Топ 40 странски албуми во 2011 [20-11]

Поради лесната достапност, неверојатнот широкиот избор на музика може да нè залаже да си помислиме дека сме слушнале буквално сè, дека повеќе не постојат неизмислени нешта во универзумот на звукот, дека мора да го фрлиме пешкирот зашто популарните аудиожанрови го загубија капацитетот за инспирација. Како и секоја година во изминатава деценија, така и во 2011 се појави планински венец од дискови од испувани, заслужено ценети и неосновано игнорирани изведувачи и многу од нив понудија претходно нечуени стилски решенија или внесоа свежина во постоечките. Тоа само докажува дека не е виновна музиката што се објавува, туку дека самите се програмираме себеси однапред да ја отфрлиме, без таа да ја добие вистинската шанса што ја заслужува. Меѓу другите, изминативе 12 месеци им ја дадов и на овие 12 плочи и тие се најдоа од 20 до 11 место на листата.

20. The Antlers – Burst Apart [Frenchkiss, 2011]

По емотивно исцедувачкиот и потресен трет албум, Hospice, што ги исфрли во првата инди-лига, не изненади што на следбеникот, The Antlers решија да олабават за степен повеќе од очекуваното. Оставајќи ја далеку зад себе детализираната концептуалност и чувствена пустела на претходникот, групата од Бруклин креирала отмена колекција од рок-парчиња вкусно накитени со синтизајзери, електроника и одлучно поп-влијание. Нумерите на плочата не ги сврзува една приказна, а сепак, ова е нагласено албумска целина, што се џвака и голта полека. Има неколку композиции што отскокнуваат, кои би развеселиле и онака раскикотен домашен жур, но Burst Apart воодушевува повеќе со компактноста на вкупниот збир на индивидуалните елементи. Уште поимпресивно е што на бендот му поаѓа од рака ова да го изведе правејќи нагло полукружно емотивно свртување во значително посветли простори.

19. Real Estate – Days [Domino, 2011]

Каверот на вториот албум на Real Estate беспрекорно ја опишува мисијата што пред себе си ја поставиле членовите на бендот од Риџвуд. Тие се вљубени во жолтиот песок, белите монтажни куќи (бараки, на македонски), брилијантно чистото небо и секако, во бесконечното синило на океанот. За разлика од групите опседнати со слични детали, а кои што доаѓаат од западниот брег на САД (како Red Hot Chili Peppers или Incubus), петорката од источната сојузна држава Њу Џерси на Days емитува позитивен дух, но не го користи за гарантирано взаемно уништување (MAD). Ова е весела, насмеана, збирка песни што гледа на убавата страна на животот, ама е и доволно меланхолична за да не се претвори во циркус на вештачки окезени ликови. Убаво, опуштено, смирувачко е чувството откако ќе го ислушате. Најмалку не исцрпува. И иако тоа може да значи и дека не исполнува, резултатот е обратен – неговиот отпечаток ќе го носите со денови.

18. Oathbreaker – Mælstrøm [Deathwish Inc, 2011]

По Американците Trap Them и All Pigs Must Die, Белгијците Oathbreaker се бендот што на оваа листа ја брани европската чест кога станува збор за хардкорот метализиран со грајнд, дет и особено, блек-елементи. Не се разликуваат драстично од колегите преку Атлантикот, звукот им труе на мочка и оцет (piss and vinegar) и повеќе се напалени да предизвикаат бура во умот и во телото на слушателот, да го смират вознемирувајќи го, наместо да го напиздат со зен-рамнодушноста. На Mælstrøm е тешко да се најде барем една секунда во која што бендот не крвари за песните, што мајсторски ги напишале, да зграпчуваат со енергија што не познава воздржаност. Ова е жанровски, изведувачки и текстуално пореметен хардкор што во десет секунди набива повеќе моќ отколку цела дискографија на U2 и Coldplay заедно. Доволно е само едно слушање на албумов за да заклучите дека сте се подложиле себеси на духовно хемиско чистење.

17. Foo Fighters – Wasting Light [RCA, 2011]

Со оглед на тоа што за рок-ѕвездите градиме претстава од тоа што го гледаме на спотови, интервјуа и концерти, го читаме од текстови или го наслушнуваме од таблоидски оговаранции, колку и дали воопшто ќе веруваме во портретот што тие го сликаат за себе, најчесто, е прашање на личен избор. Кога е во прашање Грол и музиката во која тој имал делумен или стопроцентен удел, не сум имал дилема дека таа е направена од безрезервен рок-обожавател. Иако Дејв одамна е камелеон чија промена на групи и проекти понекогаш е тешко да се следи, Foo Fighters и понатаму е бендот со чија помош тој ја води фановската романса со рокенролот во сите свои бои. Знам, мојов став за суперстар од ваков калибар е прилично романтичарски, но вината зошто тоа и во иднина ќе биде така ја сноси новиот албум на составот, Wasting Light.

16. Yuck – Yuck [Fat Possum, 2011]

Сите 12 композиции на дебито на бендот основан во 2008 година се полнокрвни парчиња алтернативен рок што е свесен дека убавата мелодија може да се скрие и кога колективната бучава го достигнува врвот и кога гитарските соло-испади се во центарот на вниманието. Оваа нитка најмногу го приближува составот до Dinosaur Jr. и препознатливата нечиста мелодичност на Џеј Маскис и Лу Барлоу. На современата, инди-рок, сцена, таква отворена слушливост ретко се среќава, најмногу зашто потсетува на 90-тите, кога гитарите не беа интелектуализирани до смрт – и кога треба и кога не треба. Без потреба да одушеват некого, младите англиски рокери решиле да отсвират што им лежи на душа – само тоа и ништо повеќе. Нивната формула можеби е застарена, но бендот звучи посвежо од низа други млади состави кои, за да бидат модерни, избираат да бидат “зрели”, но со тоа и – досадни. Е, тоа, е бљак, а не деби-албумот на Yuck.

