19/08/2018

Топ 40 странски албуми во 2011 [10-1]

Постирано на 28/12/2011 од во Статија

Ако морам да изберам еден, единствен, заклучок, што ќе ја дефинира музичката година што деновиве ја оставаме зад нас, тој би бил дека изминативе 12 месеци се изнаслушав извонредни изданија од етаблирани артисти, но кои некое време не се во фокусот на медиумите и на фановите. Терминот камбек-албуми е несоодветен, ама веројатно најмногу се приближува до тоа што во 2011 го направија голем број изведувачи што не престанав да ги почитувам, меѓутоа, во претходните неколку сезони не ме дрмаа со својата креативност како што од нив се очекува. Нормално, солиден процент од листата им е отстапен на имиња што се или дебитанти, или, пак, го објавуваат одвај второто цеде во кариерата. Без разлика на овие анализи, важно е дека деновиве се простуваме од не толку драматична и револуционерна, но несомнено, убава музичка година. Тоа го знам оти во следната со сигурност ќе им се навраќам на значителен дел од насловите од ова топ-40-рангирање на странски албуми.

10. The Field – Looping State of Mind [Kompakt, 2011]

Алекс Вилнер е уметник што со создава електронска музика по мој ќеиф. Не е никаква тајна, откритие на годината, деценијата или векот, а сепак, дигиталните композиции што излегуваат од неговата студиска фабрика, отсекогаш отскокнувале од околината. Причината за тоа проста – тој знае да продуцира, но и да компонира. Сето тоа го прави минималистички, питомо, употребувајќи бас, синтисајзери, мелодија и многу лупови. Последниов детаљ, како што и вели насловот на неговиот трет албум, Looping State of Mind, го принудува умот да се лаже дека се врти во круг, кога, всушност, The Field го носи од точка А до точка Б. Тоа се одвива со трпение што буди чувства, поттикнува размислување, овозможува возење и гарантира прочистување. Ова лесно може да се смета за музика за медитација, но спротивно од очекуваното, наместо пасивност, таа инспирира на активност – умствена или телесна.

9. Trap Them – Darker Handcraft [Prosthetic, 2011]

Конструкцијата што американската петорка ја гради на својот последен албум е екстремно цврста, мајсторски компактна и дивјачки рудиментарна. Потсетува на тоа што изминативе години го прават Disfear и Doomriders, двете веројатно најистурени имиња на оваа мала, ама мошне почитувана сцена. Сите три групи ги поврзува треш-металот и краст-панкот, но ако препознатливоста на вториот бенд од оваа банда е наклоноста кон јужњачкиот рокенрол, кај Trap Them тоа место е резервирано за грајндкорот. Овој правец се појавува само повремено во својата најочигледна, цунами-форма, а на поголем дел од цедето е присутен симболички, преку неговата хаотична бруталност. Тоа, како и насловот на албумот, Darker Handcraft, ја отсликува уникатната способност на Trap Them за рачна изработка на мрачна музика. Во нејзината стапица – доброволно – ќе се фати секој што лови бендови кои се искрени во искажувањето на личната потреба за дисторзирана жестина.

8. The Decemberists – The King Is Dead [Capitol, 2011]

Изданиево прикажува елегантна едноставност и умна радиоприфатливост по која што R.E.M. беа најпознати во 90-тите години. И да не знаете дека на Don’t Carry It All, Calamity Song и Down By The Water свири Питер Бак, гитаристот на влијателните и популарни алтернативни рокери, името на R.E.M. е првото што ќе ви прелета низ глава откако ќе го заслушате The King Is Dead. Пејачот на The Decemberists, Колин Мелој, самиот изјави оти е инспирација за новиот албум на неговиот состав е бендот предводен од Мајкл Стајп. Музички, реално, тие не се претерано слични, до точка во која што повеќе ќе личат на фотокопија наместо на симпатично, ново, уметничко дело што е оригинално, но со кое авторот сака да искаже поклонение кон постарите колеги. Разликата е проста: ако R.E.M. има панк-темели, квинтетот од Портланд е вкоренет во фолк и кантри-традицијата на САД. Сепак, тоа што може да се слушне на The King Is Dead е инди-рок, но со широко влијание од сцената што им ја крева косата на хипстер-критичарите по почетокот на новиот милениум – алтернативната.

