21/09/2018

Топ 40 странски албуми во 2011 [40-21]

Постирано на 26/12/2011 од во Статија

Речиси сè во музичкиот свет е циклично. Бендови, трендови и жанрови доаѓаат и си одат. Ги снемува, за по некое време, пак да испливаат на површина божем реформирани и освежени. Истото, барем во мојот случај, важи и за слушањето. Консумирам звук како хардкор-зависник, тоа е статистичка константа, но не ми се непознати периодите кога тоа го правам со намален интензитет. Годинава ќе ја пречкртам како таква, во која што се дружев со свежи изданија од нови и од стари изведувачи, ама ги вртев по два-трипати, а не како стандардно, најмалку со десетина повторувања. Не знам колку тоа ја намалува тежината на листата, од која што денеска е објавен првиот дел, меѓутоа, стојам зад изборот. И онака тој не е документ за навек изрезбан на камен, туку само уште еден од многуте несовршени обиди за рангирање на најдобрата музика изминатите 12 месеци напишани од луѓе кои, најпрво и најбитно, се дефинираат себеси како – чесни фанови.

40. Bon Iver – Bon Iver [Jagjaguwar, 2011]
39. Junior Boys – It’s All True [Domino, 2011]
38. Low – C’mon [Sub Pop]
37. Stephen Malkmus and the Jicks – Mirror Traffic [Matador, 2011]
36. Red Fang – Murder the Mountains [Relapse, 2011]
35. James Blake – James Blake [Polydor, 2011]
34. Jay-Z and Kanye West – Watch the Throne [Def Jam, 2011]
33. Mogwai – Hardcore Will Never Die, But You Will [Rock Action, 2011]
32. The Kills – Blood Pressures [Domino, 2011]
31. Beastie Boys – Hot Sauce Committee Part Two [Capitol, 2011]

30. My Morning Jacket – Circuital [ATO, 2011]

Ореол, не смее да биде поинаку, на Circuital се стиховите на Џејмс. Младоста, поточно одржувањето на детето во себе, се чини како тема што се провлекува во повеќето од текстовите. Односно сè што е на некој начин поврзано со човечката желба никогаш да не го загуби жарот што сите го чувствуваат во годините кога откривањето е поважно од сè, наместо прикривањето зад оправдувањата, како што бива во возрасната фаза. Тоа не го прави Circuital резигниран, циничен, диск од разочарани луѓе, туку плоча на човечки суштества што грчевито бараат начин како да останат млади во душа. My Morning Jacket, со професијата што ја избрале, рокенролот, за тоа имаат поголеми шанси од повеќето од нас, изрокани работејќи сè што треба за да преживееме. Во тие мигови, албумов или дури добар блек-метал, и тоа како служи како извор на младешка енергија.

29. Mastodon – The Hunter [Reprise, 2011]

Очекувано, Mastodon доби гневни шлаканици токму поради стадионското лице што го покажува на The Hunter. Негодувањето го разбирам само доколку е чисто филозофски. Ако некој смета дека бендот нема што мајка да бара пишувајќи песни на кои што ќе се креваат раце, упаљачи (мобилни) и ќе се пее во хор, пеки, може да бљува оган со мое широкоградо одобрување. Ама доколку ми продава приказни дека составот тоа лошо го извел, дека композициите се баклава по Рамазан или свинско по Велигден, слатко ќе се изнасмеам. И без око да ми трепне ќе се нацртам на следниот концерт на составот и со хедонистичка леснотија грло ќе оштетам на Curl of the Burl, All the Heavy Lifting и Bedazzled Fingernails. Не зашто сум опседнат фанбој слеп за недостатоците на албумот, туку оти драстичната разлика на овој материјал во однос на претходните не ја сметам за недостаток. Не гледам ниту дека е некаква предност, ама немам проблем да увидам дека станува збор за издржана, зрела, фокусирана збирка авторски нумери.