15. J Mascis – Several Shades of Why [Sub Pop]

И покрај тоа што се еден од најбучните состави на независната сцена, со звук што често не е ништо повеќе од аудиосад во кој што се претопуваат различни тонови, Dinosaur Jr отсекогаш биле нежни, романтични, беседници. Уште еден доказ дека зад нивната дисторзирана нечистотија се крие мелодиска брилијантност е новиот, акустичен, соло-албум на фронтменот на групата, J Mascis. Гласот што обично го слушаме заглавен во ноиз, на цедево сјае во истурената, главна, улога. Тоа што J Mascis го прави како кантавтор не поместува никакви фолк-граници или инди-критериуми за оригиналност. Ова е алтернатива, засилена со оркестрации, но базирана на едноставна, композиторска, формула. Ако некој музички аналфабет се решеше за ваков чекор, резултатот ќе беше погубен за слушателите, но бидејќи во прашање е J Mascis, сè е направено со вкус, со аристократско чувство за пишување вистински ноти на вистинско место. Ќе има навраќање на албумов. Сигурно.

14. The Streets – Computers and Blues [Atlantic, 2011]

На Computers and Blues има малку цинизам, а иронија и исмевање на своја и на сметката на модерниот човек – колку сакаш. Сепак, најпозитивно е колку сето тоа звучи “пријатно за уши”, како што вели и самиот автор. Со оваа плоча Мајк Скинер го закопува својата “улична личност”, но таа не звучи како поп-саундтрак за погребот на групата. Албумот е создаден, како и самиот бенд и сета негова слава, на компјутер, а во него како да нема ништо тажно. А зошто би имало, кога преку Computers and Blues и повеќето негови претходници The Streets ќе продолжи да живее во ДНК-кодот на современата интелигентна поп-музика. До кога, тешко е да се насети, но да се надеваме дека тоа ќе трае долго откако оваа музичко-генетска жица ќе мутира до точка на непрепознавање. Или на глупавост, сеедно.

13. Jamie Woon – Mirrorwriting [Polydor, 2011]

Со електронската, бас-ориентирана и дабстеп-подлога, со нотите што ги напишал и особено, со гласот со кој што ги отпеал, лондонскиот кантавтор си се вброил себеси во малата група артисти од чиј талент за вадење од колосек не се бега, туку се посакува. Најмногу денес, во ерата на рамнодушност – секаква, па дури и уметничка – сите треба да копаме по дела што ќе нè исфрлат од шините на безволноста. Потенцијал за инспирација од такви размери има Mirrorwriting. Тоа што Џејми Вун го напишал на албумот е огледало за тоа каква убавина се крие во музиката со душа. Соул била таа или не, кога ја слушате, од нејзиниот отсјај добивате слепило за сè бездушно околу себе – од технологија, преку држава до (не)луѓе.

12. All Pigs Must Die – God is War [Southern Lord]

Свирењето чичка нов, претходно нечуен, звук, и не така ретко, не вреди ниту денар, ако е малодушно. All Pigs Must Die, бенд составен од членови на Converge, The Hope Conspiracy и Bloodhorse, пржи хардкор. Тоа што е набилдан со дет и блек-метал, грајнд и панк, Д-бит и ноиз, не го прави свеж. Формулава е позната на сцената, но степенот на агресија, бескомпромисност, гнев, лутина и конфронтација е меѓу најимпресивните во последниве пет-шест години. Потсетува на Doomriders, ама ослободен од зезањето и иронијата кои се нераздвојни од стилот на овој состав. Звучно, филмот им е сличен, но за разлика од нив, APMD се ѓаволски сериозни во намерата да срушат сè што ќе им се најде на патот. А бидејќи му се намерачил на светот, што секојдневно нуди свежи поводи за да му бидете накурчени, бендот меле (буквално) поттикнат од реалноста. Ова е чиста катарза. Перфектен музички отсјај на гадостите на човечката раса.

11. The Atlas Moth – An Ache for the Distance [Profound Lore, 2011]

Мојот Last.FM профил укажува дека имам мака со намалувањето на дозите слушање Katatonia. Не се во врвот на таа листа, но и Neurosis ми се меѓу бендовите што ми ја нажуваат кожата слично како и првоспоменатите Швеѓани. Кога неодамна ги открив The Atlas Moth, нивното второ цеде, An Ache for the Distance, го искинав од вртење оти во него го најдов вистинскиот баланс меѓу дум-рок-металот и слаџ-паранојата што ги прави препознатливи двата претходно наведени состави. Групата од Чикаго ќе мора да срка уште житарки збогатени со витамини за да стигне кое било од двете поискусни имиња, ама и по само четири години од основањето, е на добар пат. Ова е суперхеви звук. Неговата тежина е разорна, суровоста зачувана, продорноста застрашувачка. И покрај тоа, не бега од мелодија, туку ја прегрнува и ја фрла на места каде што не би се осмелиле многумина. Им успева зашто таа е мрачна, но и чудесно возвишувачка.

[Утре, 28.12.2011, следуваат албумите од 10 до 1 место на листата]

Слични написи

Остави коментар