7. Thrice – Major/Minor [Vagrant, 2011]

Наместо пување преку различни форми на дефокусирачки маструбации, составот го вложува секој прст, гласна жица и скочен зглоб за да креира звучен концентрат што буди морници. На тоа се надоврзува романтиката што веќе е стандард за стиховите на Кенсру, кој знае како да пее за врски, осаменост и остали интровертни ситуации без да претера и да заглави во мочуриштето на испраните емо-групи. Признавам, текстовите на албумов ни од далеку не ме акаат од земја како музичко-мелодиско-продукциската страна. Знаејќи оти бендот во поетска смисла уште од своите почетоци не ми беше баш најпоетичен, ова ниту сега не им го земам за зло. Не се лоши, ама па во зборовите не ја гледам мајсторијата на Major/Minor туку во компонирањето. Во овој оддел, Thrice се надминаа себеси. Се издигнаа до нов врв што ќе им послужи како точка од која што ќе почне нивната следна потрага за сопствено редефинирање. Ќе мора да почекаме за да видиме дали таа ќе има исклучиво дурска, само молска или, пак, комбинирана насока.

6. Fleet Foxes – Helplessness Blues [Sub Pop, 2011]

Кога во 2008 година го збришаа светот како торнадо со деби-албумот именуван според бендот, го увидов потенцијалот за величина на Fleet Foxes, но не ме зграпчија целосно, чувствував дека им фали допечување во рерната на искуството. Тоа го добив во тројна доза на нивната втора плоча, Helplessness Blues. Има неброени примери на автори кои својата пишувачка суровост ја замениле со зрелост и се избрукале. Бендот од Сиетл на новото цеде маестрално го пронаоѓа балансот меѓу нерасипаната живост прикажана на првенчето и значително подобрената креативна кондиција. Формулата не е променета, ова е истиот стар американски фолк модернизиран со рок и поп-компоненти, еден рид инструменти и колективно пеење. Паралелно со сето ова е писателската способност за зборовна игра во стиховите. Тие безмалку совршено ја заокружуваат блуз-беседата за беспомошноста. И покрај темата, таа е извонредно исполнителна и инспиративна.

5. Rwake – Rest [Relapse, 2011]

Самостојните гитарски испади се појавуваат на три-четири места, но со албум од четири песни и три куси воведно-преломни парчиња, тоа е логично. Сепак, солирањата на дисков не се никаков вишок, во нив нема кочоперење. Тие испливуваат во највистинското време на највистинското место во песните. Почесто се среќаваат како куси, лид-рифови, како на стартот на Was Only A Dream. Во таа форма, тие се однесуваат како трактор што ја завлекува композицијата додека таа не почне на своја рака да ора нови и да ги прекопува старите бразди во мозокот. Имајќи предвид дека се од јужните делови на САД, аграрнава паралела делува, ама не е предрасуда на сметка на луѓето што печалат леб од оваа дејност. Тоа што Rwake го прави на Rest најверодостојно се дефинира како музичко земјоделие. Резултатот е богата жетва на природен хеви-звук што годинава има разредена конкуренција.

4. Destroyer – Kaputt [Merge, 2011]

Од купиштата инди-албуми што излегоа годинава, Kaputt на Destroyer ми се врежа како најимпресивен речиси од прва, мазно, без непотребни драми и анализи. Ме освои со топлината на звукот и со неортодоксното делкање на веќе застареното поп-стебло. По надворешната плетка, тоа што Дан Беихар го прави би требало да му обезбеди високо место на пирамидата на комерцијалните радиостаници, но овој убав музички џемпер под себе крие симболи, повеќесмисленост и шифрирани пораки од кои што славните водители и диџеи ќе ги фати с’клет. Веројатно е непотребно тежок и извикан збор, ама срцевината на оваа слатка аудиорапсодија наједноставно се опишува со – мистичност. Не од оние исфорсирано трансцедентални, вештачки филозовски, туку од тие што ни ги отвораат чакрите со човечки близок емотивен јазик. За да го разберете, не мора да ги читате стиховите, да копате по анализи, да ринете низ интервјуа. Доволно е широко да ги начулите ушите и – да слушате.