28. Machine Head – Unto the Locust [Roadrunner]

Не дека им фалеше во изразот, а сепак, Machine Head токму со метализацијата (аха, да, кловновски е терминот) си ја поправи репутацијата. Да бидам поразбирлив, бендот го наполни кошот со поени преку мејденизам и пристизација (знам, очајни зборови дури и за измислени). Трешот си остана носител, меѓутоа, двојниот гитарски систем почна да гаѓа со мелодиски ракети од Through the Ashes of Empires, го засили нападот на The Blackening, а на Unto the Locust веќе е интегрален, нераскинлив, очекуван во стилот на квартетот. Сега добиваме груверски рифови полни маснотии наспроти гитарски лидови и солажи што скалесто се искачуваат до највисоките тонови. Појасна метализација од оваа, амин. Плус, да не ја заборавиме и тенденцијата за пишување епски композиции со повеќе поглавја – помејденска карактеристика тешко се наоѓа. Сето ова, на хартија, (или во блог-светот на нули и единици) изгледа ретро, носталгично. Иако е под силно олд-скул-влијание, седмиот студиски албум на четворката не се дави во него.

27. Feist – Metals [Polydor, 2011]

Најсвежото поглавје во дискографијата на Лесли Фајст е истовремено горчливо, слатко и мелодично. Не станува збор за откровение, албуми со сличен спој се снимале, а ќе се создаваат и во иднина, но остриот, благуњав и певлив вкус на оваа плоча е исклучително фајстовски. Изобилува со драматичност нагласена од оркестрациите, смирува со гласовниот пудинг и се влева во крвотокот со умниот избор на ноти, рифови и хармониски решенија. Расфрланите семиња дисторзиран и акустичен рок изр’туваат во мала градина од мелодиски растенија што сè прегрнуваат и обвиткуваат со пријатна топлина. Стиховите, што воглавно црпат зборови од љубовта, целината ја заокружуваат со дебела линија со силна чувствена боја. Feist решила дека Metals е збор што најмногу соодветствува со суштината на дискот, но тој не е студен и здрвен, како и физичката форма на која што е сместен. Содржи метали, меѓутоа, тие се од посебен, леслиев, периодичен систем на елементи.

26. Eleanor Friedberger – Last Summer [Merge, 2011]

Имиџот на наивност е меѓу најискористуваните методи на привлекување внимание од страна на произведувачите на ѕвезди од мегаиздавачките куќи, но некои кантавтори се способни да го зачуваат тој впечаток и во исто време, да зрачат со зрелост. На својот деби-албум, Еленор Фридбергер, едната половина од The Fiery Furnaces, звучи нежно, можеби дури и детски, ама нејзините песни ја отсликуваат како искусна потписничка на музика и стихови. Од старт до финиш, Last Summer е вкусна плоча, пријатна, лесна за восприемање и уживање, меѓутоа, таа прочистеност од калории не се постигнува без напорна работа и вроден талент. Уште во матичниот бенд беше јасно дека пејачката не само што ги поседува, туку и знае како да ги употребува и е свесна дека мора да ги негува овие две карактеристики. Наместо да се сопне и да акне на земја со првото самостојно издание, таа изненадувачки високо ги крена очекувањата за следното.

25. The Black Keys – El Camino [Nonesuch, 2011]

Знаев дека Дејнџр Маус од Gnarls Barkley е продуцент на El Camino, а тоа на терен (во превод: на слушалки) ми се потврди преку сличноста со Broken Bells, неговиот состав со Џејмс Мерсер од The Shins. Не знаев оти бил рамноправен автор со The Black Keys при пишувањето на песните, но уште по првото слушање ми се искристализира дека неговите прсти на позитивен начин го извалкале комплетниот материјал. Тука се крие никулецот на секој мрч напишан за албумот. Тие што негодуваат, велат дека причина за тоа е разводнувањето, потиснувањето на блуз-суровоста, нејзиното заменување со триковите на модерната продукција, за сметка на чистиот, нечепнат, рокенрол-звук од некои други, минати и наводно, поубави времиња. Неспорно е оти групата на седмата студиска плоча кокетира со меинстримот, се упростува себеси, го сече холестеролот од нумерите. Сепак, секој што тврди дека тоа е неподносливо празноглаво, има запек што го спречува да ужива во неоптоварената убавина на овие 11 композиции.

