кога истото го прават и наши уметници. Меѓу нив, секако, не се Џеј Џеј и неговите пајташи. Откако ова го расчистивме, можеме да прејдеме на главното – Bioscopia е монструозно потресен албум. И емотивно, и аранжерски, и изведувачки.

Повеќето ќе го отфрлат од проста причина оти не е кул да ти се допаѓа “етно”, но не и зашто Елена Христова ради-реда ги отпеала песните или бидејќи Горан Трајковски не се потрудил да направи свеж исчекор. На ова нивно прво заедничко цеде се случува спротивното – обајцата работат со позната срцевина, но ја обвиткуваат со поинаква школка. Резултатот е елегантна авантура со кинематографски елементи низ која што водилка е вокалот, а двигател, електронската звучна подлога. Тоа е потсетник дека ако се третира со почит, традицијата е инспиративна – и за авторот и за слушателот.

4. Vasil Hadzimanov Trio – El Raval [SJF, 2011]

Деби-албумот на новото трио на Васил Хаџиманов фино би се вклопил во рубриките “занимливости” оти е прв диск на кој што популарниот музичар свири на акустично пијано, бидејќи е издание од специјално собрана постава и снимено во Скопје, зашто овие инструменталисти живеат и работат во три различни земји. И покрај “забавниве факти”, највпечатлива страна на El Raval е чистата енергија, извонредната “хемија”, меѓусебното “читање” на инструменталистите од која што произлегува акустичен џез веродостоен на 60-тите години, во кој што е влеан живот од новиот милениум.

Отсвирен и аранжиран вака, со тапани и со акустичен контрабас и пијано, овој џез ја има несреќната судбина да звучи старомодно. Ако се мине оваа патека со пречки, на финиш-линијата се забележува дека Vasil Hadzimanov Trio црпи и од длабок бунар други модерни стилови, како рок, фанк и соул, што ги инкорпорира во образецот на традиционалниот, акустичен, џез. Згора на тоа, визионерскиот ум на продуцентот Тони Китановски и инстинктивната рака на снимателот Ален Хаџистефанов го грабнале грувот со кој што бендот свирел во Домот на АРМ и го зачувал на цеде.

3. Kodjabashia and Foltin feat. Goce Stevkovski – Penelope X [Litium, 2011]

Пред да го објават заедничкиот диск, не се сеќавам дека низ глава ми прелетала идеја за спој меѓу “Фолтин” и Никола Коџабашија. За тоа нема никаква конкретна причина, едноставно, невозможно е однапред да се замислат сите логични и бизарни креативни соработки. Токму, пак, поради тоа, кога ќе се случат, се доживуваат поинтензивно во споредба со моментите во кои предвреме градиме кули од очекувања, за тие потоа да се срушат во секунда, како да се направени од карти. И да беше таква ситуацијата, за Penelope X само ќе се зацврстеше конструкцијата на восхитување.

Со или без претпоставки, уште пред да го истрчате првиот слушачки круг, албумов си се продава себеси како генијална играчка конзола, со таа клучна разлика што, освен забава, нуди и човечност, страст и способност за облагодарување на умот. Си ја има продорната интелектуалност по која што е препознатлив Коџабашија, а рамо до рамо со неа е запаливата енергија и ритмичка гимнастика на “Фолтин”. И едните и другите на самостојните изданија ги имаат двата елемента, ама материјалов во преден план ги исфрла нивните најдобри страни и го прави повеќе од прост збир на еден плус еден.

2. ХАХАХА – Танго револуционер [Направи заедно, 2011]

Како и “примарниот”, пославeн, бенд на Васко, Џано и Ненад, Bernays Propaganda, така и нивната втора креација, “ХАХАХА”, вирее, се храни, речиси зависи, од фанатичност кон јасноста. Во панкот и во хардкорот, принципот “тоа што гледаш, тоа и добиваш” е како древен транскрипт. Ако групата е гневна, тоа ќе се слушне на албум и ќе се види на бина. Доколку, пак, составот е мелодичен, тоа гордо ќе го исфрли во преден план. Скопската тројка ги спојува овие два пристапа на првенчето “Танго револуционер” и укажува дека речиси иста постава може да реши различни аудиоравенки.

Ако кај BP главната (не)позната е денс-грувот, кај “ХАХАХА” тоа е забрзаниот панк-пулс што беше вообичаена мерна единица за хардкорците во 80-тите години. Тоа го прави албумов малку носталгичен, свртен кон минатото, наместо кон сегашноста, но ова е само површна, надворешна, звучна слика. На “Танго револуционер” најчитлива е посветата напишана до големите панк-мајстори, меѓутоа, забележливо е и искуството и изминатите километри и труд на триото во другите свои групи. Стиховите се тие што го вземјуваат бендот во денешницата. Уште побитно, во Македонија и во Скопје.

1. Страјк – Кутија [Шурикен, 2011]

Лоцирањето на жанровските сличности меѓу “ХАХАХА” и Страјк е како барање јадро на клетка без електронски микроскоп. На текстуален план, пак, таквата апаратура не е потребна, бидејќи хип-хоп-артистот и панк-бендот рецитираат и пеат за истите луѓе, за истиот град, за истата земја, но на поинаков начин. Иако и првиот е прилично жесток, сепак, на вторите им припаѓа титулата за директност. Ова се само дел од причините кои ме малтретираа додека решавав кој ќе ми биде МК албум на 2011 година, а таа што пресуди е банална, непотребна, шуплива – правецот на музиката.

За човек што претпочита гитари и ритми од рими и ритми, ова е тешко признание, но реалноста е таква, хип-хопот е музиката на сегашните генерации. Страјк со “Кутија” се наметнува како виртуоз на стиховниот скалпел со кој што ја секцира Македонија од личен и од општествен агол. Овој рап-автор на естрадните мајстори на циркузот им демонстрира како се креира ем страшно прониклив, ем баеги слушлив хип-хоп. Не ме интересира дали и колку е несоодветно, токму овој факт ја турна вагата на негова страна и албумот заврши на врвот на листата. Сега мнозинството од клинците се на ред – тие треба да ги заменат рап-кловновите со музика која има суштина.

Топ 40 странски албуми во 2011 [40-21]
Топ 40 странски албуми во 2011 [20-11]
Топ 40 странски албуми во 2011 [10-1]

Слични написи

1 коментар

PENELOPE X 29/12/2011 - 16:20

Велика Благодарност со хепи њу ијар и коле де леде. PENELOPE X

Reply

Остави коментар