3. The Roots – Undun [Def Jam, 2011]

На поновите плочи, The Roots го замени микстејп-пристапот за унифицирана целина. Тоа е најочигледно на Undun, кој е првото концептуално издание на групата. Ова цеде, хип-хоп-бендот го завршува со четириделна инструментална импровизаторска епска композиција. Со тоа, составот како да сака да каже дека на крајот, што во овој случај е почетокот, сите сме еднакви, дека сме потполно исто, бело платно. Во каков стил тоа ќе се слика, во голем број од случаите зависи од неколку или само една погрешна (или исправна) одлука во животот. Оваа грандиозно глобална, но на основно ниво, разбирлива анализа, добива човечка боја со стиховите и со потресните соул-мелодии распрснати на целиот диск. На неговата последна зборовна точка, групата вели: The scales of justice ain’t equally weighed out. Only two ways out, digging tunnels or digging graves out. Со тоа The Roots како да нè потсетува дека, често, текот на животот се решава во една секунда – поради неа можеме да се прославиме или да пропаднеме (Undun).

2. Yob – Atma [Profound Lore, 2011]

Без предзнаење може да се дојде до заклучок оти најголем дел од материјалов е изроден од од џем-сешнс. Меѓутоа, се чувствува дека речиси и да нема парче на дискот на кое што членовите не му ја предале целата посветеност. Како поинаку тие би дошле до брановитиот брејкдаун на 120 секунди пред крајот од Prepare the Ground. Без најизострен фокус немаше да има џаначки мелодичен риф-превој во третиот дел на Atma, мајсторски темпирана мртва тишина во седмата минута од Before We Dreamed of Two или гитара што урива планински масиви на половина од Upon the Sight of the Other Shore. Ако бендот не го вложуваше секој атом, ќе ни беше ускратен феноменалниот вовед, перипетија, експозиција, заплет, кулминација и расплет на Adrift in the Ocean. Всушност, свесен за ризикот дека ќе звучам сиренкасто, ако Yob преку музиката не се обидуваше подлабоко да продре во суштината на своето “јас” (Atma), нивната шеста плоча ќе беше штуро парче пластика што само ја загадува околината. А не како што е сега, прониклива медитација за хуманоста, животот и битието. Крајно религиозно, знам, но поради извонредната способност да копа по умот и организмот, албумот заслужува да основаме една во негова чест.

1. Ry Cooder – Pull Up Some Dust and Sit Down [Nonesuch, 2011]

Ниту на крајот од паметот не ми беше дека за албум на годината ќе го изберам токму 14-тото издание во кариерата на Рај Кудер. Изненадувачки, по кусо премерување на првите десет наслови во рангирањето – подеднакво вредни да се најдат на врвот (не е празна изјава, искрено мислам така) – се одлучив за тој на 64-годишниот кантавтор оти е потсетник дека возраста не е пречка за создавање величенствени дела. Ова е многу, дури и застрашувачки, едноставна, приземна, необременета плоча за луѓе, напишана на искрен хуман начин од искусна човечка рака и мудра душа. Нема никаква причина овој мајстор на звукот и песната да биде релевантен денес. Гледано на сцената, воопшто и не е, но и покрај овие заклучоци извлечени исклучиво поради неговата возраст, тој на свет донесе цеде што значително посуштински продира во неговите маки, отколку кое било друго остварување годинава. Кога таков потег ќе изведе лик одамна отпишан од околината, најмалку што можам да направам е да го ставам најгоре на топ-листата.

Топ 40 странски албуми во 2011 [40-21]
Топ 40 странски албуми во 2011 [20-11]

[Утре, 29.12.2011, следува “Топ 5 МК албуми во 2011”]

Тагови: , , , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>