24. Girls – Father, Son, Holy Ghost [TPS, 2011]

Со оглед на тоа што за нив се крева пустинска бура од прашина, Girls е бенд лесен за мразење. Секој што ќе си дозволи тоа да биде пресудно при одлуката да ги избегнува по секоја цена, ќе пропушти супер-музика што фраерски ги врамнотежува минатото, сегашноста и иднината. Групата постои безначајни четири години, уште на првенчето демонстрира висока самодоверба, а на следбеникот докажа дека за неа има покритие. Полнејќи ги темелите на својот израз со густ сурф-бетон, составот на Father, Son, Holy Ghost ги зацврстува со челична арматура од дисторзија и сигурна изолација од поп-мелодии. Овие жители на Сан Франциско знаат и да развалат гласно, ама најчесто се држат до симпатично певуцкање на разновидни теми полни романтизам. Денешново цинично време брише под, ја исмева оваа наводна патетика, но Girls наоѓаат начин како да се држат до себеси без да паднат во бунарот на бездушноста.

23. PJ Harvey – Let England Shake [Island]

Во измислениот универзум на општествено-политички освестени ѕвезди, што, за разлика од нашиов, реален, не се шири, туку се смалува, Пи Џеј Харви отсекогаш заслепувала со продорните стихови и едноставната, но разорна музика. Така и на Let England Shake, истражувањето на историјата на конфликтите кантавторката го претворила во мистериозни, не така весели, лирики, на звучна подлога што, само на површината, може да се дефинира како некој алтернативен рок. Поли Џин сè уште во рака ја држи електричната гитара, што и тоа како се слуша на дискот. За Харви таа е најверниот придружник, како што акустичната им е на фолк-солистите од Америка. Напластени се и други, несекојдневни, инструменти, кои ја збогатуваат меланхоличната атмосфера, ама гласот и шесте жици ја имаат главната улога. Добро е што, како и нејзините обожаватели, Пи Џеј Харви не само што тоа не го заборавила, туку повторно, по којзнае којпат, нашла начин како да го подобри и да го изведе со свежина и со уверливост на дебитант.

22. Fucked Up – David Comes To Life [Matador, 2011]

Кога прочитав дека за следниот студиски албум Fucked Up му се намерачиле на рок-опера-форматот, не знаев зошто, ама цврсто бев уверен оти нема да се посрамотат. Хардкор-панкот не е ниту приближно до прва асоцијација за овој извикан начин на изразување. Тој беше прославен од имиња како The Who, David Bowie, Lou Reed и Genesis. Канадските тврдокорци никогаш не влегувале во вообичаената шема на оваа сцена, но нивната широкоградост отсекогаш им одела во прилог на жестокоста што е нераздвојна од ваквите бендови. На David Comes To Life групата прикажува амбиција и храброст за нафаќање со раскажување грандиозен концепт без притоа бесчувствително да ја избрише суровоста од својот израз. Тука има сè што треба да поседува еден панк-албум: гнев, конфронтација, политика и катарза. Наместо да ги претстави во лути 20-тина минути, составот ги набива во електрични час и 20 минути. И не е досаден.

21. East of the Wall – The Apologist [Translation Loss, 2011]

Отприлика на половина од Linear Failure, втората песна од новиот албум на East of the Wall, The Apologist, свирењето се претвора во извонредно мелодично гитарско и бас-беседење со неверојатен џез-предзнак. Нешто подоцна, сè тоа се брише, испарува како и никогаш да не постоело, а го заменува добош, фус-чинела и придушениот врисок на вокалистот. Потоа пеколот се отвора со металски рифови, скршени ритми и финишира со хеви-грување типично за искусните стоунер и слаџ-групи. Ова радикално скокање меѓу жанрови, емоции и атмосфера не ограничено само на една песна, туку е ср’ж на целата плоча и насушна потреба на секој член на составот. Тие, освен што се силни на композиторски план, тие имаат црн појас (осми дан), кога инструменталната изведба е во прашање. Нивните нумери се напишани како боречка вештина – тие бараат голема посветеност за да се научат и нудат огромно задоволство на тие што ги слушаат.

[Утре, 27.12.2011, следуваат албумите од 20 до 11 место на листата]

Тагови: , , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>